|
|
| Сите кои не клекнуваат пред врхушката на СДС – државни непријатели? |
|
Мане Јаковлески За врхушката на СДС, логиката одамна е суспендирана, а реалноста е заменета со параноја. Во тој затворен партиски балон важи едно едноставно, но опасно правило: ако не си со нив – си против нив. Ако не им помагаш – сигурно работиш за некого. Ако поставуваш прашања – напаѓаш. Ако критикуваш – автоматски си прогласен за непријател на СДС, на државата, на демократијата, и се разбира на европската иднина. Нивните платеници, уредно распоредени по социјални мрежи, упорно и дисциплинирано испраќаат навреди кон сите што не ја прифаќаат партиската догма. Разлики меѓу нив речиси и да нема. Во едно се совршено усогласени: Преспанскиот договор е света крава, а договорот со Бугарија е новото евангелие. Кој не верува – антиевропеец е, кој се сомнева–руски агент. По месеци опседнатост со Србија и Александар Вучиќ дојде време за нова фаза. Србија очигледно досади. Вучиќ веќе не пали како тема. Па, логично, се оди „малку понагоре“ на картата. Новиот непријател е Унгарија и Виктор Орбан. И токму тука започнува вистинската трагикомедија. Истите тие луѓе кои денес ја демонизираат Унгарија, вчера аплаудираа на соработката со неа. Истите тие забораваат дека Зоран Заев, како премиер, јавно и со широка насмевка ѝ се заблагодаруваше на владата на Орбан за поддршката, помошта и „пријателството“. Средби, декларации, фотографии, ракувања – сè беше во најдобар ред. Или можеби тогаш Орбан бил „добар“, а денес е „лош“? Или принципите во СДС важат само додека се политички исплатливи? Денес, истата таа Унгарија-искрен пријател на Македонија, се претставува како сериозна закана. Не затоа што реално нешто се променило во меѓународните односи, туку затоа што на СДС очајно ѝ е потребна нова надворешна „опасност“ за да ја прикрие сопствената внатрешна распаднатост. СДС, предводена од Венко Филипче, очигледно живее во паралелен универзум во кој сите се против нив, сите коваат заговори, а тие се некаков центар на светот. Овој синдром на постојана опседнатост со надворешни непријатели или укажува на сериозна политичка дезориентација, или е свесна стратегија за бегство од реалноста – од фактот дека партијата се наоѓа во длабока криза, без визија, без идеи и без доверба од сопственото членство. А токму таму е суштината на проблемот. Не во Србија. Не во Унгарија. Не во Орбан, Вучиќ или кој било друг странски лидер. Проблемот е во СДС и во нивната неспособност да се соочат со сопствените грешки, со корупциските афери од седумгодишното владеење и со сè погласните барања Венко Филипче да си замине од претседателската функција. Барања што не доаѓаат само од политичките противници, туку и однатре – од луѓе кои одамна ја препознаваат партијата како заложник на тесен круг интереси, познат меѓу членството како т.н. „клан Дубаи“. Наместо да лутаат во потрага по нови виновници, за СДС би било многу покорисно да погледне во сопствениот двор. Да го слушне членството. Да ги слушне поддржувачите. Да се соочи со реалноста дека никој друг не им е крив за состојбата во која се наоѓаат – освен тие самите. Во нормални околности, ваква состојба би барала сериозна саморефлексија. Во СДС, таа очигледно се толкува како доказ дека „се на вистинскиот пат“. А можеби вистината е многу попроста и многу поболна: целата оваа хистерија е чадна завеса. Свесен маневар за бегство од реалните проблеми – катастрофалниот рејтинг, распаднатото членство, меѓусебните кавги и сè погласните повици Филипче да го напушти претседателското столче. Столче што одамна не е симбол на лидерство, туку симбол на заробена партија во рацете на малкумина. Наместо постојано да цртаат нови надворешни непријатели, можеби е време врхушката на СДС да се погледне во огледало. Да си постави непријатни прашања. Да се соочи со сопственото минато, со сопствените афери и со сопствената одговорност. Но за тоа е потребна храброст – а храброста одамна не е валута во СДС. И за крај, едно прашање што постојано лебди над јавноста, а никогаш не добива јасен одговор: каде во светот лица фатени во компромитирачка ситуација имаат морален легитимитет да делат лекции за вредности, етика и европски стандарди? Очигледно–само во паралелниот универзум наречен СДС. |














