|
|
„Една идеја един живот“ (2) |
„Една идеја един живот“ (2) Во овие моменти кога во Софија повторно се повампируваат страстите од 19 век и соништата за голема Санстефанска Бугарија, спомените „Една идеја един живот“ од Георги Дукимов, објавени во 1999 година во градот Гоце Делчев (до 1951 година Неврокоп), преставуваат добра прилика да се отрезнат македонските политичари кои свесно или несвесно тргуваат со националните интереси на македонскиот народ, неговиот јазик и историја, Инспирирани од херојските подвизи на своите дедовци, полни со идеали за да го исполнат светиот завет, Дукимов и неговите другари биле спремни и тие да ги положат своите животи пред олтарот на мајка Македонија. Но, во периодот на крајоѕ и по Втората светска војна, иако се радувале на Република Македонија, тие не ја гледале Македонија во рамките на Југославија, туку како обединета равноправна единица во рамките на една Балканска федерација. За таа цел тие биле спремни да започнат и вооружена борба, но како и секогаш, преданиците го спречиле нивниот обид. Во продолжение на спомените на Дукимов „Една идеја, еден живот“, за овој период ќе забележи: „За време на летниот распуст одевме по родните места во Егејска Македонија. Од се се восхитувавме. Се чуствуваме како стопани, вратени во домовите од прогонство. Ние бевме чеда речиси скоро сите на сиромашни родители на кои требаше да им помагаме дома и во стопанската дејност. Презаситени од сите такви нешта, не чуствувавме како минуваа месеците и годините, додека дојде 1944 година. Таа година беше радосна и трагична. Радосна зошто во животот се појави Македонска република. Трагична зошто нови компактни човечки маси беа прогонети од Македонија и го презедоа патот на несреќниот бегалски живот. Годината 1944 година дојде како ураган кој собираше се пред себе. Такви трагични судбини оставаат трајни последици во историјата на еден народ кој имал несреќа да ги преживее. Тоа се втиснува во меморијата на еден народ и се помни со векови. За нас како млади нештата мпжеби не беа сосема јасни поради нашето неискуство во животот. Жално е кога ќе застанат брат против брат и бараат одмазда еден од друг. Но ние бевме во тој свет, во тие тешки години и неволно станавме сведоци на тие грозни нешта. На опијанети љуѓе, кои вкусиле од сладоста на власта, која дојде во името на нешто свето, нешто ново, за којашто луѓето беа жедни. Во таквите моменти трезвената мисла и претпазливоста стануваат потиснати од една животинска страст за надмоќ над другите. Жедта за одмазда за сторени или несторени гревови кои се натаоложени толку многу во таа македонска трагедија на взаемно истребување, која е погубна за народот и казузата кон која се стремиме. Тоа е жалното во нашата историја. Тоа не слабее и не прави немоќни за да со заеднички сили ја постигнеме заветната цел. За жал сето тоа е по наредба од страната пропаганда – на Атина, Софија и Белград. Македонија секогаш била „јаболко на раздорот“ заради нејзината географска положба. Немоќми сме да го промениме патот на историјата. Нештата ги примаме такви какви се. Почитичката мешаница, која се развиваше, нас многу не не интересираше. Во нашата свест постоеше името Македонија и неговата судбина.... Македонскиот револуционер добива удари од лево и од десно. Во период од 100 години Бугарија нема јасна национална политика за да ја брани. А тоа делува погубно врз нашиот историски развој и судбина. За сите нивни борби на луѓето од власта секогаш ние Македонците сме биле жртва на нивните гревови. Таква е судбината на народот во сите три дела на поделена Македонија. Удари сме добивале и од лицемерната Европа заради нејзините егоистични погледи на Балканот. Но што да се прави кога тука сме родени и опколени од предаторски зверови, кои ги пружат крвавите шепи кон нас. Во напната атмосфера помина и 1945 година. Тогашните управители во оној тоталитарен систем беа недораснати. Секој кој не ја одобруваше нивната политика, беше прогласуван за непријател. Какви непријатели бевме ние, 18 - годишни младинци. Можеби ги плашеше нашиот идеализам? Смисолот на нашиот живот беше само Македонија. Бев уапсен со нашиот другар Тодор Атанасов Солаков. Престојувавме две деноноќоја во општиот затвор. Поради големиот студ, бевме принудени ноќите да ги поминеме збиени еден до друг за да се стоплиме. Зошто бевме затворени не можев да разберам. Не ослободија, но остана големо разочарување во нашите речиси детски души. Тоа не калеше може би за непредвидливите страдања, кои не очекуваа во