|
||||
| Васил Хаџиманов |
|
Васил Хаџиманов (14. I 1906 - 16. XII 1969) е етномузиколог, собирач на македонско народно творештво, композитор, мелограф и педагог. Собрал над 8.000 македонски народни песни. Своите сознанија и заклучоци по научната обработка на дел од нив, им ги претставил на македонската и на меѓународната јавност на поголем број научни симпозиуми. Васил Хаџиманов е роден на 14 јануари 1906 година во Кавадарци. По завршувањето на основното образование во родниот град, Хаџиманов учел гимназија во Велес и Скопје. Потоа студирал на Правниот и на Филозофскиот факултет во Белград, а магистрирал фармација во Загреб. . Во меѓувреме ја посетувал Музичката школа во Белград, но не успеал да ја заврши. Во 1955 г. дипломирал на Катедрата за музика на Педагошката академија. Иако бил сестрано образован, сепак поголемиот дел од својот живот, Хаџиманов и го посветил на музиката. Собрал над 8.000 македонски и 700 албански народни песни. Своите сознанија и заклучоци по научната обработка на дел од нив, им ги претставил на македонската и на меѓународната јавност на поголем број научни симпозиуми. Пред Втората светска војна бил еден од првите македонски пејачи што снимал за Радио Белград и настапувал на повеќе концерти во странство. Во своите научни трудови Хаџиманов обработувал најразлични теми сврзани со вокалната, инструменталната и ороводната народна традиција. Тој бил член на Здружението на етномузиколозите во Њујорк, како и на Интернационалното здружение на музичките фолклористи во Лондон. Дел од песните се објавени во неколку збирки: Македонски народни песни 1-4 (1953-1956); Моми тиквешанки; Невестински народни обредни песни (1965) и др. За својата дејност Хаџиманов добил бројни признанија и награди, меѓу кои наградата на Владата на НР Македонија. Васил Хаџиманов починал на 16 декември 1969 година во Скопје.
Поготвил: Т.К. |
















