Во нашата земја има голем број цркви и манастири, кои го сведочат времето и чии градби и денес се сведоци на историскиот развој и на црквата. Доказ за тоа е и манастирскиот комплекс „Свети Пантелејмон“ во скопско Горно Нерези, кој годинава слави јубилеј (1164-2014), односно 850 години од неговото постоење
Манастирот бил изграден за време нa владеењето на Комнените од страна на византискиот принц Алексеј
МАКЕДОНСКОТО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО Е ВРЕЖАНО ВО СВЕТСКАТА КОЛЕКТИВНА МЕМОРИЈА
Црковниот живот на овие простори, за кој и денес сведочат градбите од пред повеќе од илјада години, секогаш бил поткрепа на духовниот и на националниот идентитет на македонскиот народ. Во Македонија има голем број цркви и манастири, кои го сведочат времето и чии градби и денес се сведоци на историскиот развој и на црквата. Доказ за тоа е и манастирскиот комплекс „Свети Пантелејмон“ во скопско Горно Нерези, кој годинава слави јубилеј (1164-2014), односно 850 години од неговото постоење. Тоа е една од ретките цркви што досега ја имаат сочувано оригиналната градба. За сите детали за манастирот раскажува теологот и кустос Жарко Брњарчевски, кој секој ден, освен понеделник, го пречекува секој добронамерник во манастирот. Вели дека манастирот „Свети Пантелејмон“ е доказ за црковното културно наследство на македонскиот народ и е одраз на неговата сопствена културна традиција. Прославата ќе се одржи денеска, а утринската литургија ќе ја води г.г. Стефан, поглаварот на Македонската православна црква-ОА. - Црковните споменици во своето драматично минато преживеале многу бурни векови и својата убавина и вредност уште можат да му ги подарат на новото време. Нашиот народ, успевајќи да ги зачува од пропаст, влегол во кругот на цивилизираните и самосвесни нации - вели кустосот Жарко. Затоа, според него, древните познати и непознати мајстори, живописци, иконописци, копаничари, понесени од исконската идеја за победа на животот над смртта, ги украсиле своите богомолки со најубави фрески, камена пластика, икони, копаничарски творби, со што се сместиле на врвот во колективната светска меморија. Русите најчести туристи во манастирот Eден од таквите духовни бисери во Македонија е и манастирот посветен на свети великомаченик Пантелејмон, раскажува кустосот. - Манастирот бил изграден за време нa владеењето на Комнените од страна на византискиот принц Алексеј, кој бил син на Теодора, најмладата ќерка на византискиот император Алексеј Први Комнен. Со изградбата на овој манастир го победил заборавот и останал во вечно памтење по убавината што му ја дарил на човештвото - истакнува Жарко. Првиот игумен на манастирот бил јеромонахот Јоаким, а по неговата смрт доаѓаат неколку руски монаси на чело со јеромонахот Андреј Кукуров, а подоцна доаѓаат и неколку монаси од околината на Нерези. Затоа, манастирот им е драг и е познат кај Русите. Речиси секоја државна или црковна делегација доаѓа да му се поклони на свети Пантелејмон и да ги допрат ѕидините каде што престојувале руски монаси. „Оплакување Христово“ е предвесник на Џотовата Богородица Манастирот, како што вели кустосот Жарко, е влезен во записите и вброен во редот на врвните дела на византиската уметност, по фрескосликарството, особено по фреската „Оплакување Христово“, која датира од 1164 година. - Фреската е насликана 160 години пред доаѓањето на ренесансата, но исто така и многуте византолози и историчари велат дека самата композиција изобилува со преголеми ренесансни елементи. Фреската првпат се открива во 12 век, а на неа се прикажани длабоки емоции, односно ликот на пресвета Богородица и на другите светци се претставени во плач и голема тага - објаснува Жарко. Оваа композиција во Нерези се смета за предвесник на ренесансата во Италија и дека всушност ги има сите потребни елементи што ја карактеризираат и сликата на познатиот италијански сликар Џото и неговата света Богородица, која е претставена како млада силна жена со малку натажено лице. - Се смета дека преобразбата во ликовниот израз својствена за него и раноренесансните дејци во Италија е всушност започната во Македонија, 150 години претходно - додава кустосот. Слични оригинални фрески во манастирот што датираат од 12 век се и неколку библиски настани од животот и дејноста на Господ Исус Христос и на Богородица, како што е композицијата симнувањето, односно слегувањето на Господ Исус Христос од крст, потоа влегувањето на Исус Христос во Ерусалим на празникот Цветници, рождеството Богородично, каде што на одарот лежи светата Ана, мајката на Богородица, а Богородица ја бањаат во купел како мало бебе. Исто така, меѓу фреските од 12 век е и фреската на свети Пантелејмон. Неук зограф ги покрил фреските од 12 век Еден од поинтересните податоци за манастирот е и тој кога во 1555 година манастирот го доживува првиот од посилните земјотреси. Кустосот вели дека секогаш кога ќе почне да ја раскажува оваа приказна, посетителите го слушаат со внимание. - Веднаш по земјотресот имало потреба да се реновира куполата и повеќето фрески. Тогаш дошол неук зограф да ги поправи фреските, но наместо тоа, првобитните фрески ги прекрил со втор слој фрески - потенцира кустосот Брњарчевски. Потоа, во 1926 година, византискиот историчар Николај Окуњев детално ги истражувал фреските и открил дека под тој слој фрески има прв слој, односно оригинални фрески. Наредил да се повикаат неколку познати зографи од Константинопол, кои го избришале вториот слој на фрески за да се откријат фреските од 12 век. - Со откривање на првобитните фрески имало неколку оштетувања, но благодарение на Окуњев, има многубројни композиции што датираат од 12 век и постојат до денес - нагласува Жарко. Овој манастир не ѝ припаѓа на скопската епархија, туку е единствената црква со која управува Синодот на МПЦ.
