|
||||
Теракотни икони Виница |
Оваа сцена во која се прикажани ликовите на Јошуа и Калеб илустрира една епизода од старозаветната Книга за Исус Навин, и го прикажува моментот кога тој ги запира сонцето над Гаваон и месечината над долината Елонска, пред големата победа на Израелците над Аморејците (Книга на Исус Навин 10:12,13). За да ја откриеме смислата и вистинското место на оваа претстава во контекст на виничкиот репертоар и да ја согледаме правилно нејзината теолошка симболика во рамките на целокупниот аранжман на виничките теми, мораме да појдеме од значењето кое на овој мотив му е дадено во самиот текстуален извор и во рамките на теолошките текстови во раниот период и христолошките толкувања. Оваа Книга претставува приказна за воената историја на Евреите и исполнувањето на историските дела почнати од Мојсеј, и го прикажува Јошуа како политички и воен водач на Израелците во нивното освојување на Палестина. Како наследник на Мојсеј, во овој текст, тој претставува од бога заштитен претставник на приказната за спасот, и повереник кој неговите дела дела ги извршува по божја наредба. Големите Јошуини воени победи претставуваат вистинска реализација на неговиот сојуз со бога. Па поради тоа во секоја одделна епизода од приказната за Јошуа, јасно доага до израз врховната волја и божјото управување со настаните. Воените победи на Јошуа, неговиот херојски дух и непоколебливоста, напишани на страниците на Стариот Завет, се величат и во теолошките текстови на големите мислители на западната Црква од раниот период. Така, во едно од зачуваните дела на Амброзие Милански, нагласена е неможноста на триумфот без цврстата вера и божјата помош и интервенција, а Исус Навин е прикажан како преобраз на христијански владетел. Според Хиларие, самиот Бог бесмртен и вечен во времето, се појавил во ликот на Исус, синот Навинов, кој го носи неговото име. Во врска со тоа е и постапката на преименувањето на Хосеа во Јошуа пред влегувањето на Евреите во Ветената земја, за да може овој пресуден историски настан да се изврши под водството на Јошуа и со помош на милоста божја. Оваа типолошка карактеристика на Исус Навин се среќава и во делата на св. Августин кој го смета за човек на Милоста Господова… Претставата со ликовите на Исус Навин (Јошуа) и Калеб зачувана е во неколку реплики. На левата страна на релјефот (димензии: 28,5x30x4см) претставена е фигурата на Исус Навин во фронтална положба. Тој е облечен во војничка облека – панцир исплетен од кожни ремени, со должина до подколената. Врз панцирот е префрлена неговата наметка која му ги покрива рамениците и е закопчана на градите. Дел од наметката, развиорена на ветерот, се гледа под десната рака на Исус Навин, со која тој го држи копјето. На главата војникот носи шлем украсен со два рога. Во десната рака го држи своето масивно копје, додека левата рака, свиткана во лактот, подигната му е нагоре и со неа тој покажува кон сонцето, сместено во централниот дел од горната половина на плочата.над главата на Исус Навин, меѓу неговиот шлем и копјето, претставена е ѕвезда. На десната половина на плочата изведена е во фронтален став фигурата на Калеб костимирана во војничка облека, слична на облеката на Исус Навин, но изведена со покрупни набори. Панцирните облеки на двата воина врзани се околу нивните половини со ремени украсени со кружни копчи. Под левата рака на Калеб се гледа дел од наборите на наметката закопчана на неговите гради. На главата тој има шлем украсен со два рога, идентичен на шлемот на неговиот пандам. Во левата рака Калеб држи копје а со десната го придржува штитот поставен меѓу него и фигурата на другиот воин. Двајцата на нозете имаат воинички сандали, врзани со ремени околу листовите. Ликот на Калеб е благо свртен на десната страна, а неговиот поглед е вперен во сонцето на кое покажува Исус Навин. На неговата глава изведена е претстава на месечината. Долж левиот вертикален раб на плочата, лево од ликот на Исус Навин испишана е сигнатурата FILIUS NAVE со букви свртени наопаку. Во горниот средишен дел на релјефот, меѓу главата на Исус Навин и претставата на сонцето, во три реда е испишано неговото име. Во првиот ред стои буквата H покрај која е изведен симболот на крстот, во вториот буквите IE, а во третиот буквите SU. Долж десниот вертикален раб на претставата, покрај фигурата на Калеб, испишано е неговото име – KALEEB. |