|
||||
Многу причини да се посети Велешко езеро, а уште толку да се посети и Велес |
Македонија има своја култура, има своја традиција, Македонија има историја. Страниците на историјата можат да бидат напишани од човечка рака и дух, но постојат сведоштва, кои приказната ја прават вистинска. Многу убавини, многу реткости кои се вистински предизвик, многу историски сегменти, традиционални отпечатоци низ времето, но и новосоздадени атракции, кои нудат уживање за туристите. Предизвик да се посети Велешко Езеро Велешко езеро, сместено на сам излез од Велес, е езеро-артакција, место за уживање, и за него не постои ограничен временски период за посета. Велешкото езеро е атракција во сите сезони, а пресната риба подготвена на многу начини знае да намами многу посетители во секое време од денот, од деновите-работни и неработни и во текот на годината, студено или топло. Од Општина Велес истакнуваат дека градот има големи планови за уредување на езерото со што ќе го направи туристичка атракција која ќе привлече многу посетители поради неговата одлична местоположба. Еден млад велешанец кој ужива во нуркање на дното од езерото за приказната со сомовите во Велешкото езеро сведочи: „Јас бев ангажиран нуркач пред точно 3 години, во Велешко езеро, преку проектот спонзориран од Хрватска амбасада. Далеку дека сомовите се преку 1 тон, тоа е веќе приказна, но вистина е дека се огромни и тие се околу 300-400 кила, а во себе можат да внесат уште толку храна. Најголемиот сом од Велешко езеро е изваден 1997, тежел 176 килограми, а беше изваден со помош на 3 трактори и огромни челични сајли“. Велешко езеро во зима, доколку се температурите многу ниски, се случува да замрзне и тоа на дебел слој кој овозможува движење по езерото. Досега има неколку примери кога на околу 15 степени под нулата, се создава дебел слој на мраз. И тогаш езерото претставува вистинска атракција за велешани. Тоа привлекува голем број посетители кои уживаат во лизгањето по езерото. Рибите, особено познатиот езерски крап, многубројните видови на птиците, водните патки, сколовранци и други птици се природно богатство кои го прават езерото интересно и со богата фауна. Освен езерото Младост, Велес го развива и манастирскиот, селскиот, речниот и планинскиот туризам, потенцијали кои се вметнати во планот за развој на вардарскиот регион. Во соработка со стопанската комора за туризам, туристичките работници бараат модели, како Велес да влезе на туристичката мапа. Местоположба на Велес Велес има централна местопололжба во Република Македонија. Таа претставува значеан сообраќаен јазол каде што се вкрстуваат најважните патни и железнички сообраќајни правци на меѓународниот сообраќаен коридор кој ја поврзува Европа со Блискиот Исток и Северна Африка. Сместен е во долината на реката Вардар над Велешката клисура. Историја и праисторија на Велес - туристички мамец Наоѓалиштата на фосилни остатоци во околината на Велес во селото Мамутчево, како и оние во глиништето во фабриката “Киро Ќучук” во самиот град, само ја потврдуваат теоријата дека овој простор отсекогаш бил населен со жив свет. Еволуинирањето и појавата на homo sapiens се следат низ бројните траги низ времето од старата камена епоха - палеолит, па до денес. Единствените истражувања од времето на палеолит во Македонија се вршени во непосредна близина на Велес, во месноста Пешти, на 110 метри над десниот брег на реката Бабуна, во пештерата Макаровец. Според научниците пештерата е со старост од 70.000 до 10.000 години п.н.е., а пронајдената фосилна фауна укажува на цицачи животни од ова време (пештерска мечка, пештерска хиена, пештерски лав, козорог, волци и лисици). Пронајдените артефакти од камен упатуваат на доцен палеолит. Во бронзеното време, кога се карактеристични почетоците на формирање етнички заедници, реонот на повардарието го населувале Пајонците, Бригите и античките Македонци. За Велес и околината се претпоставува Пејонско население во текот на целиот I милениум п.