Лекувал луѓе, за што бил погубен од царот Максимијан Свети Пантелејмон бил роден во Никомидија, денешна Мала Азија, во третиот век. Како момче ја изучил лекарската наука. Името Пантелејмон значи „семилостив“. Свештеникот Ермолај го повикал кај себе, го научил на верата во Христа и го крстил. Пантелејмон чудотворно излечил слеп човек кого другите лекари залудно го лечеле. Од завист лекарите го обвиниле дека е христијанин, па Пантелејмон излегол на суд пред царот Максимијан. Слободно изјавил дека е христијанин и пред очите на царот излечил уште еден затвореник од долгогодишната болест. Царот го подложил на маки. Кога бил осуден на смрт, Пантелејмон клекнал на молитва. Во тој миг џелатот го мавнал со меч по вратот, но мечот се скршил. Не можеле да го погубат додека светителот не ја завршил својата молитва и самиот не рекол да го заколат. Неговите мошти станале исцелителни. Свети Пантелејмон бил заклан под некоја маслинка, која потоа целата се закитила со плод.
Во охридската црква „Пресвета Богородица Привлептос“ има фрески од 1295 година Црквата „Пресвета Богородица Привлептос“ во Охрид, која била изградена пред 1295 година, е една од најстарите византиски цркви во Македонија. Извонредните уметнички вредности на фрескодекорацијата и ризницата од икони заземаат истакнато место во историјата на уметноста. Врз основа на откриените потписи се знае дека фреските во 1295 година ги извеле сликарите Михаил Астрапа и Евтихиј. Црквата е градена во облик на впишан крст. Како градежен материјал главно биле употребувани тули и бигор, со чие вешто редење е добиен редок впечаток на хармоничност и полихромија, со што оваа црква се издвојува меѓу византиските и македонските споменици од 13 век. Оваа охридска црква станала единствена ризница во која, најверојатно, уште кон крајот на 15 век бил формиран Архиепископскиот музеј. Од тоа време датира и библиотека што постоела во споменатиот музеј, а која се вбројува меѓу најстарите музејски библиотеки на Балканот.
Во „Карпино“ некогаш живееле 300 калуѓери „Карпино“ е манастирски комплекс од 13 век во Кумановско, кој, според некои извори, е стар дури илјада години. Манастирот постоел во времето меѓу 12 и 14 век, но првпат под ова име се споменува кон крајот на 16 век, во турско време. Во некои списи се споменувало дека и Кирил Пејчиновиќ двапати престојувал во манастирот. Во „Карпино“ била лоцирана и познатата скрипторска школа од 16 век. Според податоците од Институтот за македонска литература, во манастирот „Карпино“ живееле над 300 калуѓери и тој важел како црковно духовно и културно јадро за овој регион.
Целиот свет знае за „Ангелот од Курбиново“ Манастирската црква „Св. Ѓорѓи“ што се наоѓа во атарот на селото Курбиново, Преспа, на некогашниот римски пат Виа Игнација, била изградена во 1191 година. Позната е по прекрасните фрески, кои се рангирани меѓу најдобро за чуваните фрески од тој период кај нас. Меѓу нив е и прочуената „Ангелот од Курбиново“, на која е претставен св. Архангел Гаврил. Црквата се карактеризира со специфичен начин на обработка на фасадите, денес видлив само во долните делови на западниот и на јужниот ѕид. По изведбата на ѕидовите било изведено малтерисување и боење на фасадите за да се постигне побогат изглед. Ваквиот начин на обработка е преземен од византиската градителска традиција. Фрескоживописот од дванаесеттиот век е сочуван скоро во целост, освен уништениот дел од претставите во првата зона на северниот ѕид и дел од јужниот, како и горниот дел од третата зона.
„Св. Богородица Елеуса“ во Вељуса датира од 11 век Манастирот „Св. Богородица Елеуса“ се наоѓа во струмичкото село Вељуса на една бигорна карпа на која монахот Мануил подигнал манастир во 1078 година и ѝ го посветил на Богородица. Црквата е единствена градба во Македонија од 11 век што до денешно време ја зачувала оригиналната архитектоника. Манастирот се споменува и во Грамотите на византискиот император Алексиј Први Комнен од 1085 година, кој ја посетил оваа црква и бил воодушевен од нејзината убавина. Со своето архитектонско обликување изворно сочувано до денес, таа ги презентира високите дострели на византиската сакрална архитектура и уметност на македонската територија во средниот век. Живописната природа, панорамската глетка на струмичкото поле и селската идилична околина совршено ја надополнуваат нејзината убавина, сочинета од величествената архитектура, фрескоживописот, мозаичните подови, мермерниот иконостас... Единствена во целост сочувана композиција од времето на изградбата во 11 век е „Симнувањето во пеколот“, во која има детаљ на кој е прикажан ѓаволот, приказ што мошне ретко се среќава кај нас.
„Чудото во Хона“ ја краси пештерната црква во Радожда Пештерната црква „Св. Архангел Михаил“ се наоѓа во струшкото село Радожда. Најголемиот дел од откриените фрески потекнуваат од 14 век, а посебно се истакнува единствената сочувана композиција од 13 век - „Чудото во Хона“, насликана во чест на патронот кому е посветена црквата. Зографот што го насликал овој лик не бил само надарен мајстор туку и напреден творец, кој успеал во ликот да внесе и внатрешна сугестивност. Оваа пештерна црква повторно е живописана кон крајот на 14 век. Сликарството во црквата е едно од последните дела на охридската сликарска школа од 14 век. |