|
||||
Крсте Петков Мисирков |
Ако Пулевски е дедото на македонистиката, тогаш таткото на македонистиката секако е Крсте Петков Мисирков. Основоположникот на македонскиот литературен јазик и на автохтоноста на македонската национална свест, најзнамениотиот македонец на почетокот на 20 век Крсте Мисирков е роден е во 1874 година во Постол (денешна Вергина), некогашна Пела во Егејска Македонија. Тој е веројатно најпромолчуваната, најжестоко напаѓаната и постојано прогонуваната личност во македонската историја. Завршил учителска школа во Белград, духовна академија во Полтава, а историско-филозофски факултет во Санкт Петербург. Еден е од основачите на Младата македонска книжевна дружина во 1891, а во Москва 1900 го основал Тајниот македонски-одрински комитет и бил негов претседател, а потоа 1902 еден е од основачите на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург. За прв пат своите записи на македонски јазик со македонска азбука ги објавил во 1900 година. Но негово капитално дело е студијата “За македонцките работи” објавена 1903 во Софија, која веднаш е запленета и уништена од бугарските душмански власти со исклучок на десетина примероци од кои дознаваме за визиите на овој македонски национален деец. Во ова значајна студија за Македонија и воопшто за македонската нација ги назначил и посочил посебноста на македонскиот народ и посебноста на македонскиот јазик, залагајќи се, притоа за формирање на македонски литературен јазик, кој ќе се потпира на централно македонските говори, врз кои соседните јазици неможеле да вршат големо влијание. Исто така Мисирков е автор и на многу текстови со национална, лингвистичка и политичка содржина. Во неговото најзначајно дело изложени се следните ставови и прашања: - Што направивме и што треба да направиме во иднина? - Има ли потреба од македонски научни-литературни друштва? - Националниот сепаратизам; - Составувала ли, составува ли и може ли Македонија да составува од себе одделна етнографска и политичка единица? - Неколку зборови за македонскиот литературен јазик; Во студијата За македонцките работи најдоа темелна разработка основните прашања на македонскиот национален развиток, кои дојдоа до полн израз и до конечна оформеност погледите за македонската националност и за македонскиот литературен јазик. Тие погледи изнесени на македонски јазик за каков се залагаше Мисирков, подоцна ќе бидат фундаментите на литературниот македонски јазик. Или како што пишува академик Блаже Конески : „За македонцките работи се континуитет во новата историја на македонскиот народ.” A пак самиот Мисирков нагласува: “Нашето работење не е ништо ново и безоснова, ами е чекор напред”. За да се види влогот на Мисирков за афирмацијата на македонската нација доволно е да потсетиме само на неколку негови погледи и размисли: ... „И во Бугарија и во Србија треба да помнат едно: во Македонија има население со огнено патриотско чувство и со определена национална свест за која треба да се води сметка... Србите и бугарите треба добро да помнат дека тоа национално чувство и свест кај македонците постојат не од вчера... туку од пред основањето на Охридската архиепископија, за време на целото нејзино постоење и по нејзиното уништување, се до ден денешен.” ... „Македонците и се нужни на Македонија, зошто само со Македонци Македонија ќе биде на Македонците, а не без нив“ … „Нека ми биде простено, но јас како Мкаедонец на прво место ги поставувам интересите на мојата татковина и на моите сонародници и само потоа интересите на Бугарија и Југославија. Јас сум Македонец, со македонска национална свест и како таков си имам свое, македонско, гледиште за минатото, сегашноста и иднината на мојата татковина и на целото јужно словенство, и затоа сакам и нас Македонците да не прашаат за сите прашања што не засегаат нас и нашите соседи, а не да се свршува со спогодбите меѓу Бугарија и Србија, а без нас.” ... „Време е да го отстраниме бугарскиот параван што ни го преградува патот за непосредно обраќање кон совеста на цивилизирана Европа за помош и соработка.“ ... „Револуцијата треба да биде работа на сите Македонци, или на мнозинството од нив, за да може да се нарече општа. Во самиот комитет треба да бидат застапени сите или неколку народности. Интелегенцијата на тие народности треба да си подаде една на друга рака и секоја од нив да земе да ја популаризира идејата на својот народ...” ... „Формирањето на македонскиот литературен јазик е духовна потреба кај нас, со која се мислит да се стави крај на злоупотребите на пропагандите со нашите интереси...” Накусо речено, низ текстовите на Крсте Петков Мисирков навираат толку многу идеи за издигање на практичниот пат за националното зреење на македонскиот народ со обилство на конкретни погледи и ставови кои деноноќно во својата мисла, до крајот на својот живот 1926 ја градеше идната визија за својата македонска нација и слободна татковина Македонија. Косто Граоркоски |