|
||||
| Европска Македонија по мера на криминалот? |
|
По години исполнети со криминални афери, сомнителни тендери, распродажба на државни интереси и национални понижувања, СДС реши дека е време – не за извинување, не за одговорност, туку за нова борба. Овој пат, како што велат во своето соопштение, за „европска Македонија“ и за „враќање на власта во рацете на граѓаните“. Самата формулација звучи како политички виц со лош тајминг. Власт која со години беше цврсто во нивни раце, сега мистериозно треба да се „врати“ кај граѓаните, како да била привремено позајмена, а не злоупотребена. Како да не зборуваме за партија што управуваше со институции, преговараше и потпишуваше договори што длабоко и нанесоа штета на државната сувереност и националното достоинство. „Европска Македонија“ стана магичен израз – политичка амнестија за сè што беше направено погрешно. Под тоа знаме поминаа уставни промени без вистински консензус, отстапки без реципроцитет и преговори во кои Македонија секогаш излегуваше како страната што треба уште нешто да даде, уште нешто да признае, уште нешто да избрише од сопствената историја и идентитет. Криминалите не беа инцидент, туку систем. Афера по афера, институција по институција, државата беше претворена во партиски плен. И кога јавноста побара одговорност, доби молк, релативизирање или старата мантра дека „така бара Европа“. Како Европа да е алиби за неспособноста и корупцијата, а не вредносен систем што подразбира правда, транспарентност и отчетност. Денес, истата таа партија зборува за враќање на власта кај граѓаните. Но не кажува како. Не кажува зошто граѓаните би ѝ верувале повторно. Не кажува што научи од сопствените грешки. Проблемот не е во Европа. Проблемот е во домашните политички елити кои ја користат Европа како параван за сè што не смеат да го објаснат дома. Европска Македонија не се гради со понижувања, туку со држава што има самопочит, институции што функционираат и политичари што одговараат за своите постапки. А власта, ако навистина им припаѓа на граѓаните, тогаш тие имаат право да кажат: доста е од празни пароли, доста е од „европски“ оправдувања за балкански криминал. Европа почнува од дома, а таму, СДС одамна го изгуби кредибилитетот. |



















