|
||||
| Европски дијалог или балканска уцена: што навистина сака Бугарија од Македонија |
|
Изјавата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски дека од Брисел повторно се иницира средба со Бугарија за деблокирање на евроинтегративниот процес, ја отвора суштинската дилема: дали станува збор за искрен европски обид за дијалог, или за уште еден круг од веќе видената балканска уцена маскирана во европски јазик? Муцунски јасно посочи дека Македонија е подготвена за разговор во секое време – став кој е конзистентен и принципиелен. Но, исто толку јасно потсети дека и претходните иницијативи, особено оние од декември поддржани од влијателни земји членки на ЕУ, завршиле без никаков позитивен одговор од Софија. Тој факт сам по себе говори многу: проблемот не е во неподготвеноста на Македонија за дијалог, туку во одбивањето на Бугарија да води разговор во рамка на европските вредности. Прашањето што мора да се постави е: каков дијалог нуди Бугарија и со која цел? Зашто досегашното искуство покажува дека Софија не настапува како европска држава и добар сосед што ги почитува основните принципи на Унијата, туку како држава што го користи правото на вето за наметнување историски, идентитетски и јазични наративи. Барањата не се однесуваат на владеење на правото, економски реформи или борба против корупција – клучни европски критериуми. Напротив, тие се насочени кон ревизија на македонскиот идентитет, редефинирање на македонскиот јазик и селективно толкување на историјата. Тоа не е европски дијалог, туку политички притисок со асимилациски предзнак. Фактот што една земја членка на ЕУ го условува напредокот на друга со прифаќање на нејзини историски и национални интерпретации, создава опасен преседан. Ако ваквиот модел се прифати, тогаш ЕУ престанува да биде заедница на вредности и се претвора во арена на билатерални уцени. Муцунски сосема оправдано нагласи дека Владата ќе ги изнесе грижите поврзани со идентитетот, јазикот и историјата, но и со неприменувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права. Токму тука лежи клучната противречност во бугарската позиција: држава која формално се повикува на европските вредности, а суштински ги игнорира кога станува збор за правата на македонците во Бугарија. Непочитувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права е директно кршење на европското право. Тоа не е прашање на интерпретација, туку на обврска. Додека Бугарија инсистира Македонија да ги исполни сите услови – и оние што не постојат во европското законодавство – истовремено одбива да ги признае основните права на сопствените граѓани кои се изјаснуваат како Македонци. Оттука, барањето на македонската Влада за „европски третман“ на македонските малцинства во земјите членки на ЕУ не е провокација, туку логично и легитимно инсистирање на еднаквост и доследност. Муцунски јасно потенцира дека за Владата е клучно да се стави крај на националните отстапки. Оваа порака доаѓа по години политика на СДС и ДУИ во која Македонија правеше болни компромиси со надеж дека тоа ќе го отвори европскиот пат. Наместо тоа, секоја отстапка стануваше основа за ново барање. Прашањето што денес стои пред македонската јавност не е дали сме „проевропски“, туку дали сме подготвени да прифатиме дека европската интеграција не смее да биде процес на самонегација. Сè појасно станува дека целта на Бугарија не е деблокада на европскиот процес, туку институционализирање на нејзиниот наратив во европската рамка. Со тоа, македонското прашање се претвора во траен механизам за притисок, а не во затворено поглавје. Европа не смее да дозволи идентитетот на еден народ да биде монета за поткусурување. А Македонија, конечно, мора да покаже дека европскиот пат не значи откажување од самата себе. |



















