|
||||
Првата христијанска општина во Европа |
Св. Апостол Павле и Македонија Освен во Светото Писмо на Стариот Завет интересни податоци за Македонија и за Македонците наоѓаме и во Светото Писмо на Новиот Завет. Притоа, овие податоци, во најголемиот број случаи, се поврзани со животот и дејноста на светиот апостол Павле - овој апостол на апостолите, кој од прогонувач на христијаните станал ревносен проповедник на новото учење. По своето обраќање во христијанството апостолот Павле извршил повеќе благовеснички патувања, на коишто тој го проповедал новото учење, организирал нови христијански општини, а старите ги утврдувал во новата вера. Своето прво патување надвор од Азија, како што веќе имавме случај да кажеме, светиот апостол Павле го направил во Македонија. Тоа започнало во 51 год. и завршило во 54 год., при што во текот на тие години апостолот Павле посетил и некои грчки градови, каде што, исто така, биле основани христијански црковни општини. Според книгата „Дела на светите апостоли“, кога апостолот Павле се наоѓал во Троада, му се јавил на сон еден човек Македонец, којшто го молел велејќи: Премини во Македонија и помогни ни! (Дела 16,9). Народот, којшто, пред повеќе векови, штитејќи ја Европа се кренал против Азија и со силата на своето оружје ја покорил, сега самиот го повикува апостолот Павле, за да ја донесе во Македонија големата идеја што се родила во Азија; и апостолот Павле веднаш се одзвал на македонскиот повик. Уште истиот ден тој и неговите блиски соработници, кои го придружувале, - Сила, Тимотеј и Лука, отпловиле од Троада за Самотраки, каде што преноќиле, а на следниот ден се нашле во Неапол, којшто се наоѓал спроти островот Тасос и бил пристаниште на големиот град Филипи (Дела 16,11). Градот Филипи се наоѓал на три часа пат (15 километри) од брегот на Егејското Mope. Неговото најстаро име, познато на историјата, било Криниди (krvvides,h krhvis, - извор), што во превод би значело Град на изворите. Така е наречен овој македонски град заради многуте извори што се наоѓале во неговата околина. Во близина на Филипи имало, исто така, богати наоѓалишта на сребро и злато, кои им биле познати и на Феничаните. Херодот (VI, 44-48) зборува дека жителите на островот Тасос граделе воени бродови и утврдени места, затоа што биле богати. Основните нивни приходи доаѓале од рудниците за злато во Скаптесила (брегот спроти островот Тасос)110. Тука, уште во најдлабока древност, било развиено рударството и ковањето на монети (Херодот V, 17,23; VII, 109). Подоцна градот бил наречен Датос, а откако Филип Македонски го проширил и утврдил, градот почнал да го носи името Филипи, во чест на овој знаменит македонски цар. Од тоа време градот Филипи започнал интензивно да се развива и долго време бил главен град на Македонија. Во 168 год., кога Павел Емилиј го победил македонскиот цар Персеј, заедно со цела Македонија и Филипи паднал под римска власт. Римскиот император Август го удостоил со посебна чест градот Филипи, доделувајќи им на неговите жители римско државјанство што значи дека тие станале римски државјани. Од тоа време градот Филипи почнале да го нарекуваат колонија на Август Јулиј. Можеби имено затоа во Дела на светите апостоли (16,12) овој македонски град е наречен прв град римска колонија во тој дел на Македонија. Градот Филипи бил средиште на жива културна, религиозна и трговска дејност. Низ него поминувале сите поважни патишта што го пресекувале Балканскиот полуостров, вклучувајќи го и Via Egnatia (Егнатиевиот пат), којшто ја пресекувал Македонија од едниот до другиот крај. Познат е по тоа што е обновен од голем македонски цар, сведок е на настаните поврзани со паѓањето на Римската република (во 42 год. пред Рождество Христово кај Филипи Антониј и Октавиј ги победиле Брут и Касиј) и е првиот град во Европа, каде што било проповедано и прифатено христијанството. Уште со самото пристигнување во Филипи, апостолот Павле и неговите соработници започнале да го проповедаат новото учење. Тоа тие го правеле надвор од градот кај една река, каде што месните жители имале обичај да излегуваат на молитва. Првите слушатели на апостолот Павле биле, пред се`, Македонци, кои, по стар обичај излегувале надвор од градот, да се молат кај реката. Тешко е да се прифати дека надвор од градот, кај реката, имало Јудејска синагога или пак некаков друг помал молитвен дом на Јудеите, каде што тие се молеле и дека имено во тој молитвен дом Христовиот апостол го проповедал новото религиозно учење. Co таквата претпоставка не можеме да се согласиме заради следните неколку причини: 1. Евреите, коишто живееле во Филипи, биле сосем малубројни за да имаат свој молитвен дом и ако имале, тој сигурно ќе се наоѓаше во пределите на градот, а не надвор од него; 2. Од Посланието на светиот апостол Павле до Филипјаните може да се заклучи дека во Филипи немало многу Евреи. Во тоа свое послание апостолот Павле не употребува премногу цитати од Светото Писмо на Стариот Завет што упатува на тоа дека неговите читатели не биле Јудеи. Нам ни е познато дека апостолот Павле кога проповеда или писмено им се обраќа на свои сонародници, секогаш обилно се служи со цитати од старозаветните книги, сакајќи на тој начин да биде поубедлив, бидејќи Евреите им биле цврсто приврзани на Мојсеј и на другите старозаветни пророци. Мислењето дека во Филипи апостолот Павле проповедал исклучиво помеѓу Македонци, се прифаќа од голем број видни проучувачи на Библијата, меѓу кои е и истакнатиот теолог Schinz. Ho дури и да прифатиме дека во филиписката христјанска општина имало претставници и на други етнички групи, на пример Евреи и Грци, тие, и да ги имало, секако, биле сосем малубројни; 3. Прва го прифатила христијанството Македонката Лидија, за која не постои ниту еден доказ дека и` припаѓала на јудејската религија, а тоа значи дека таа не ја слушала проповедта на апостолот Павле во еврејски молитвен дом. |