|
|
Нелојално иселеништво или незаинтересираност?! |
ШТО ПРАВИМЕ НИЕ МАКЕДОНЦИТЕ ОД ДИЈАСПОРАТА ЗА ДОБРОТО НА НАШАТА ТАТКОВИНА, РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА? Каде и да сме ние македонците, во Република Македонија, во дијаспората, во етничките делови на Македонија или во околните држави на републиката и пошироко, во источно-европските земји, треба да бидеме сите исти и лојални на македонската кауза. Тоа сознание беше главно во активноста на национално-политичките организации на Македонското движење во дијаспората од крајот на Втората Светска Војна до осамостојувањето за кое беа ангажирани голем број на емигранти, раководства и лидери-челници. Да видиме дали и денес тоа е така! Во последно време, интелектуалните сили во Република Македонија, како и скоро сите општествени, спортски, културни и слични органи и организации, единствено реагираат во одбрана на својот Македонски идентитет. Активноста за опстанок на македонците се карактеризира со реакција против недемократската негација на ЕУ и нејзините институции, кои подржувајќи ја шовинистичка Грција, настојуваат зачленување на РМ во унијата, без уставното име на Македонија, згора на тоа и не употребување на придавката “Македонски“! Арно ама ние не сме ниту малку наивни, а спротивно на тоа сме многу одговорни, пред сегашните и идните македонски генерации. За таа цел, испраќани се голем број протестни писма до ЕУ и нејзините институции да го сменат својот шовинистички однос кон Република Македонија и македонците и во иднина, во сите нивни документи за општење со нас, правилно го употребуваат уставното име и придавката “Македонски“. Акциите за испраќање протестни писма во Република Македонија продолжува интензивно. А дали е така и во дијаспората, специјално македонците од Австралија, каде е една од најголемите популации во дијаспората? За жал, НЕ. Каде се Македонските организации за човекови права? Каде се постојните македонски заедници кои ги претставуваат емигрантите на соодветните држави во дијаспората? Ако не тие, има други, како што се Македонските општини во кои се опфатени разни социјални, спортски, верски, национално-политички, лингвистички и културни активности на емиграцијата, зошто молчат.? Разединувањето на македонската емиграција во поедини области од животот не треба да владее, а посебно не во заедничкото бранење на основните Македонски национални карактеристики како што е името МАКЕДОНЕЦ и МАКЕДОНИЈА. Искажувањето на патриотизмот на македонските иселеници во дијаспората е слободен и прифатен од демократските власти на државите каде живеат и се раѓаат нови Македонски генерации. Никој од тие демократски власти не го оспорува правото на патриотизмот на своите емигранти, дојдени за привремена работа или за постојан живот во нивните средини. Како пример да ја земеме Австралиската федерација, која има околу 150 различни народности-емигранти, кои зборуваат и практикуваат свои говорни и литературни јазици, културни, верски и национални карактеристики поврзани со нивните родни земји од каде и емигрирале. Реална е помошта на емигрантите и нивните семејства да се чувствуваат подобро отколку во своите родни земји, кои ги напуштиле од економски, политички, верски и сл. Грижата на земјите со поголема емиграција кон емигрантите, се докажува преку нивната сестрана подршка, како финансиска, материјална и духовна помош. Финансиската помош е изразена преку изградба на објекти и терени за потребите на емиграцијата. Материјалната помош е изразена преку поклонување на одредени парцели земја за изградба на нивни објекти за разни активности како, рекреација, спорт, религија и старечки домови пред се, итн. Духовната подршка е изразена преку формирање на групи, организации, асоцијации, за помош, преку прифаќање на емигрантите со нивно оспособување за вклучување во новото општество (курсеви за совладување на официјалните јазици на државите домаќини, основање на емигрантски центри за поврзување на емигрантите со институциите за социјални потреби и осигурувања, при поголемите етнички општини). Сето тоа ја подобрува соработката помеѓу емиграцијата, властите и нивните институции. Сите овие добрини Македонската дијаспора ги користи, но за какви цели?! Кога ги знаеме вложувањата на властите на новите држави-татковини за доброто на нас македонците и за нашата непречена национална Македонска иднина во дијаспората, треба да се запрашаме: ШТО ПРАВИМЕ НИЕ МАКЕДОНЦИТЕ ОД ДИЈАСПОРАТА ЗА ДОБРОТО НА НАШАТА ТАТКОВИНА, РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА? |