Среда, 09 Октомври 2019   
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (25)

1aaaaa

Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (25)

Протесетите на Македонците ширум светот кои на почетокот на деведесетите години бараа признавање на државата под уставното име не вродија со плод. Европа и светот остана глува на барањето на еден мал народ да биде признаен под своето уставно име. Тој однос на европските држави членки тогаш на Европската заедница (ЕЗ) и денес на ЕУ, кој се провлекуваше речиси три децении покажа дека кај што има сила нема правдина. На барање на јужниот сосед тогашната ЕЗ, потоа ЕУ,  долго време вршеше притисок врз Македонија да го смени името доколку сака да стане членка на ЕУ и НАТО. Што точно се случуваше на почетокот на деведесетите години, кога македонската дијаспора притестираше ширум Европа и светот, можеме да видиме од книгата „Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлевски“. Авторот Киро Кипровски за овие настани, за изјавите на тогашните учесници и за разочарувањето на македонскиот народ по почетните демострации ќе забележи:

ИСТРАЈНОСТА ИМА КРАЈ

mМакедонците демонстрираа пред зградата на МНР - Луксембург за време на одржувањето на министерскиот состанок на ЕУ

„За демонстрацијата во Луксембург, за атмосферата и за разочараноста на Македонците, во дневниот весник „Нова Македонија“ објавив осврт „Истрајноста има крај“, на 22.06.1992 година. Еве дел од него:

„За време на одржувањето, а и по Министерскиот состанок на дванаесетмината во Луксембург, пред зградата на Европскиот парламент, организирано демонстрираа околу 2.000 Македонци. Дојдоа од Германија, Швајцарија, Франција, Холандија и Шведска, каде се наоѓаат на работа и уште еднаш го кренаа својот глас за самостојна, суверена и независна Македонија. Тие се обидоа на Европа да и докажат дека прави огромна грешка, што си поигрува со судбината на оваа мала држава.“

Кога организаторот на овие мирни демонстрации, претседателот на „Обединети Македонци“, д-р Иван Минев, соопшти дека и овој пат министрите го одлагаат признавањето на Република Македонија за следната средба, што ќе ја одржат кон крајот на месецов во Лисабон, демонстрантите разочарувањето го изразија мошне агресивно. Грчкиот премиер и министер за надворешни работи, Константин Мицотакис, го испратија со фрлање на пластични шишиња, кои профучеа покрај неговата глава, а личното обезбедување одвај успеа да го внесе во возилото. Тоа и го заслужи, бидејќи иронично им се потсмеваше на револтираните демонстранти и гестикулираше на недоличен начин навредливо и провокативно.На демонстрантите им го покажа средниот прст и уште повеќе ги испровоцира, па за малку недостасуваше да се предизвика инцидент и мирната демонстрација да излезе од контрола.

„Со месеци неаргументираното одлагање на меѓународното признавање на Република Македонија од Европската економска заедница, јасно укажува дека и во Европа нема демократија, која се повеќето тоа и го манифестира“, револтирано зборуваше д-р Вукашин Ефтовски, професор на Сорбона, Париз, Франција, кој повеќе од две и пол децении живее и работи во Париз, а потекнува од гостиварското село Лешница. „На демонстрациите мора да бидеме поагресивни и да вршиме притисок врз сите министри, кои на крајот од 20 век се поигруваат со достоинството на македонската држава и нација, која е мала, но горда, со богата историја, со културно наследство и служи за пример на Балканот и во Европа, со водењето на мирољубива политика“, заклучи македонскиот професор на Сорбона.

Ристо Паргов од Брисел, кој со сопругата беше на демонстрацијата, како и сите други, беа разочарани и гневни на министрите кои се поигруваат со Македонија, или пак немаа сили на една Грција да и кажат дека не е во право со своите барања и дека треба да отстапи од настојувањето Македонија да го смени името, кое со векови го носи.

Манојил Мане Јаковлески беше еден од организаторите и двигатели на Македонците, за успешно организирање на педесетина мирни демонстрации, што се одржаа во повеќе метрополи и градови во Германија, Белгија, Швајцарија, Луксембург, Шведска, Шкотска, Данска и Австрија. Сите беа масовни и достоинствени, и дадоа голем придонес за афирмација на Македонија, со цел пошироката светска јавност да дознае за проблемите со кои се соочува. Со сите овие активности, Македонците напишаа дел од поновата современа македонска историја.

„Поминаа дваесет и седум години од одржувањето на првите мирни македонски демонстрации во Берлин, пред Рајхстагот, за меѓународно признавање на Македонија. Тоабеше само почеток, бидејќи демонстрации и други активности за одбрана и афирмација на Македонија продолжија ширум Европа“, се присетува Манојил Мане Јаковлески. „Гледано од сегашна временска дистанца, можам да кажам дека македонската дијаспора со протестите во Европа, Австралија, Америка и Канада, одиграа клучна улога кај меѓународната заедница за признавање на Македонија. Големиот број демонстрации и протести на бројната македонска дијаспора, овозможија да се слушне за Македонија, македонското име, за нејзината историја, за голгота што низ вековите ја минуваше македонскиот народ. Сето тоа вроди со плод и денес Македонија со нејзиното уставно име е призната од над 130 земји во светот“, заклучува Јаковлески.