иднина. Настапи 1946 година. Македонската република во Федеративна Република Југославија зајакнуваше. Ние заедно со тој дел од нашиот народ се радувавме. Бевме горди дека постои и се развива може би по патот на едно целосно обединување во рамките на една Балканска федерација, за која се зборуваше толку многу. Таа идеја ни се гледаше примамлива. Мислевме дека и ние Македонците ќе бидеме една равноправна единица во тој славјански сојуз на братство и разбирање. Годината 1946 требаше да биде од историско значење, бидејќи престоеше попис на населението и определување на етничката припадност. Тоа нас многу не активира. Нема поголема среќа, да имаш можност да се самоопределиш како таков, како што се чувствуваш. Секогаш сме се чуствувале како Македонци, но сакавме да ја имаме можноста и да се декларираме со правна сила. Имајќи го во предвид престојниот важен настан, една вечер во домот на Георги Поп Ангелов се собравме околу 15 луѓе, за да размислиме што да правиме. Присуствуваа Георги Иванов Поп Ангелов, Георги Икономов, Костадин Мутафчиев, Георги Сирмин, Александар Георгиев Којков, Тимну Димитров Запрев, Димитар Киримов, Илија Грков, Марин Ангелов Варадев, јас и некои други. Разменивме мислење во врска со престојниот попи. Нас не не интересираше кој е на власт. Сите режими се времени, Македонија е вечна. Основавме организација со цел, преку агитација, да ја разбудима кај народот националната самосвест и да се пишат Македонци. Тој попис се спроведе по линија на Партијата во Пиринска Македонија. Имаше луѓе зависни од Партијата, кои не сакаа да се определат како Македонци. Но немаше насилство. Никој не беше репресиран, иако некој сакаат така да ги престават нештата. Ако некој вели дека бил малтретиран тоа е лага. Насилие имаше по друга линија и смисол. Ние сме Македонци и ништо друго. Родени сме на македонска земја, живееме и ќе умреме како Македонци. Родољубието е такво чуство кај човекот кое го тера да се гордее. Тоа беше смисолот на нашиот живот, тоа ни даваше сили да преживееме по мрачните логори и затвори долги години. Со тоа ние живеевме, создававме семејства и поколенија, достојни да го чуваат името Македонија. Поради политички причини официјалната политика на Партијата започна да се менува во насока, која поголем дел од народот не ја одобруваше. Ние не сакавме Пиринска Македонија да биде присоединета кон Југославија. Во тоа ние гледавме некаква опасност за каузата на Македонија. Започнавме да делуваме отворено. Сакавме да дадеме некаков отпор на такво неправилно поставување на прашањето. Мислевме дека со нашиот младешки ентузијазам решението на прашањето може лесно да се реши. Започнавме консултации. Организиравме тајни состаноци со цел да се даде отпор на таквата политика. Така се стигна до првиот состанок надвор од градот - крај Кутевото лозје. Бевме јас, Лазар Тотин, Спас Писов, Тодор Солаков и др. Втора, посериозна средба се одржа во местото „Лакото“ на која присуствуваа Спас Писов, Лазар Тотин, Атанас Лијасков, Асен Левков, Марин Барадев, Димитар Киримов, Илија Грков и јас. Таму одлучивме каква да биде формата на борба – просветна или вооружена. Најпрво се одлучи во гимназијата да започне со издавање на ѕиден весник „Македонска мисла“ и „Илинденски лист“. Јас најдов сликар во лицето на Штерјо Штерев (Тегото). Тој покажа мајсторство и стенвесникот беше впечатлив. Картата на Македонија беше целата во црно, а градовите - со црвени точки. Статиите се пишуваа од Иван Парасков, Марин Варадев, Георги Дарев и др. Духот и содржината беше во насока на нашата цел – независна Македонија. Интересот од страна на учениците од гимназијата беше многу голем. Со оваа активност станувавме се подрски и поактивни. Се појавија гласови во полза на посмели дејствија, како што е вооружена борба. Не го сфаќаме ризикот од ваква отворена борба. Тоа се должеше на нашето неискуство. Разумот беше заменет со идеализам. Мислевме дека треба да го исполниме својот долг, па дури ако не чини и живот. Знаевме дека не сме ни први, а нема да бидеме ни последни. Нашиот фанатизам не држеше секогаш во подготвени за саможртва. Така се редеа нелегалните состаноци, на кои ги обмисливме средствата за борба. Беше решено да започниме сериозна подготовка – врбување на нови членови н набавување на материјални средства. За кратко време успевме да направивме многубројни средби со наши истомисленици од погорните класови на гимназијата. Луѓе кои беа поминале низ македонските младински кружоци одговорија дека се спремни да учествуваат во