|
||||
Промовиран „Пирскиот дом на Ацо Шопов“ |
Минатата среда, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, во организација на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности беше промовиран неколкујазичниот интернетски портал „Лирскиот дом на Ацо Шопов“ – прв интернетски портал од ваков вид кај нас и содржински најобемен интернетски портал зад кој стои издавачката куќа „PHI“ од Луксембург. Салата за седници на Филолошкиот факултет во Скопје беше претесна за да ги собере сите почитувачи на големиот македонски поет коишто дојдоа на оваа свеченост со која најреномираната високообразовна институција за филологија во земјава го одбележа големиот јубилеј 70 години од објавувањето на првата поетска книга во слободна Македонија, „Песни“ од Шопов. Промоцијата започна со инспиративна поздравна реч на деканот на Филолошкиот факултет, проф. д-р Славица Велева, по што слово за Шопов и за интернетскиот портал одржа проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, раководител на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. „Периодот од 1944 година кога се појавува неговата прва стихозбирка, па сè до 1950 година, критичарите го оценуваат како прв творечки круг на Ацо Шопов. Уште во овој прв период тој се манифестира како изразит лиричар, кој со своето творење го одбележува почетокот на субјективната, интимна лирика во современата македонска книжевност. Ацо Шопов систематски го гради својот поетски израз, меѓутоа тој не станува жртва на ниту една литературна школа. Создава/твори со уверување дека осовременувањето на поетскиот израз претставува услов за неговиот опстанок и причината за неговото постоење. Вториот творечки период на Шопов се случува меѓу 1952 и 1957 година, и него го одбележуваат стихозбиркитe „Стихови за маката и радоста“ и „Ветрот носи убаво време“. Сепак, збирката „Стихови за маката и радоста“ (1952) се доживува како пресвртница не само во неговото творештво, туку и воопшто во македонската литература. Имено, таа, тогаш доживеана како контраверзна збирка, ја разгорува книжевната конфронтација меѓу ’реалистите’ и ’модернистите’/’интимистите’ околу природата на реалистичната уметност, како и за светското искуство на авангардизмот и модернизмот и нивната примена во литературата“. Поопстојно, „Лирскиот дом на Ацо Шопов“ го претстави Јасмина Шопова, носител на проектот, препејувач и ќерка на поетот. „’Лирскиот дом на Ацо Шопов’ е виртуелен простор во којшто отсега ќе живее поезијата на татко ми, препевите, аудио-визуелните интерпретации, оствртите кон неговото творештво, како и споменот за него“, изјави Јасмина Шопова. „Покрај просторијата посветена на неговиот живот, во неговиот ‘Лирски дом’ можете да ја посетите библиотеката што содржи избор од неговите книги, да навратите во читалницата за да прочитате или слушнете неколку песни, да ја разгледате галеријата на неговите ликовни и литературни портрети и да се потсетите или да ги откриете настаните што му беа посветени во последниве години. Постојат и други простории, но најубаво е самите да ги откриете на www.acosopov.com. Порталот допрва содржински ќе се збогатува и ќе се развива и на други јазици“ – порача Шопова. |