„Во 27- те години постоење како суверена држава, Македонија постигна многу. Вештачки создадениот спор од страна на нашиот јужен сосед, кој сеуште ги оспорува нашето име, идентитет и култура, ни нанесува големи штети со блокадите што ги прави за нашето евроатланско интегрирање, кое има негативно влијание врз побрзиот економски развој. Сепак ние, Македонците, сме упорни и ќе ги надминеме тешкотиите, но нема да го смениме нашето име, кое е поврзано и со нашиот идентитет“, категоричен е Јаковлески и додава дека клучен чувар на македонскиот идентитет е македонската дијаспора, која секогаш е подготвена да го крене својот глас.

МАКЕДОНИЈА – ВЧЕРА, ДЕНЕС И УТРЕ

Организаторите на мирните демонстрации кои две-три години ги организираа на повеќе локации во Европа, Австралија, САД и Канада, ги прекинаа, а незадоволството и притисок врз меѓународната заедница ги продолжија со нови форми и содржини се додека Република Македонија во ООН не биде регистрирана со уставното име. Манојил Мане Јаковлески како претседател на МПЦО „ Св. Климент Охридски“ од Берлин, покрена активности за одржување на семинари, трибини, концерти, презентации и слично за целосна афирмација на Република Македонија, на нејзината историја, култура, на природното и на другото наследство, на стопанството, природоните убавини и реткости во светот.

По повод тригодишнината од одржувањето на референдумот во Македонија, кога граѓаните се изјаснија за самостојна, независна и суверена Република Македонија, на 9 септември 1994 година во Берлин, беше одржан семинар на тема: „Македонија - вчера, денес и утре“. Организатори беа: МЦО „Свети Климент Охридски“ и германскиот новинар Матијас Дорифелд, голем пријател на Манојил и на Македонија. Семинарот се одржа во големата сала на Шенеберг, поранешната зграда на градскиот парламент во Берлин. Тоа доволно говори за респектот што го имаа германските власти кон Македонците во Берлин.

Всушност, за прв пат во дијаспората македонските патриоти, предводени од Манојил Мане Јаковлески и Матијас Дорифелд, организираа ваков семинар, преку кого германската јавност беше запознаена со мал дел од богатата историја на нашата татковина. На неговото отворање присуствуваа голем број претставници на локалните власти од Берлин, на амбасадите од Русија, Англија, Бугарија, Турција и Хрватска, како и домашни и странски новинари. Уводничари на семинарот беа: д-р Срѓан Керим, прв амбасадор на Република Македонија во СР Германија, Матијас Дорифелд и Јордан Бошков, пратеник на првиот повеќепартиски парламент во Македонија.

Амбасадорот Керим поздравувајќи ги гостите направи краток осврт на позначајните дати од историјата на Македонија, кои се дел на континуитетот на македонската државност: „Осми септември во историјата на Македонија зазема посебно место и е продолжение на духот на Крушевскиот манифест од 1903 година и на одлуките од Првото заседание на АСНОМ, одржано во 1944 година. Сето тоа, претставува континуитет на македонската државност, проткаен со решителна определба на граѓаните на Република Македонија, да стане современа, парламентарна и демократска држава, според меѓународните правни нормии принципи. Република Македонија е најмлада држава на Балканот и во Европа. Но, според историскиот стаж, македонскиот народ спаѓа во редот на европските народи, со долга и богата традиција, проткаена со многу тешкотии и маки и со непрекинат стремеж, да го зачува својот идентитет.

mm1Амбасадорот Керим на трибината „Македонија - вчера, денес и утре

Република Македонија е земја со силна и развиена европска припадност. Таа, по распадот на поранешна СФРЈ, го стекна својот суверенитет и државност на мирен и легитимен начин. Не учествуваше во војната на просторот на поранешна Југославија. Се определи за целосен развој на пазарната економија и за парламентарна демократија. Изгласа устав кој почива на принципите на граѓанското општество и правната држава. Се определи и институционално ги вгради во политичкиот поредок, принципите на меѓуетничката и верската толеранција и разбирање. Правата на националностите кои живеат во Република Македонија, се втемелени врз принципите на меѓународното право и практика.

Трајната определба на Република Македонија е европезација на Балканот, а не балканизација на Европа. Затоа, Република Македонија е за добрососедство и целосна соработка на Балканот, за почитување на постојните граници меѓудржавите и против ескалација на конфликти во регионот“, истакна во своето излагање, амбасадорот Керим.

