|
|
| Како би изгледал Балканот–па и Европа–доколку Александар Македонски се врател жив во Македонија? |
|
Александар Македонски Џеповски Што ако, по сите освојувања по Индија, Персија и Вавилон Александар Македонски се вратеше во Македонија? Што ако не умреше, или не беше отруен млад, туку повторно го дочекаше Македонија и Македонскиот полуостров-Балканот, како победник, не како освојувач, туку како државник? Да се случеше тоа, историјата немаше да тргне по патот на бескрајни поделби, туку по патот на ред, визија и јасна цел.
Балканот немаше да стане европска „чекалница“, туку нејзин темел. Наместо регион што Европа постојано го условува, коригира и преиспитува, Балканот ќе беше простор што поставува правила и насока. Првото што ќе се сменеше е, Балканот немаше да биде периферија. Македонија ќе беше политички и културен центар, а не само спомен во учебниците. Наместо простор на племиња, локални кралеви и вечни судири, ќе станеше јадро на една империја што мислеше во големи размери. Грчките полиси немаше да водат ситни војни меѓу себе, туку ќе беа вградени во поширока државна архитектура со јасни правила и заедничка визија. Александар не беше обичен освојувач. Тој не рушеше за да владее, туку спојуваше за да трае. Ако се вратеше, сосема е веројатно дека ќе започнеше втор чин: консолидација, воспоставување закони и институции. Балканот можеше да стане првиот вистински мултиетнички политички проект во цела Европа, со различни народи, јазици и култури, но со заедничка држава и идеја. Европа, во такви околности, ќе пораснеше поинаку. Рим можеби немаше никогаш да стане тоа што стана. Наместо латинска Европа, можеби ќе добиевме Македонска Европа, заснована врз наука, филозофија и образование. Универзитетите ќе се раѓаа векови порано, картата на знаењето ќе беше порамномерна, а Истокот и Западот немаше да се доживуваат како спротивставени светови. И религијата ќе имаше поинаков тек. Со Александар жив, идејата за спојување на верувања, а не нивно исклучување, можеше да стане правило, а не исклучок. Наместо вековни верски војни, Европа можеби порано ќе научеше да живее со разлики. А Македонија? Таа немаше да биде предмет на расправи, туку извор. Немаше да се докажува, туку да се подразбира. Името немаше да се брани, туку да се почитува. Историјата немаше да се дели, туку да се продолжува. Да беше Александар жив, идејата за заедништво немаше да се темели на формулари и вета, туку на јасна свест дека различностите не се закана, туку капитал. Наместо бескрајни самити, ќе имаше одлуки. Наместо „европски пат“, ќе имаше македонска и европска цел. Балканот, во таква Европа, немаше да биде „проблем што треба да се менаџира“, туку простор што се разбира. Немаше да се бара промена на идентитет за влез во заедница, бидејќи заедницата ќе беше создадена врз почит, а не врз условување. Историјата немаше да се користи како алатка за притисок, туку како лекција што обврзува на мудрост. Европа денес има заедничка валута, но не и заедничка храброст; заеднички парламент, но не и заедничка совест. А Балканот, наместо да биде извор на идеи, е сведен на тест-полигон за трпение. Александар не се врати. Историјата тргна по полесниот, но посуров пат, пат на поделби, наследници без визија и империи што се распаѓаат побрзо отколку што се создаваат. Балканот остана крстопат, но не и центар. Европа остана моќна, но без душа. И можеби токму затоа ова прашање сè уште боли, затоа што умрела и можноста Македонскиот Балкан да биде нешто повеќе од вечно „што ако“! |















