|
|
| Кога се удира по АВНОЈ, се удира по АСНОМ и по Македонија! |
|
„Во овој момент, во ова историско место „Св. Отец Прохор Пчински" и на овој историски и свет ден Илинден, кога објавувам да е отворено Првото антифашистичко собрание, со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња до Вардар, од Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропаста на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава....." Со овие зборови, најстариот делегат, велешкиот учител и илинденец, Панко Брашнаров го отворил Првото заседание на Антифа-шистичкото Собрание на Народното Ослободување на Македонија, кое се одржало на 2 август 1944 година, во манастирот „Св.Прохор Пчински“. Тој говор не беше само свечена реторика. Тој беше историска пресуда над вековната неправда и симболичен крај на едно долго бришење. Зашто низ децении, па и векови, Македонија била предмет на територијални поделби, прекројување на граници и систематски обиди за негирање или присвојување на идентитетот. Се менувале презимиња и топоними, се оспорувала Македонската православна црква, се релативизирало правото на сопствен јазик, а цели историски периоди и личности се прогласувале за „туѓи“. Денес, фактот што различни соседи тврдат дека делови од македонската античка, средновековна и револуционерна историја им припаѓаат ним, говори за една подлабока вистина: Македонија поседува силно и влијателно културно-историско наследство. Од Александар и Филип, преку Апостол Павле и раното христијанство, кирилицата и Илинден до АСНОМ–Македонија останува цивилизациски крстопат. Отпорот кон непризнавањето на македонскиот идентитет не е случаен, туку произлегува од неможноста на соседите да изградат сопствен наратив без да посегнат по македонскиот. Затоа притисоците продолжуваат и денес – преку политики, договори и „интерпретации“ на историјата. Во тој контекст, не е случајно што по Грција и Бугарија, сега и од Србија сè слушаат пораки дека „прашањето на АВНОЈ“ повторно ќе мора да дојде на дневен ред. Формулацијата е внимателна, интелектуално запакувана, но суштината е јасна: се подготвува терен за ревизија на поредокот создаден по Втората светска војна. За Србија, тоа можеби е дебата за „историски неправди“. За Македонија – тоа е директен удар врз темелите на нејзината државност. Од македонска перспектива, АВНОЈ не е бирократски или идеолошки остаток од Југославија, туку историски момент на раѓање на македонската држава. Првпат македонскиот народ беше признаен како посебен народ, Македонија стана федерална единица со име, јазик, територија и институционален континуитет. Сè што следеше – АСНОМ, уставноста и независноста во 1991 година – е логично продолжение на тој чин. Затоа, кога денес некој вели дека нема вечно да се држи за АВНОЈ „како пијан за плота“, од македонска перспектива тоа не звучи како модернизација, туку како стара балканска намера облечена во нов речник. Кога од Србија се зборува за „прекројување на историската Србија од АВНОЈ“, тоа директно допира до легитимноста на македонското постоење. А фразата дека таа тема „мора да дојде на дневен ред“ во Македонија се чита како обид за релативизирање на границите и враќање кон великодржавни наративи. Денес Македонија повторно го брани правото на постоење – не со оружје, туку со аргументи против ревизионизмот. Во целата оваа приказна намерно се премолчува клучен факт: Македонија денес не е изолирана балканска територија од 1945 година. Таа е членка на НАТО и држава-кандидат за членство во Европската Унија. Тоа значи дека секое отворање на прашања поврзани со АВНОЈ и АСНОМ не е само историска или билатерална расправа, туку директен удар врз евроатлантската безбедносна архитектура. Ревизијата на АВНОЈ значи порака дека границите повторно може да станат предмет на политичко прекројување. А тоа е спротивно на принципите на НАТО, и токму затоа ова не е само македонско прашање. За Македонија, АВНОЈ не е товар од минатото, туку заштитен механизам од враќање во предавнојскиот хаос, кога македонското прашање се решавало без Македонци. ...Кога Господ ги делел земјите и судбините меѓу народите, секој добил мера според својата сила. А на Македонецот му била дадена земја на крстопат–меѓу царства, јазици и мечеви. И Господ рекол:„Ова ќе биде земја на испит, а не на удобност.“ И многумина ќе посегнат по неа, и ќе велат: „Ова е мое од порано“, и ќе го менуваат името, јазикот, историјата и ќе ѝ ги бројат вековите, и ќе ја мерат со туѓи мерки. Но Македонија ќе остане. Зашто не се брише народ што преживеал поделби, негирања и забрани, и повторно станал. И не се руши темел што е поставен со жртва, со борба и со име.
МН |














