|
||||
Манастирски туризам во Македонија - Манастир Св. Јоаким Осоговски |
Класичниот дел од приказната за Манастирот Св. Јоаким Осоговски вели дека манастирот се наоѓа на неколку километри од Крива Паланка, на падините на Осоговските Планини. Манастирот е познат и по името Сарандопор – по местото каде што е граден. Нудејќи ја можноста да се почувствува како минатото и историјата живеат во сегашноста, тој плени со својата духовна, архитектонска и уметничка естетика и вредност. По подигнувањето, манастирот постојано привлекувал внимание, при што бил посетуван од важни историски личности. Меѓу нив се спомнуваат Стеван Дечански, турскиот султан Мехмед II, и други. Низ времето, тој честопати запаѓал во економски кризи, бил разрушен од земјотрес во 1585 година, а во XVII век, по основањето на градот Крива Паланка, тој станал важен религиозен, културен и просветен центар на монасите од различни краишта, но и на луѓето од овој регион. По XVIII век кој се бележи како негов најтежок период, XIX век донел промени на подобро. Почитуваниот трговец Хаџи Стефан Бегликчија успеал да издејствува кај султанот дозвола за изградба на нов храм кој го заменил стариот настрадан верски објект. Новата црква се градела во периодот од 1847 до 1851 година и тоа со средства кои ги вложувале еснафите, трговците и другите луѓе од кривопаланечкиот крај. Подигнувањето му било препуштено на големиот и прочуен Mакедонски градител Андреј Дамјанов, кој со својот талент и смисла за оригинална убавина, успеал да создаде вистинска уметничка креација. Црквата Свети Јоаким Осоговски е трикорабна базилика, со дванаесет куполи (седум мали и пет поголеми), изградена од делкан камен кој бил носен од с. Ранковци, месност Камнеш. Влезот е на западната страна, а десно од него, во подножјето на западниот ѕид, се наоѓа гробот со моштите на светецот на кого е посветена црквата. Во внатрешноста на црквата се поставени шест камени столба, за секој кораб по два, а светлината влегува преку двата реда прозорци. По оштетувањето од срушената карпа во 1909 година, црквата била обновена, а идејното и техничкото решение за иконостасот ги дал Димитрие Андонов, чие авторство се и поголемиот број икони од иконостасот. Ако сакате да го посетите ќе мора да се упатите на излез од градот Крива Паланка кон падините на Осоговските Планини каде и се наоѓа манастирот Св. Јоаким Осоговски. Одејќи по кривулестиот пат, кој води до манастирот не можете, а да не се воодушевите кога пред вас ќе се појави манастирскиот комплекс, кој скриен во густото зеленило претставува пријатно место за одмор и починка. Скриен во прегратките на мајката природа, манастирот нуди блажено чувство на духовен мир и спокојство. Во тој простор далеку од градската врева можете само да уживате во чистиот планински воздух и да почувствувате како некоја натприродна сила зрачи од немите градби и ве враќа во минатото, тогаш кога на тие простори живеел пустиникот Јоаким. Манастирот Свети Јоаким Осоговски во чекор со времето Овој манастир е еден oд најубавите и најбогатите манастирски комплекси, кој располага со 90-ина кревети за посетителите и гостите. Македонскиот манастирски комплекс Св. Јоаким Осоговски, неодамна изврши реновација со нова кршталница, разубавен и реновиран таканаречениот Стар конак и извршена реконструкција на старата камбанарија изградена во 1929 година. Сонцето продира низ шумата а, тишината ја нарушуваат шумските птици со пеењето, опивајќи се низ своето присуство. Денес, од првобитниот манастир не се наоѓаат никакви траги, а на истото место е подигнат манастир со манастирска црква од поново време.. Манастирски изложбен простор Житие Житието на Јоаким Осоговски е зачувано во неколку ракописи, а најстариот потекнува од (XIII минеј) па од XV век кој бил пронајден во Синодолната библиотека во Софија. Но овој ракопис не бил целосен. Постои и белградски препис од XVI век кој бил повеќе пати реиздаван со српска рецензија. Инаку Стојан Новаковиќ сметал оти житието било составено некаде во XV или XVI век, кога дошле Турците, бидејќи во текстот се споменуваат разрушувања на манастири од страна на Агарените. Но, поради тоа што во сите преписи овој сегмент со Турците не се среќава, сосем оправдан е ставот на Иванов кој смета оти овој сегмент е вметнат подоцна, а самиот текст