Дел од монографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче
По третата година од студии мораше да одиме еден месец на обука во болници по интерна медицина. Јас решив да одам во туристичкото село на северниот брег на Балатон, кое се вика Балатонфуред. Селото Фуред има значење како Охрид и Охридското Езеро за Македонија.
Таму, имаше огромна болница за кардиологија која функционираше како санаториум. Имаше студенти од факултет во Сегедин, блиску до југословенската граница. Таму се запознав со најголемиот македонски патриот Костадин – Кочо Ристовски од нашето соседното село Черешница. Тој исто така беше трета година, а завршил редовна гимназија, иако Грците му вршеа притисок за да се отпише од факултетот во Сегедин, затоа што Кочо тогаш се потпишуваше со македонско име како и јас.
Во фабриката, Грците мене ме пратија со името Лефтерис Манцис, а така ме водеа и кога бев болен во болниците. Во санаториумот им велев на лекарите дека јас сум Лефтер Манчов, зашто во нашето маало чешмата се викаше Манчова чешма. Мене во селото ме викаа син на Стефо Манче и јас така почнав да се викам и на Факултетот за физичка култура. Добив и едно писмо од мојот стрико Трифун, брат на татко ми од Пловдив, адресирано со името Лефтер Манче. На Медицинскиот факултет почнав да го употребувам старото унгарско ТС. Подоцна дознав дека во нашето село има многу семејни имиња без В.
Со Кочо бевме заедно цело време и ми беше многу близок до моето срце, зашто тогаш дознав од Благој Шклифов дека во 1943 година во кошарата на Ристовски била сместена мала група македонски партизани под команда на Васил Алексовски, кого комитаџиите на Темо успеале да го убијат.
Во септември 1944 година, партизаните на Гоце слегоа од Вичо Планина во нашето село и ја пееја песната:
Васил, Васил, Васил го убија Шпионите на Темо…
Оваа песна постојано си ја пеам кога сум сам во Унгарија, или во Канада. За двајцата партизани за кои не еднаш имам плачено дури и на овие стари години, како што тоа многу често го правам за моите браќа, значи плачам и за Васил Алексовски и за Лазо Трповски.
Голем патриот бил Трповски, којшто живеел во Торонто, а оттаму депортиран од канадските власти и понесен од комунистичките идеи отишол во Москва. Оттаму, по партиска работа дошол во Костурско за да се бори за слободата на нашиот поробен македонски народ.
Се прашувам, зошто Трповски решил да се врати во Костурско кај Грците, а не кај Тито, зашто можеби двајцата се познавале кога заедно живеле и работеле во Москва? Добро ќе беше за Македонија, ако од почеток имавме наш член-партизан во АВНОЈ и тогаш Темпо не ќе беше „инструктор“ на КПЈ за сè што се случувало во Македонија, туку тоа ќе беше Трповски. Во Костурско го донесол бездруго духот на пролетерскиот интернационализам и желбата непосредно да му помогне на својот измачен македонски народ.
Во последната недела од престојот во Фуред, Мара се запознала со Кочо. Заедно скокавме во езерото да се капеме, но Мара си го загубила прстенот, кој неуспешно го барале со Кочо.
Еднаш решивме со Мара да одиме во унгарска гостилница и да јадеме риба од Езерото. Кога ја побарав сметката, сумата беше толку голема, што останавме без пари за наредните денови. Подоцна, во Дебрецен, прочитав во весник дека директорот на ресторанот поради такви малверзации е во притвор.
Во септември Мара, завршувајќи ја третата година од високата школа за
учители, почна да работи во едно основно училиште во Дебрецен.
Платата и´ беше како мојата стипендија и скромно живеевме, зашто
освен во недела, кога вечеравме со нејзините родители, Мара одделно готвеше за нас.
Еден ден дојде директорката на фабриката за женски најлон чорапи во Дебрецен и ја побара Мара. Вратата и´ ја отворил таткото и´ Мара. Кога тој дознал дека директорката сака да и´ плати на Мара за да претстави неколку пара чорапи како манекенка, и´ ја затворил вратата и ја истерал. Директорката подоцна и´ се извинуваше на Мара за тоа што се случило.
Во април 1963 година, еднаш неочекувано дојде кај нас Благој Шклифов. Ми рече дека неговата сопруга Јудит, со која заедно имаа завршено факултет и тогаш беа професори по руски јазик во различни средни училишта, го истерала од дома и немал каде да оди, па решил да дојде кај мене во Дебрецен. Мара ја замолив да оди да спие кај соседите, а Благој да спие во нашата соба, со мене. Татко и´ на Мара, многу се налути и Благој мораше по два дни да се врати во Будимпешта. Посетата на Благој ми ги наруши добрите односи со родителите на Мара и оттогаш јас одбивав секоја недела да одам на вечера кај нив.
Така, следните две години ни беше многу тешко без помошта на родителите. Во јули 1963 година, со Мара решивме да одиме на одмор во Скопје и во Опатија. Тогаш унгарските банки продаваа само по 100 долари на човек за одење на одмор на Запад, односно надвор од Унгарија.
Попристигнувањетово Скопје, првинбевмесместениво Студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“.
Кога тетин Алексо Сугарчев и неговата сопруга дознаа дека сме таму, дојдоа и нè зедоа да се сместиме кај нив. Нивните синови Мани и Димитар беа со нас во Унгарија и по неколку години отидоа во Ташкент, каде што биле нивните родители по поразот на ДАГ. Непосредно пред јас и Мара да дојдеме во Скопје, тие беа доселени од Ташкент во Македонија и сместени во хотел „Бристол“. Во едната соба спиеја синовите Димитар и Мани, а во другата тетка и тетин. Кога нè зедоа нас кај нив да останеме неколку денови, тие мораа да спијат четворица во едната, а нам ни ја дадоа другата соба.
Многу брзо дознал дека сме во Скопје и нашиот роднина Кузо Миталковски со сопругата Марија, па нè зедоа кај нив. Кузо беше партизан, а тогаш живееше во Скопје и продаваше кошули за една словенечка фирма. Тогаш тој градеше куќа во близина на нашата катедрална црква Свети Климент Охридски. Кузо заработувал многу добро во тоа време, зашто беше многу способен трговец. Нè сместија во одделна соба, а Марија готвеше многу добро.
Тогаш првпат видов во мојот живот голем фрижидер, полн со јајца и со друга храна. Со Мара по еднаш отидовме да пливаме кај Сарај и на Вардар, кај тогашна Градска плажа. Тогаш кај нас дојде братучед ми Ѓорѓи Костадинов, кој исто така бил борец на ДАГ, а сега беше главен келнер во ресторанот „Метропол“, на плоштадот, и таму ни приреди многу убава вечера.
Во Скопје купивме куфер од кожа за само 20 долари, со кој јас се иселив во 1973 година во Канада. Мара си купи лакирани чевли, а јас исто така се обезбедив со убави чевли. Во Дебрецен многу нè прашуваа каде сме купиле толку убави работи. Во тоа време дојдовме во Скопје со идеја по завршувањето на Факултетот, а со Мара се согласивме, да се преселиме и да живееме тука. Во Скопје еден ден отидов во Градската болница и се запознав со еден лекар, кој ме прошета во амбулантата. Видов дека еден гинеколог прегледува една жена, а сепак, врата немаше за интимност и тоа многу ме разочара.
Продолжува