|
||||
Водоча |
Манастирскиот комплекс Свети Леонтиј или попопуларно наречен комплекс Водочки цркви се наоѓа на 9 километри пат западно од Струмица. Според документите првите темели на манастирот датираат од IV-V век. Со направените археолошки испитувања се откриени темелите и дел од уништената камена пластика којашто се наоѓала на југоисточниот дел од денешниот храм. По своите димензии црквата била мала но со внатрешниот ентериер богата и раскошна. Не се знае на кого му била посветена. Во периодот од VI-VII век првата Водочка црква била урната но потоа повторно возобновена и изградена. Оваа црква од македонските автори е нарекувана „Источна“, во однос на точното време кога е подигната не може точно да се утврди но има 3 мислења: -првото е дека е изградена за време на бугарскиот цар Борис, во втората половина на IX век; -второто е дека е за време на неговиот син Симеон, на крајот на IX век и во почетокот на X век; -третото е дека е во време на цар Самуил, на почетокот од XI век. Манастирската црква била трикорабна куполна епископска базилика, за што сведочат зачуваните ѕидни (темелни) партии и горното место и синтронот т.е. во централната олтарна апсида. Според постоечките докази се смета дека Св. Климентовата епархија е Струмичката т.е. Водочката. Во Водоча во тоа време дејствувала словенска книжевна школа и била духовен расадник за поклонение и просветление. Во летото 1014 година по наредба на византискиот цар Василиј II, ослепени се 14 000 Самуилови војници при што на секој 100 војник му било оставано по едно око за да ги води останатите. Според овој свиреп чин селото во кое се наоѓа манастирот е наречено Водоча-Вади очи. Во тој период е урната источната епископска црква и веднаш до неа е изградена помалата западна крстовидна куполна црква. Фрескописот од источната црква не е зачуван освен еден мал фрагмент од лик од некој светител. Западната Водочка црква настанала во првата поливона на XI век, помеѓу годините 1018-1037 кога и самата црква била фрескоживописана. Црквата е посветена на Воведението на Пресвета Богородица Елеуса иако денес е посветена на Св. Леонтиј, торжествено се слави празникот на Воведението на Пречистата Дева во храмот. Од западната Водочка црква се зачувани дел од фреските: фрагменти од циклусот на Богородичните празници, Благовештение и Воведение, милување на Богородица од Јоаким и Ана. Историјата на западната Водочка црква кратко траела зашто доаѓа до повторна реконструкција на манастирот. Во периодот од крајот на XI и почетокот на XII век бил урнат олтарниот ѕид на западната црква и доградена источната и од двете страни била настаната една нова именувана како средна Водочка црква. Тогаш настанува третиот слој на фрески. Зачувани се 4 олтарни фрески на архиереи во фронтален став: Св. Василиј Велики, Св. Григориј Богослов, Св. Спиридон Тримитунтски и Св. Григориј Чудотворец. Потоа 2 ѓакони, Причестувањето на апостолите, во апсидата се наоѓа Пресвета Богородица Оранта, под сводот на полукалотата е композицијата Поклонување на ангелите, а во останатите дел од храмот се распределени други фрески. Во XIV век манастирот претрпува катастрофален пожар, во XIX век пострадал од силен земјотрес. Во 1958 година од ѕидовите се симнати фреските за да се зачуваат и денес се наоѓаат во државниот музеј во Скопје. Од 1975 до 1982 година од страна на д-р. Петар Милковиќ-Пепек се извршени конзеравторско-реставраторски работи на црквата но е стопиран и од страна на археологот Јован Ананиев од Струмица понатаму се одвиваат археолочките ископувања. Откриени се 2 епископски бањи: -првата датира од IX-X век, припаѓала на источната Водочка црква, имала приземје вкопано в земја и кат над него. Во приземјето биле сместени ѕидното огниште и инсталацијата за затоплување а капењето се одвивало во просториите на катот. Откако била изградена 2 бања оваа бања се користи како работилница за стакло. -втората датира од XI-XII век, припаѓала на средната Водочка црква, таа била пораскошна и поубава. Целиот манастирски комплекс располага со монашки конаци, владишка резиденција, голема трпезарија со димензии 19 метри должина и 5 метри широчина, кои неколку пати биле преуредени. Манастирот истотака располага и со имот: ниви, лозја, воденици. Во 1982 година е изграден уште еден конак во кој во 1995 година се возобновува монашкиот живот со машки монаси и се возобновуваат византискиот иконопис, црковното пеење, преведувачката дејност и монашкото ракоделие. Денес манастирот Св. Леонтиј-Водоча е женски манастир. Податоците за манастирот се користени документи од археологот Јован Ананиев од Струмица. |