|
||||
Монасите од Бигорски правеле илинденски топчиња |
Манастирот „Св. Јован Бигорски“ бил стожер на сите подготвителни активности за востаниетоКиро КипроскиБигорски - На крајот на 19 и во почетокот на 20 век во Галичник, во Мијачијата и во селата по долината на реката Радика беше присутен слободарскиот дух. Населението, неможејќи да го издржи османлискиот јарем и пљачкосувањата што ги вршеле арнаутските качачки банди од Албанија, ги прифаќале принципите на Тајната македонска одринска револуционерна организација за учество во вооружено востание, за да се изборат за национална и социјална слобода. Галичаните ја отфрлале се' поприсутната големосрпска и големобугарска пропаганда. Целосно се носочувале кон револуционерните организации, формирале комитети, поткомитети и преземале други форми на дејствување, за подобро да се подготват за големиот ден - за востанието. Манастирот „Св. Јован Бигорски“ бил стожер на сите подготвителни активности за револуционерното Илинденско востание, при што одиграл многу значајна улога во координацијата и во организацијата на населението за нивно вклучување во сеопштото востание. Тука се одржувале голем број тајни активности на Галичко-реканскиот комитет за собирање облека, храна, оружје за востаниците. Во активностите биле вклучени монасите на чело со игуменот на манастирот, јеромонахот Партениј, кои успевале да конструираат и да изработат две топчиња, со кои беше почната вооружената борба против Османлиите во реонот на Копачка. Според професорот д-р Ванче Стојчев, илинденците имале 17 дрвени топчиња, од кои шест во Крушево, а четири топчиња Османлиите заробиле во Битола и ги однеле во Истанбул, кои се чуваат како воени трофеи. „Низ вековите Бигорскиот манастир одиграл значајна улога во јакнењето и зацврстувањето на македонскиот дух на населението, не само во неговата околина, туку и на поширокиот регион на западниот дел на денешната територија на Македонија“, вели игуменот на манастирот, архимандритот Партениј. На почетокот на минатиот век Бигорски бил главна база за дејствување во подготовките на Галичко-реканскиот комитет и дал голем придонес населението од сите села околу реката Радика да бидат организирани и покрстени како членови на ВМРО. Документите во печатена и во електронска форма, заедно со многу книги и документи, како што рече отец Партениј, изгореле во минатогодишниот пожар што го зафати манастирот. Но, се прават напори да се обезбедат тие документи, кои се наоѓаат во архивите на соседните држави. Во Бигорскиот манастир била создадена мајсторска работилница и складиште за оружје. Монасите Гаврил и Гаврил Русин излеале и направиле две топчиња. Во една ноќ, неколку дена пред 2 август 1903 година, браќата Филип и Угрин Канчевски, од Галичник, кои потекнувале од угледна сточарска и патриотска фамилија, со свои коњи ги презеле топчињата и со мака низ стрмнините над манастирот, успеале да пристигнат до местото Краиште. На патот кон Крушево биле обезбедувани од галичката чета. Патот ги водел низ планината Бистра, за да пристигнат на договореното место над селото Душегубица (Кичевско). Ноќта спроти Илинден, со двете манастирски црешови топчиња беше објавено Илинденското востание. „Скришум, да не чујат шпионите, дедо ми Филип ми раскажуваше за својот подвиг, за движењето ноќе низ планинските беспаќа, да не ги откријат непријателите, со брат му Угрин успеале да ги пренесат црешовите топчиња од Бигорскиот манастир до договореното место што им го дал Комитетот“, се сеќава осумдесетгодишниот д-р Јанко Канчески. Покрај топчињата, кои биле натоварени на еден коњ и камуфлирани, облеката и храната за востаниците биле товарени на неколку коњи, собрани од галичани. За храброста на дедовците, додава тој, ми раскажуваа и татко ми Коста и чичковците Тане, Заге и Драган. Шеесет и тригодишниот Миле Канчески ни вели дека дедо му Угрин, на 24 години, бил многу храбар и голем македонски патриот, секогаш подготвен да го даде животот за Македонија, за македонскиот народ да се ослободи од османлиското ропство, кое било неиздржливо. За пренесувањето на црешовите топчиња од Бигорскиот манастир во Крушево ми зборувал татко му Ладе, со аманет на дедо му, приказната да се пренесува од колено на колено, на децата и внуците, а тие, исто така, да им ја пренесуваат на своите деца и внуци се' додека постои родот и породот. „Чувствата се големи и импресивни кога сознав дека моите предци во илинденскиот период се зафатиле да ги пренесат црешовите топчиња и да бидат активни во подготовката на Илинденското востание, многу се израдував и горда сум што потекнувам од револуционерна-патриотска фамилија“, со восхитување зборува праправнуката на Филип, Елизабета Канческа-Милеска, министерка за култура, и додава: „Не дека потекнувам од семејството на моите прадедовци Филип и Угрин, кога татко ми ми раскажуваше за нивниот подвиг од очите почнаа да ми капат солзи, од нивната храброст, од подвигот што го направиле во тоа тешко време“. Авторот Георги Трајчев својата „Книга за Мијаците”, отпечатена во 1941 година, во Софија, речиси 30 години по нејзиното пишување, им ја посветува на Галичник и на Мијаците и на Бигорскиот манастир. Авторот по потекло бил Мијак, роден во Крушево, а во Галичник престојувал како инспектор по образование. Манастирот служел и како главна база на дејствување во подготовка на комитетите. На тој начин сите села што се наоѓале на двете страни на реката Радика биле организирани и покрстени како членови на ВМРО. Сите служби биле организирани од игуменот јеромонахот Партениј и од монасите Гаврил Карапела и Гаврил Руснака (кој бил добар техничар), запишал Трајчев. Покрај мажите од Галичко-реканскиот регион, кои учествувале во подготовките на Илинденското востание, и жените активно учествувале во подготовките на Илинденското востание. Во периодот од 15 август 1902 до 20 јуни 1903 година организацијата имала многу успешни активности во подобрувањето на организираноста, а посебно во собирањето пари, при што биле собрани 560 наполеони и големо количество облека. На Смилевскиот конгрес (23 април 1903 година) било донесено решение Галичко-реканскиот реон да остане легален орган и по објавувањето на востанието, да му биде на располагање на Кичевскиот револуционерен реон за да му доставуваат храна, облека, пушки, патрони, лекови, а во случај на напад на османлиските војски во Кичевскиот регион да можат четите да се префрлаат во Галичко, каде што ќе ги кријат. |