Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова.
Уште од младоста, Ченто ја бранел македонската национална кауза. На изборите во 1935 година учествувал како заменик-кандидат, а на изборите во 1938 година бил кандидат на листата на Здружената опозиција. Се залагал за поголема слобода на Македонците и за отворање училишта на македонски јазик. Иако добил најмногу гласови, поради манипулациите на државната власт со изборниот систем, не бил избран за пратеник.
Неговиот прв посериозен судир со српските власти се случил во 1940 година, кога, како организатор на Илинденските демонстрации во Прилеп, бил затворен во Велика Кикинда. Поради залагањето за воведување на македонскиот јазик во училишната настава, повторно бил затворен, овојпат во затворот во Баина Башта. Бил осуден на смрт, но во последен момент, на 15 април 1941 година, бил ослободен.
Пред Втората светска војна, како мошне почитуван човек во прилепската чаршија, Ченто бил претставник на прилепскиот трговски еснаф. Од 1935 до 1940 година ги претставувал прилепските трговци во Индустриско-трговската комора во Скопје. И таму дошол во конфликт со српската власт, изјавувајќи дека Македонија треба да им се остави на Македонците и дека тие од неа ќе создадат развиена економска земја. Неговите изјави биле пренесени во Белград и оценети како сепаратистички и автономистички.
Уште на почетокот на бугарската окупација, Ченто, како и многу други Македонци, добил покана да соработува со бугарската власт. Ја одбил поканата и започнал да соработува со македонското ослободително движење. Неговиот дуќан во Прилеп станал собиралиште на македонските комунисти од градот.
Во 1942 година повторно бил уапсен. Најнапред бил интерниран во селото Мелница, во близина на бугарско-турската граница, а потоа во логорот Чучулигово, во Петрич, Пиринска Македонија. По ослободувањето од интернација, на 21 август 1943 година Главниот штаб на НОВ и ПОМ му испратил писмо со повик да се приклучи кон Народноослободителната борба. На иницијатива на Кузман Јосифовски-Питу, Ченто се вклучил во Народноослободителното движење на Македонија.
Судирот во македонското народноослободително движење
Првите несогласувања со комунистичкото раководство Ченто ги имал уште во екот на ослободителната војна. Заедно со неколку интелектуалци, членови на АНОК – Акционен народноослободителен комитет, поднел опширен приговор на Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Подоцна, во извештаите на комунистичките власти, оваа група била оквалификувана како „антипартиска група“.
Групата, всушност, го сочинувала Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Во неа неформално членувале Емануел Чучков, Благој Хаџи-Панзов, Киро Глигоров, Лазар Соколов, Методија Андонов-Ченто, Венко Марковски, Петре Пирузе-Мајски и други. Во приговорот најголем акцент бил ставен врз целоста на македонската територија. Групата барала целосно обединување на Македонија.
На една седница на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, одржана во селото Рамно на Скопска Црна Гора, дошло до поголем конфликт меѓу Ченто и Светозар Вукмановиќ-Темпо. Сведоштвото на поранешниот претседател Киро Глигоров, кој присуствувал на настанот, го пренесуваме во целост:
„Во времето кога работеше Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, кој по Првото заседание на АСНОМ прерасна во Президиум на АСНОМ, јас, како учесник во тие настани, се сеќавам дека една од првите седници на ова тело беше одржана под отворено небо, на една полјана во селото Рамно, на Скопска Црна Гора.
Со седницата заседаваше Методија Андонов-Ченто, како претседател на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, а подоцна и на Президиумот на АСНОМ. Ченто ја започна седницата со зборовите: ‘Сега градиме македонска држава и ќе ја изградиме’, а потоа постави реторичко прашање: ‘А како ќе се вика таа држава?’ и одговори: ‘Се разбира – Македонија. Дали некој има поинакво мислење?’ Сите одобруваа.
Потоа го постави прашањето како ќе се вика телото што раководи наместо АСНОМ меѓу неговите заседанија, а кое има надлежности на привремен парламент и влада. Имаше разни предлози, но беше усвоен предлогот на Владо Полежина, правник од Кичево, ова тело да се вика ‘Президиум’, односно ‘Президиум на АСНОМ’ – нешто како претседателство.
Потоа на дневен ред беше прашањето што предизвика полемика – проширувањето на Президиумот на АСНОМ со нови членови. Страхил Гигов, како член на ЦК на КПМ и на Главниот штаб, предложи во Президиумот да биде примен Видое Смилевски и даде кратко образложение. Ченто реагираше: ‘Кој е Видое Смилевски? Македонец ли е, знае ли македонски? Што направил за движењето?’
Страхил објаснуваше: ‘Да, тој е Македонец по татко, од Гостиварско. Одраснал и живеел во Србија, разбира македонски, но тешко се служи со него. Учел на српски и подобро го знае српскиот јазик. Учествувал во илегалната работа, во Крагуевачкиот одред итн.’