Пратеникот Јордан Бошков, посебен нагласок стави на трнливиот пат што го минува Република Македонија з амеѓународно признавање, подвлекувајќи дека процесот кој се уште трае, не е заокружен и носи горчлив вкус, поради необјективната модификација на името на нашата држава, а кај населението губење доверба во демократските институции. Во тој контекст Бошков рече, дека граѓаните на Македонија огромни надежи полагаат на вторите редовни парламентарни избори.

mmm1Присутните со големо внимание ги следат настапите на говорниците

Матијас Дорифелд подвлече, дека треба да се знае вистината за Македонија, поради што и се одржува овој семинар, како и да се отстрани грчкото ембарго, воведено со цел да се скрши и да се уништи македонското стопанство. „Поминаа шест месеци и Македонија сепак живее и опстојува, а грчките планови за такво нешто не се реализираа. Срамно е како членка на Европската заедница, да воведува ембарго и да ја блокира Македонија за прием во меѓународните институции“, рече германскиот новинар.

Во богатата дебата, беа упатени повеќе прашања.Тројца грчки новинари, се обидоа да ги испровоцираат уводничарите и да го минираат семинарот. Меѓутоа, модераторот на семинарот, г. Матијас Дорнфелд, на време реагираше и дискусијата продолжи да се одвива на високо ниво. Во рамките на семинарот беше отворена изложба на фотографии, за судбината на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија. Македонскиот артист ПетарТемелковски, ја изведе монодрамата „Така зборува Исидор Солунски“, оставајќи голем впечаток.

Во оценката за семинарот, Манојил Мане Јаковлески пред новинарите изрази задоволство, што во Берлин, оддалечен две илјади километри од Скопје, компетентни лица ја презентираа вистината за Македонија и нејзината богата историја. „Благодарни им сме на сите учесници и очекувам вакви семинари да се одржуваат во повеќе градови во Европа, Австралија и Америка и на непосреден начин на нашите пријатели и на Македонците во дијаспората од втората и трета генерација, да им се презентира македонското минато“, рече тој.

МАКЕДОНИЈА НА ПАТ ЗА ЕВРОПА

mmmm1Професор Волф Ошлис

И вториот семинар на тема„ Македонија-вчера, денес и утре“, што беше одржан на 8 септември 1995 година, овој пат во Европската Академија во Берлин, придонесе за афирмација на нашата татковина во Германија. И овој семинар, го организираа Манојил Мане Јаковлески и Матијас Дорифелд заедно со Македонската право славна црковна општина „Св. Климент Охридски“, македонскиот клуб „Гоце Делчев“ од Берлин. На најдобар можен начин, Македонците во германската метропола, ја одбележаа четиригодишнината од одржувањето на референдумот за самостојна, независна и суверена држава – Република Македонија.

Во холот, македонски момчиња и девојчиња, облечени во народна носија од неколку краишта на Македонија, гостите ги чекаа со погача и со сол, традиционален македонски начин за вакви пригоди.

Со семинарот раководеше д-р Срѓан Керим, македонски амбасадор во СР Германија, кој беше и прв уводничар. Тој говореше на тема „Република Македонија на патот за Европа“. Во краткиот осврт за состојбите и нејзиното осамостојување, истакна дека таа својата сувереност ја стекна на мирен, демократски начин, без да се пролее ни капка крв. „Македонија цврсто чекори на патот за интеграција, во сите сфери на Европа и со надеж да стане членка на Европската заедница и на НАТО“, рече тој, потенцирајќи дека најголема пречека на нејзиниот пат е јужниот сосед- Грција, која се спротивставува на интеграционите процеси и го оспорува уставното име на Република Македонија, кое е вековно име на Македонците.

„Германско-македонските односи во XX-тиот век“, беше тема на која говореше д-р Штефан Требс, од Институтот за источно-европски прашања во Берлин, кој пред две години беше во мисијата на КЕБС во Македонија. Тој ја потенцира добрата соработка на политички, научен, културен и стопански план, особено во годините по осамостојувањето. „Германија на Македонија и е добар пријател и соработката ќе треба да се продлабочува и да се зацврстува, за доброто на двете држави“, рече тој. Доктор ВолфОшлис, докажан пријател на Македонија, во рефератот „Македонија 1990-1995 година, оаза на мирот“, ја потенцираше  мирољубивата надворешна политика на Република Македонија. Позитивно ги оцени настојувањата на државното раководство, конфликтите и проблемите да се решаваат на мирен начин, со дијалог, а не со ѕвецкање на оружје и со војна. „Само на тој начин, Македонија ќе успее да се избори за својата самостојност“, подвлече тој.

mmmmm1Во „Ново Скопје“ - Берлин, за организација на трибината се договараа Манојил Јаковлески, д-р Штефан Требс и Киро Кипроски

Во меѓувреме, по речиси три децении непокор, со доаѓањето на Социјалемократите на власт, достоинството на македонскиот народ беше погазено. Без согласност на народот, лидерот на СДСМ Зоран Заев ја свитка кичмата и на 17 јуни 2018 година го потпиша Преспанскиот договор со Грција со кој го смени името и идентитетот на македонскиот народ.  

Текст и Фотографии: Киро Кипроски

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.