н.е. кое во IV и III век п.н.е. формирало кралство. Траги од ваква населба се присутни на локалитетот Теќе на 2 км од Башино Село, во близина на вливот на Отовичка Река во езерото Младост. Локалитетите од железното време придонесуваат за формирање на сликата на животот во првите векови од I милениум п.н.е. Такви се лоцирани во селото Долно Оризари на локалитетот Свилара каде е пронајдена некропола, могилите во с. Иванковци на локалитетот Инчерлак како и остатоците пронајдени во месноста Тумба во с. Караслари. Организираниот живот на Пајонците овозможил подоцна на оваа територија да се развијат по организирани форми на општествено живеење. Антика- Вила Зора Во периодот на раната антика, територијата на Велес влегувала во составот на Пајонската држава, која се претпоставува ја сочинувале голем број градски населби. Хелинистичкиот слој јужно од градот кај локалитетот Кале при влезот во Велешката клисура покрива плато од 3,5 ха површина оградена со бедем, на кое бил лоциран најголемиот Пајонски град Вила Зора (Била Зора). Вила Зора имала положба на самиот влез на Дарданија во Македонија (Пајонија) така што Филип V освојувајќи ја во 217 година п.н.е., ја обезбедил својата држава од упадот на Дарданците. Вила Зора како значаен воен центар се` до последните години на Македонското владеење, се спомнува последен пат во 168 година п.н.е. Континуитетот на името Вила Зора и Велес тешко може да се одреди, зошто Велес се спомнува дури во 1018 година. Се претпоставува дека во оваа временска празнина моќта на Вила Зора во римското владеење опаднала или пак нејзината локација треба да се бара на друго место. Во пошироката околина на Велес има повеќе траги кои укажуваат на античкиот град Аргос поврзан со територијата на Macedonia sekunda. Стоби – Антички град Античкиот град Стоби бил пајонски, македонски и римски град. Првиот литерарен спомен за Стоби потекнува од 197 год. п.н.е., кога на тоа место македонскиот крал Филип V ја поразил дарданската војска. Во изворите каде што римскиот историчар Ливиус го споменува овој податок, Стоби носи епитет на “стар град”. Урбаниот дел на Стоби се наоѓа опкружен со бедеми на вливот на Еригон во Ахиос денес познати под името Црна река и Вардар. Градот зафаќал мошне важна трговска и воена позиција. Променливите борби на Македонците со северните соседи се судбоносни за Стоби. Стоби со околината дефинитивно паднал под македонска власт 217 год. п.н.е. за време на Филип V. Кога во 168 год. п.н.е. римјаните го поразиле македонскиот крал Персеј кај Пидна, македонското кралство е сохрането. Македонија била поделена на четири независни административни области под римски протекторат, а Стоби станува центар на трговијата со сол на третата област. Во 148 год. п.н.е. Македонија станува римска провинција. Судејќи според спорадичните наоди, Стоби во пред римско време бил мало градче со површина од 2,5 ха. Дури од времето на преминот од старата во новата ера во градот настануваат значајни промени. Новиот град бил испланиран и зачнат наеднаш, на подготвен терен што бил осум пати поголем од дотогашната населба и населен веројатно со голем број на нови жители. Привлечени од римјаните и нивната стопанска и политичка моќ, во Стоби се населувале истовремено и жители од околината и населеници од хеленистичкиот свет. Интензивното проширување на градот може да се поврзе со подигањето на неговиот статус во ранг на муниципиум што Стоби го имал уште 69 год. н.е. Прераснувањето на Стоби во град со самоуправен статус го посведочуваат епигравските споменици и ковањето на локалните монети со натпис “Муниципиум Стобенсиум” кои го опфаќаат времето од Веспазијан 69 год. до Елагабал 222 год. н.