|
||||
| Марија Камишова - Нонча |
|
Марија Камишова - Нонча (20. I 1924 – 6. I 1943) е македонски првоборец, борец на Велешкиот НОПО „Димитар Влахов“ од 1942 година. Била член на СКОЈ од 1939 година и на МК на КП за Велес од 1942 година. Позната како Нонча, заедно со група партизани била откриена и ликвидирана во една колиба во близината на Велес. Марија Камишова е родена на 20 јануари 1924 година во Велес. Како работничка била организатор на младинското работничко движење. Во 1939 година таа станала член на СКОЈ, а од 1942 година била член на МК на КП за Велес. За време на Втората светска војна, таа била организатор на народно ослободителното движење во Велешко. Младата велешанка набрзо го заменила градот со студената планина и шума. Станала борец на Велешкиот НОПО „Димитар Влахов“ формиран во септември 1942 година. По формирањето одредот, од септември до декември 1942 година, водел многубројни борби со бугарската војска и полиција во Велешко. На почетокот на јануари 1943 година, заедно со група партизани, Нонча била откриена и ликвидирана во една колиба во близината на Велес. Имено, на 6 јануари 1943 година, во една колиба во месноста Речани, во непосредна близина на Велес, борците Киро Ќучук (23 г.), Нонча Камишова (19 г.), Стојан Бурчевски (22 г.), Јордан Јорданов (22 г.) и Киро Неделковски (30 г.), по извршено предавство од страна на нивен сограѓанин, биле опколени од бугарска војска и полиција. Потоа се развила неравноправна борба, која траела речиси еден час. Тројца борци, меѓу кои и Нонча биле тешко ранети. Откако им снемало муниција, за да не паднат живи во бугарски раце, младите партизани пукале во себе. Меѓутоа, кога влегле Бугарите, тројца веќе биле мртви, а Нонча и Јордан, сеуште давала знаци на живот. Бугарите и нив ги дотепале. Убиените македонски херои два дена стоеле незакопани, а на третиот ден ги закопале селаните од Башино Село.
Подготвил: Т.К. |
