Ченто се сврте и ме праша: ‘Киро, го познаваш ли Видое од времето на илегалата, си го сретнал ли?’ Јас одговорив: ‘Не го познавам, иако учествував на речиси сите манифестации на студентите во Белград.’
Ченто продолжи: ‘Па, каков е тој Македонец кој не живеел во Македонија и не знае македонски? И ние меѓу двете светски војни учевме на српски, но си зборувавме на македонски јазик. Од овие причини јас сум против Видое Смилевски да стане член на Президиумот. Но, за да не изгледа дека вршам некакво влијание врз вас, ги ставам двата предлога – мојот и предлогот на Страхил Гигов – на изјаснување. Еве, прво ти, Михајло, изјасни се.’
Михајло Апостолски рече: ‘Јас сум за предлогот на Ченто.’ Потоа, веројатно поради авторитетот на Апостолски, сите, еден по еден, се изјаснија во корист на предлогот на Ченто. И јас самиот се изјаснив така.
Настапи тишина. Гигов, видно разочаран и возбуден, веднаш се упати кон соседната куќа, каде што беа другите членови на Централниот комитет и делегатот на Врховниот штаб, Светозар Вукмановиќ-Темпо. Оттаму брзо се вратија Темпо и Гигов. Темпо незабележливо му се приближи на Ченто одзади и со повишен тон рече: ‘Ко је тај Ченто да одлучује ко ће бити или неће бити члан Президијума?’
А Ченто, без да се сврти, бидејќи го познаваше гласот на Темпо, рече: ‘Ти, другар Темпо, дали си член на Президиумот?’ Темпо одговори: ‘Не сум.’ Тогаш Ченто продолжи: ‘Е, штом не си, тогаш што ни се мешаш во нашата работа? Остави нè да работиме.’
Ете, таков беше Методија Андонов-Ченто и така се одвиваше еден од тогашните внатрешни судири во НОД и во раководството на Македонија.“
Во мај 1944 година Ченто, заедно со Емануел Чучков и Кирил Петрушевски, како член на македонската делегација, заминал на островот Вис кај Јосип Броз Тито. Една од темите за кои делегацијата била овластена да разговара со Тито била обединувањето на Македонија. Темата ја отворил Емануел Чучков, а потоа во разговорот се вклучил и Ченто, со значително поостар тон. Тито начелно се согласил со идејата за обединување на Македонија, но подоцна го променил ставот, велејќи дека моментот не е погоден и дека треба да се чекаат подобри времиња.
Судирот со новата власт
Несогласувањата меѓу дел од членовите на АСНОМ и оние што цврсто се придржувале до партиската линија кулминирале во 1946 година, со чистката на таканаречената „антипартиска група“.
Ченто се спротивставувал на одлуката македонските војници да бидат испратени на Сремскиот фронт и се залагал за поголема самостојност и за обединување на Македонија. Заедно со Емануел Чучков се спротивставил и на одлуката за враќање на српските колонисти во Македонија, а барал и поголема финансиска самостојност од Федерацијата.
Поради ваквите ставови, комунистичката власт постепено му ги одземала функциите. На 14 март 1946 година Ченто поднел оставка на сите функции што ги извршувал во АСНОМ. Сакал да се врати во родниот Прилеп и да се повлече од политичкиот живот. Но власта сметала дека, и надвор од политиката, тој може да претставува опасност за неа. На 14 јули 1946 година бил уапсен и затворен.
Во монтираниот судски процес биле изнесени фабрикувани докази и искази од луѓе блиски до власта. Судскиот совет, во кој членувале Панта Марина, Лазар Мојсов и Коле Чашуле, го осудил на 11 години затвор. Ченто бил затворен во „специјална ќелија“ во затворот Идризово, во Скопје.
Додека бил во затвор, властите му нуделе да потпише изјава дека погрешил и дека се кае, но тој останал доследен на своите ставови. Со сериозно нарушено здравје, бил пуштен на условна слобода откако издржал девет години и четири месеци од казната. Поради влошената здравствена состојба, му напишал писмо на Тито со молба да му биде издаден пасош за лекување во Швајцарија, но неговото барање било одбиено.
Првиот претседател на слободна Македонија починал на 24 јули 1957 година, во својот дом во Прилеп, од рак на желудникот. Веста за неговата смрт не била јавно објавена, а бил погребан во присуство на најблиските роднини.
Долго време по смртта, Ченто бил табу-тема. Ретко се споменувал во книгите и учебниците, а јавните разговори за него биле строго забранувани. Во 1990 година, на барање на неговиот син Илија Андонов-Ченто, судот ја повторил кривичната постапка, при што пресудата од 1946 година била укината.
Постхумно бил одликуван со „Орден на Република Македонија“ – признание што го добиле само поранешните претседатели на Македонија.
Така завршила животната епопеја на Методија Андонов-Ченто – борец за македонско национално единство и за обединета и независна Македонија. Ги преживеал прогоните, окупациите и затворите на српските и бугарските власти, но на крајот бил лишен од слободата во сопствената татковина, од власта на своите сонародници.