е. Среден век Главниот градски центар на некогашните склавинии е тврдината на вливот на реката Тополка во Вардар, тогашна Вила Зора, го добил името Велес. Велес припаѓал на склавинијата Верзитија која се протегала помеѓу Велес, Охрид, Битола и Кичево и била населена со Брсјаци. Иако ја признавала Византиската номинална власт, Верзитија се наоѓала надвор од сферата на непосредната управна власт на царството. Велес е и лулката на појава на широко, антицрковно, антифеудално ослободително движење - Богомилското движење. Неговите приврзаници подоцна биле нарекувани Бабуни (според реката Бабуна), а името го добило по основачот попот Богомил. Самоилово царство и Византија Со освојувањето на Скопје од страна на Византија, во 1004 година, велешката област станала гранична територија на македонската држава и добила улога на заштитник на нејзините цетрални делови. Воено-административно Велес во Византиското владеење припаѓал на темата Бугарија, но начинот на живот, даноците и религиската припадност останале непроменети. Велес сѐ уште бил дел на Битолската епархија во составот на Охридската патријаршија на која и` е одземен рангот. Велес под турска власт Веднаш по паѓањето под турска власт во 1395 година, Велес подпаднал под управата на Румелискиот беглербеглак. До 60-тите години на XIV век областа го носела името велешки вилает, а потоа Велешка нахија како најниска управно територијална единица. На чело на вилаетот се наоѓал субашија кој живеел во Велес и заповедал со спахиите кои по правило живееле во селата. Паралелно со ова Велес станал центар на велешката каза или кадилак со што прераснал во многу значајна управно - судска единица. Велес во 1863 година Турскиот патеписец Евлија Челебија го опишува Велес од тоа време. Главен објект е мостот на Вардар кого го објаснува како нов, дрвен мост со четири отвори, а неговиот современик Хаџи-Калфа го опишува како камен мост. И двајцата се во право. Едниот зборува за мостот кај стариот Велес, а другиот за мост во новата локација на местото каде Вардар се преминувал со сплав. Во средината на XIX век Велес бил поделен на 12 маала, а Велешката каза ја сочинувале околу 100 села. Тешката феудална анархија и се` поголемиот занаетчиски развој од XVIII век сега ги дополниле терзискиот, кираџискиот, бавчаванџискиот, калајџискиот, брашнарскиот, лебарскиот, аџискиот, воденичарскиот, папуџискиот, абаџискиот, бојаџискиот, самарџискиот, дулгерскиот, сарачкиот, ситничарскиот занает. Овие занаети опстојуваат за чудо се` до денес, и може да се види занаетчијата во неговата работилница како си ги исполнува обврските. Во Велес може да се слушнат историските приказни кои говорат за едно време кое многу повеќе личи на предвесник на ситуациите кои одминуваат и многу понапредни држави. Реформите во турскиот државно-правен, политички, економски, верско-просветен и војнички систем од 1839 година популарно наречени “Гилхански хатишериф” или “Акт на справедливост и благодејанија”, поволно се одразиле врз граѓанството на Велес. Според овој акт се воведувала еднаквост меѓу муслиманското и христијанското население, се зголемувале гаранциите и неприкосновеноста на личноста, честа и имотот, еднаквоста пред судот и законот. Тоа овозможувало отворање на училишта на македонски јазик, изградба и реконструкција на цркви и манастири и слободна трговија и производство. Во 1831 и повторно во 1840 година го зафатила заразната болест колера (чума), во 1833 година го зафатиле незапамтени студови, во 1835 година замрзнала реката Вардар, а во 1847 година му се случиле незапамтени поплави. И покрај се` првата половина на XIX век е најзначајна за неговиот подем. Во ова време отпочнува обновување и изградба на многу цркви и манастири во Велес и велешко. Велешки куќи покрај Вардар Ако поминувате низ Велес, не заборавајте да ги погледнете и познатите велешки куќи покрај Вардар, кои ја прераскажуваат историјата на македонските семејства и сведочат за едно македонско време на македонска архитектура. |