датира пред XIV век. Во разновидните преписи на житијата и списите Јоаким се ословува некаде како Осоговски (според планината Осогово), а некаде како Сарандопорски. Во однос на времето во кое живеел Осоговски има повеќе претпоставки, така според Иречек Јоаким живеел во XI век, а умрел некаде кон крајот на истиот век. Житието не посочува од каде дошол Јоаким во Осогово. Биографот забележал: „светителот се устреми како многу светла ѕвезда од запад кон исток и пристигнал во Осоговските планини и пустини“. Св. Јоаким бил соподвижник на светите Прохор Пчински, Гаврил Лесновски и Јован Рилски. Тие еднаш решиле да се разделат и својот пат да го продолжат осаменички. Така светиот Јоаким се нашол во подножјето на Осоговските планини. Тој се нашол во селото Градец, кај Паланка Криворечна. Бил примен во домот на некој благочестив болјар. Во разговорот со болјарот, светиот го прашал дали некаде низ Осогово има место погодно за подвизување. Тој му одговорил дека во планината е опасно, но во падините има место каде имало некоја пештера покрај реката Скупица. Свети Јоаким се заблагодарил и се упатил кон тоа место. Тој бил восхитен од подвизите на свети Игнатиј Антиохиски Богоносец, па затоа бил спремен за секакви услови: глад, жед, студ и други различни непријатности. Неговата блажена цел била што побргу да го заврши овој живот и да го добие вечното Царство. Така тој се подвизувал до својот крај. Еднаш некои ловци излегле да ловат, но ништо не уловиле и кога нажалени поминувале покрај неговата испосница, тој излегол им покажал каде да ловат и тие уловиле како никогаш дотогаш. Подоцна имале напредок во целиот живот, се разбира по по средбата и благословот на светиот. Затоа, по извесно време, тие решиле повторно да го посетат, но кога дошле во пештерата виделе дека свети Јоаким веќе ја предал својата душа на Бога. Ловците веднаш достојно ги погребале неговите мошти во испосницата и често доаѓале на гробот да палат свеќи. Тоа било во 1105 година. Педесет години по овој настан, свештеникот Теодор од селото Осмирдол се населил на истото место и откако се замонашил почнал да се подвизува. Го сменил и името од Теодор во Теофан. Еднаш на сон му се јавил Свети Јоаким кој му наредил неговите мошти да ги пренесе во манастирот и при тоа не давал никој да биде ктитор, и дека тој самиот ќе го управува манастирот. Светецот по ова повеќе пати се јавил со ова исто барање дури и му го покажал и дрвото од кое ќе биде направен ковчегот за моштите. Барањето на светецот, тој со многу почести го извршил, но со овој чин си го навлекол бесот на локалниот болјарин, кој пак бил казнет од светецот со многу тешки казни. Житието на Јоаким Осоговски го открива и неговото пророштво, Светителот рекол дека многу места и манастири ќе бидат опустошени од Агарените, но „моштите мои нема да се пренесат од ова место, ниту мојата црква ќе се запусти“. Уште многу чуда се запишани во житието на Јоаким Осоговски, сторени од самиот Јоаким. Манастирот пак Свети Јоаким Осоговски е изграден во времето на Византискиот император Манојло, што значи меѓу 1143-1180 година. Важно е да се спомне и тоа дека во Осоговскиот манстир била негувана ракописната традиција, за што сведочат записите и ракописите, зачувани и до денес во многу словенски и европски библиотеки. Ликот на Јоаким Осоговски во фрескосликарството бил мошне застапен, а негова најубава слика се наоѓа во село Псача кај Крива Паланка, насликана во 1358 година. Најзначајниот дел од фрескописот се наоѓа на западниот ѕид од црквата, кој го насликал Папрадишки. Една од најкарактеристичните фрески е композицијата „Евангелската проповед на апостол Павле“, во која раката на уметникот внела и профани елементи. На оваа извонредна фреска народната носија од кривопаланечко зрачи со сета своја убавина и рустичност. Во 2005 година е издадена монографија „Десет века свети Јоаким Осоговски“, од автор-настојател во манастирот Јордан Михајловски. Ова илјадагодишно светилиште сега е епархиски резиденцијален манастир на Полошко-кумановската епархија. Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил со своето несебично себевградување и залагање придонесува за уште поголем развој и процут на манастирот, заедно со свештенството, манастирското настојателство и жителите на Кривопаланечко. Клеопатра |