|
|
| Младите, чувари на Македонската иднина! |
|
Постојат (не)луѓе кои не ѝ посакуваат добро на Македонија, тоа се тие што и најдоброто го претставуваат како лошо. Луѓе кои белото го нарекуваат црно, а црното го прават уште потемно. Тоа се луѓе што никогаш не ја почувствувале Македонија како своја. Никогаш не ставиле дел од себе во темелите на оваа земја. Тоа се луѓе без љубов кон татковината, без храброст да обединат, и верувајте, ништо од тоа не е случајно. Нивната цел е да ги разочараат младите, да ја напуштат земјата, а Македонија да остане празна и немоќна. Секојдневно на социјалните мрежи, а во источна Македонија, и на билборди се појавуваат пораки, „Замини надвор“, „Таму има подобра заработувачка“, „Овде нема иднина“,... толку многу ветувања за брзо богатење и полесен живот, што човек може да поверува дека напредокот постои само ако ја напуштиш татковината. Заради сето тоа, денес, повеќе од кога било, е важно да не дозволиме песимизмот да ја ослабне вербата на младите кон државата. Нашите предци имале далеку потешки времиња. Некои ја бранеле татковината со пушка, други со перо, со рало, со занает, со молитва и со непокорлив дух. Многумина го положиле својот живот за да постоиме ние денес, за да имаме држава, можеби сеуште не е совршена, но наша е. Држава која на сите ни припаѓа, а на младите ќе им биде оставена во наследство, како Аманет, да ја чуваат и да ја градат. Паролата „да бегаме“ е пораз, не е решение, не е македонски дух. Денес кај младите е честа, но и света должност да ја продолжат нивната мисија. Не со оружје, туку со знаење, со труд и со љубов кон земјата која ги родила. Земја која мора да ја оставиме подобра за оние што ќе дојдат по нас. Создадете семејство, создадете поколение, само така, еден ден, ќе можете со полна душа да се свртите назад и да кажете: „Направив нешто вистинско, нешто што остана, што ја продолжи мојата лоза, во мојата земја.“ Ниту парите, ниту туѓината не можат да го заменат чувството да гледате како растат вашите деца и внуци, во своја земја, со свој јазик, со своја историја, со своја гордост. Децата не се товар, децата се благослов. Тие се иднината, силата и продолжението на нашата држава. А Македонија ја заслужува вашата енергија, вашата љубов, вашата верба и се надева на вас младите, идните градители и бранители. Верувајте во своите способности, а не во лажни ветувања. Македонија има потреба од лекари, инженери, занаетчии, информатичари, земјоделци, наставници, претприемачи, од сите вас. Секој ваш успех е ваша победа и победа за државата. Бидете активни, вклучете се во иницијативи, волонтерство, локални проекти. Промените не доаѓаат сами, Младите се тие што можат да ги забрзаат, кога младите се движат, се движи и државата, не се плашете од работа, никаде не е лесно. Градете ја својата иднина тука, во Македонија! И во Германија, и во Швајцарија, и во Америка, почетокот секогаш е тежок, верувајте во себе а не во лажни ветувања, никој надвор не ве чека со раширени раце. Таму почнувате од нула, овде имате корен, име, татковина. Нема на светот место каде што ќе бидете свои на своето, останете тука и создадете ја вашата приказна, во нашата Македонија! Знам дека сте разочарани од некои политичари од минатото, но денес Македонија има нова генерација политичари кои со чест, работа и чесност ја водат државата. Под водството на премиерот Христијан Мицкоски, тие се борат да исправат неправди, да создадат правда, ред и стабилност. Луѓе кои го ставаат општото над личното, кои вложуваат последен атом сила за Македонија конечно да стане успешна, достоинствена и силна, онаква каква што ја сонуваме со децении. Ние, повозрасните, ги оставивме годините зад себе, но не и идеалите. Нашата сила можеби бледее, но Аманетот не. Затоа едно прашање денес ми одекнува погласно од кога било: Ако младите заминат, кој ќе го продолжи Аманетот? Почитувани млади, градете ја својата иднина тука, во Македонија! Оваа земја не е точка на картата, таа е дом, чувство, корен, иднина. Македонија е држава што вреди да се сака, да се гради, да се чува и да се брани. Запомнете: Македонија не може без вас младите, а вие не можете без Македонија, нема место во светот што ќе ве прифати како свои. Останете тука, градете ја вашата приказна овде, Македонија нема светла иднина без вас, а со вас има сè! |