таа опасна и непредвидлива борба. Посветени на тоа дело беа следните другари: Атанас Ангелов Лијасков, Георги Сотиров Дукимов, Спас Крстев Писов, Асен Василев Левков, Лазар Благоев Тотин, Тома Пасков, Рафаел Хаим Барух, Тимну Димитров Запрев, Александар Георгиев Којков, Георги Иванов поп Ангелов, Илија Штерјев Грков, Костадин Бошков Керезиев, Јусин Мехмедов Кантарџиев, Спас Шелев, Марин Ангелов Варадев, Илија Тодоров Домузов, Љубен Сотиров Тигалонов, Ангел Каратанев и др. Со некои другари средбите беа речиси секојдневни. Разговорите се вртеа се околу престојната акција. Се појавија и првите оружја. Требаше да го проберам и складирам на соодветно место за да ги земам во последниот момент. Еден дел од оружјето беше пренесено од Спас Писов со кола натоварена со ѓубриво.... Освен оружје ние складиравме и други материјали: литература, цигари и храна. Имавме подготвено скоро се и го очекував,е утрешниот ден за да излеземе. Но работата се одложи за една недела... Пред таа трагична недела самоволно Илија Домузов го вклучува во нашата работа идниот предавник Георги Жерев. Истиот бил уапсен во рекот на 1945 година и врбуван за агент на ДС (државната сигурност) – гр. Гоце Делчев. Неискуството не му дозволи да се вклучи и запознае со целиот план на нашата иницијатива. Никој не препоставуваше дека сме фатени во замка од овој предавник, диригиран од Државната безбедност во лицето на Костантин Кехајов (Бакото). Георги Жерев почна да носи некакви пиштоли без муниција, кои му биле давани од милицијата. Се беше во розов сјај... Предавмикот се открива во повеќето случаи откако ќе ја изврши подлоста, Го закажавме последниот состанок на 20 – ти април во домот на Тома Пасков. Беше Томина недела, именден на домаќинот. Таму дојде и предавникот Георги Стојанов Жерев. Го договоривме денот на излегувањето – истиот ден во 20 часот. Зборното место беше турскиот зимовник, на 2 км од градот. Но што се случи? Кај 19 часот дојде Митрето Воденичарот, испратен од милиционерот Ангел Каратанев, за да ни каже дека во полицијата има раздвижување и тоа во врска со нашата акција. Ние веднаш се активиравме и јас започнав да ги испраќам луѓето кон зборното место. Не знаевме од кого сме предадени и дека милицијата блокирала се. Најпрво замина Спас Писов, потоа Тома Пасков и Радко Еврејчето. Јас се вратив за да си го земам багажот и пред домот на Спас ме уапсија... ... Набрзо ме спроведоа во участакот. Другите кои успеале да ја преминат блокада паднаа во стапица на милицијата. Таму беа врзани Спас Писов, Тома Пасков, Радко и др. Ги срушија на земја и седеа врз нив. Утрината ги донесоа во милицискиот участок. Во текот на таа ноќ беа задржани речиси сите од групата. Мене ме ставија во келијата бр. 3. Другите келии исто така беа наполнети со луѓе.... Започна иследувањето. Давање на искази, со цел појаснување на деталите на организирањето на целата конспирација. Уште на почетокот на иследувањето се појави обвинителот Кирил Николов. Тој се запознал со случајот и му наредил на крвникот „Бакото“ да не се врши врз нас никакво насилие. И навистина, благодарение на него бевме спасени од секакви инквизиторски методи. Од тоа не беа задоволни садистите од милицијата, но ние бевме благодарни зошто затворот си е затвор... За нас стана јасно дека сме предадени и се е познато... Така минуваа деновите еден по друг. По дваесет дневно иследвање, сите кои бевме затворени по келиите, не однесоа во општиот затвор. Кога се појавив на врата што да видам. Налегнати по земја, налегнати како сардели еден до друг. Не се воздржав и реков: „Браво бе комити! Наместо во Балкан, тука ќе лежам како мрцина.“ И јас зазедов место до нив. Се собравме околу 25 лиѓе. Сите лежевме на едната страна за да не се гледаме. Позата беше или налево или надесно. Понекогаш на грб, по наредба на милиционерот кој не чуваше. Истрагата продолжи триесет дена. Откако беше готова една вечер не натоварија на камиони тие кои бевме определени да им се суди (12 луѓе) и не однесоа во градот Неврокоп. Таму не сместија во одделна келија. Бевме изолирани од останатите затвореници. Меѓувремено, ставија меѓу нас двајца престапници по стопанска линија. Тие беа од село Бачево – Александар Драговчев и Пешо. Тие беа луѓе на власта и задачата им беше да не прислушкуваат... Бевме интересни за останатите затвореници, зошто бевме од првиот македонски процес од Пиринскиот дел на Македонија. Нашата конспирација даде кураж и на други и ние бевме следени од групи, од кои некои паднаа во затвор...
(продолжува) |