Кирил Македонски (19. I 1925 – 2. VI 1984) е македонски композитор. Тој е автор на првата македонска опера „Гоце“ (1954), како и на оперите „Цар Самоил“ (1968) и „Илинден“ (1973). Покрај камерни творби, тој пишувал музика и за радиодрами, театарски пиеси, краткометражни филмови, како и за играниот филм „Македонска крвава свадба“.
Кирил Македонски е роден на 19 јануари 1925 година во Битола. На 11-годишна возраст почнал да свири виолина. По завршувањето на основното и средното образование, во 1947 година почнал да студира на Музичката академија во Загреб кај Красто Одак, а дипломирал во Сараево во класата на Иво Баркановиќ. Магистрирал во Љубљана кај Луцијан Шкерјанц. Во 1970 година студирал шест месеци во Варшава со стипендија од полската влада, а во 1974 година се усовршувал на Меѓународниот курс за современа музика во Дармштат (Германија)
Покрај компонирањето, Македонски се занимавал и со педагошка дејност. Работел како професор во Битола и во Скопје на Педагошката академија „Св. Климент Охридски“.
На македонската музичка сцена, Кирил Македонски се појавил во почетокот на педесеттите години, кога се јавуваат неговите први посериозни композиции („Адаџо и фуга“ за гудачки оркестар, хорските творби „Орлите на Македонија“, „Вена“, „Долетале, долетале“, „Хумореска“). Вниманието на музичката јавност ја предизвикал со појавата на неговата симфониска поема „Танчарка“ (1951).
Успехот го охрабрил тој да создаде и македонска опера, прва во македонската историја. Операта „Гоце“ во Народна Република Македонија се појавува и изведува во 1954 година, и има извонредно историско значење за македонската музика. Покрај „Гоце“, опера во четири чина, Кирил Македонски е автор на уште две опери: „Цар Самуил“ од 1968 година и „Илинден“ од 1973 година. На подрачјето на оркестарската музика, освен симфониската поема „Танчарка“ во 1952 година, значајни се и петте симфонии.
Покрај камерни творби, Кирил Македонски пишувал музика за радиодрами, театарски пиеси, краткометражни филмови, како и за играниот филм „Македонска крвава свадба“.
Во последните децении од животот, во периодот од 1977 до 1982 година, се посветил на истражувањата од областа на музичката психологија, поконкретно – музикотерапијата. Во текот на тие пет години напишал низа текстови и реферати посветени на прашањата на музикотерапијата. Создал и музички дела за третман на различни видови болести. Станал член на меѓународните асоцијации од оваа област кои му доделија посебни признанија.
Кирил Македонски починал на 2 јуни 1984 година во Скопје.