|
||||
| Јонко Вапцаров |
|
Јонко Вапцаров (1880 – 21. I 1939) е македонски револуционер, деец на Македонската револуционерна организација и Разлошкиот војвода. Познат е под псевдонимот Белоречки, Тој е татко на Никола Вапцаров. Иван Николов Проданичин познат како Јонко Вапцаров е роден во 1880 година во Банско, Пиринска Македонија. Неговиот татко Никола Проданичин бил убиен во 1905 година, на пат кон Солун, во месноста Свети Ѓорѓи кај Банско. Јонко Вапцаров завршил 6-то одделение во Банско. Во 1896 година тој се приклучил на Македонската револуционерна организација. Станал секретар на Разлошкиот окружен револуционерен комитет во Банско. Во 1901 година учествувал во разоружувањето на врховистот, свештеник дедо Најден во селото Србиново заедно со Јане Сандански. Учествувал во аферата „Мис Стон“. Во 1902 година станал командант на чета во неговиот роден крај. По Илинденското востание во 1903 година бил уапсен и затворен во Солун, а ослободен дури по Младотурската револуција во 1908 година. За време на Првата балканска војна бил војвода на чета на Македонско-одринското ополчение. Комбинираниот одред на Иван Вапцаров, Христо Чернопеев, Пејо Јаворов и Лазар Колчагов ги ослободил Банско, Мехомија и Кавала. Веднаш по истерувањето на османлиската власт во 1912 година, тој станал околиски началник на Разлошката околија. По Првата светска војна, Јонко Вапцаров учествувал во обновата на ВМРО. Во 1921 година бил избран за помошник кмет на Банско. До 1926 година бил ополномоштен претставник на Централниот комитет на ВМРО. За време на расцепот на ВМРО тој се залагал за десницата, но по убиството на Александар Протогеров во 1928 година дошол во конфликт со Иван Михајлов и во пролетта 1929 година Михајловистите се обиделе да извршат атентат врз Вапцаров, кој потоа се населил во Њујорк кај роднини. Се вратил во Бугарија во 1930 година, а во 1933 година бил киднапиран од михајловистичка група, но бил ослободен по државниот преврат од 19 мај 1934 година. Јонко Вапцаров починал на 21 јануари 1939 година во Софија. Тој бил татко на Никола Вапцаров.
Подготвил: Т.К. |
















