|
|
| ДР ВАСИЛ ТУЛЕВСКИ ПРОГЛАСЕН ЗА ПОЧЕСЕН ЧЛЕН ВО ЛИТЕРАТУРНОТО ДРУШТВО „ГРИГОР ПРЛИЧЕВ“ ВО СИДНЕЈ |
|
Во почетокот на 2026 година, членовите на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, одлучија познатиот филантроп, општественик и љубител на македонска литература, Др Васил Тулевски, да го прогласат за почесен член. Др Васил Тулевски е роден во Скопје во 1939 година. Дипломира на Медицинскиот факултет во 1964 год со највисок просек во генерацијата. Една година работи како асистент на Катедрата за Микробиологија на Медицинскиот Факултет во Скопје. Во своја режија во 1966 година заминува за Англија на специјализација за интерна медицина и постана член во Royal College of Physicians. Извесно време се вработува во Британскиот медицински совет за истражување каде публикува повеќе научни трудови во Ланцет и други угледни медицински списанија. Потоа по покана на Washington University Medical School во St Louis, Missouri, работи две години. Во 1973 год. се доселува во Сиднеј и една година работи како специјалист во болницата St Vincent и во 1975 год. отвора своја медицинска ординација во North Rock, а се пензионира во 2017 год. Исто така имаше приватна ординација специфично за Македонците во населбата Рогдаел од 1978 до 2002 год. Се ожени со Линет во 1968 год. со која има два сина и четири ќерки и е дедо на десет внуци. Покрај семејните и професионалните должности активно се вклучува и во општествениот живот на македонската заедница. Др Тулевски беше првиот координатор (на таа функција беше 10 години) на македонската програма на државната радио станица 2ЕА која започна пред 50 години. Тој беше еден од иницијаторите за формирање на Македонската фондација во универзитетот Macquarie каде неколку децении се изучуваше македонскиот јазик. Како шахист, формира Шаховски клубови во населбите North Rocks и Parramatta и 20 години членува во Советот на Австралиската шаховска федерација и повеќе години заземал функција на благајник во Шаховската асоцијација на Нов Јужен Велс. Неговиот FIDE рангиран степен достигна над 2000 а ACF стапка достигна до 1800. Негово хоби, покрај шахот, е рецитирање поетски творби и учење на јазици. Покрај македонски и англиски јазик, течно зборува француски, шпански, руски, српски и бугарски. После пензионирањето го изучува и добро владее со индонезискиот јазик. Редовно членува во Литературното друштво „Григор Прличев“ од самиот почеток и редовно ги финансира активностите на истото. Др Тулевски е најголемиот филантроп за издавање на македонска литература во Австралија. Неговата омилена поема е „Вардар“ Тој си е долг секогаш толку Колку што еднаш се истегнал Од Вруток па до Солун и пресекол Една Македонија. Тој тече лудо, полезно, плавно, здодевно зачудувачки, Тој тече алтруистички. Течам и јас и јас сум тек Тек горнорек, тек недорек. Пеам и си го знам Врутокот Солунот не си го знам... Ах убав Вардаре, покрај кој сум роден и убава Македонија Јас излегов од неа но она нема излезено од мене!
Душан Ристевски |


























