|
|
| Живееме под Шар Планина, симбол на убавина и живот, а пиеме вода загадена со фекалии |
|
Мане Јаковлески Општина Врапчиште се наоѓа во западниот дел на Македонија, каде што Шар Планина го чува Полошкото поле како раце што благословуваат, место кое одамна ја научило најважната лекција во животот: дека луѓето се луѓе, дека човекот вреди по делото, без разлика на вера, јазик или народност. Во општина Врапчиште низ вековите, заедно живееле Македонци, Турци и Албанци, не едни покрај други, туку едни со други, тоа е разликата што ја прави оваа општина посебна. Во минатото не се прашуваше за вера или нација, комшијата беше како брат! Во старите времиња, кога животот беше поедноставен ама потежок, луѓето се помагаа еден со друг. Се работеше заедно на ниви, со мотика и срп, кога требаше да се собере житото, пченката и гравот пред дождот, да се изора земјата пред студот, никој не прашуваше кој си, туку како да се заврши работата. Кога ќе се завршеше жетвата, се делеше леб, сирење и вода под сенка, и сите задоволни, не знаеше човек дали седиш покрај Албанец, Турчин или Македонец, се седеше покрај комшија. Се одеше на свадби во соседните села, веселбата не познаваше граници, зурлата и тапанот знаеа да ги спојат луѓето. Ако некој се разболеше целото маало се собираше да помогне, ако некој градеше куќа комшиите доаѓаа со по една матика или лопата, некој со коњ и кола, некој со магаре, кој што имаше, со тоа помагаше. Во тие времиња луѓето живееа посиромашно но со чувство дека доброто се враќа со добро, дека животот вреди само ако се помага. На Бајрам добивавме од Турчин или Албанец баклава или шеќерпаре, на Велигден ние Македонците носевме црвени јајца. Денес, кога времето стана побрзо, а луѓето понекогаш подалечни, вреди да се потсетиме на овие приказни, да се сетиме дека животот не беше лесен, ама беше исполнет со топлина. Можеби времињата се менуваат, младите заминуваат, некои во Скопје, некои во странство, но кога се враќаат, секогаш велат: само овде мириса воздухот по мое, тој воздух го носи мирисот на заедништво, на гласот на комшијата што вели: Добро си дојден сине. Нашите татковци и дедовци не оставија само куќи и ниви, тие ни оставија Аманет што не се гледа, туку се чувствува, Тие ни кажуваа дека најголемото богатство е да имаш добар комшија. Во време кога многумина се обидуваат да не поделат по вера, етничка припадност или јазик, треба да бидеме пример дека заедничкиот живот не е идеја, туку реалност што со години се живее. Нека Општина Врапчиште остане пример, дека можеме да бидеме различни, а сепак да покажеме дека пријателството нема нација, дека добрината нема вера, и дека човекот е човек, само кога има душа за другиот. Денес сите ние, жители на општина Врапчиште го делиме истиот проблем за кој сите знаеме, а премолчуваме. Живееме под Шар Планина, симбол на убавина и живот, а пиеме вода загадена со фекалии. По нашето плодното поле, наместо зелени ниви, гледаме пластични шишиња, домашен и градежен отпад. Природата што некогаш нè хранеше и штитеше денес ни испраќа сериозно предупредување. Ова мора да се промени. Не со празни ветувања, туку со вистински дела, со совест и одговорност кон земјата што ни дава леб и кон водата што ни го дава животот. Ако не почнеме денес, утре ќе биде предоцна. Шар Планина не смее да биде сведок на нашата амнодушност, туку симбол на нашето будење. На крајот на денот, сите сме исти под сонцето, во ист Бог веруваме, а сонцето свети еднакво за сите! |














