ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ
По операцијата, откако се почувствував подобро по неколку денови, ми ги извадија конците и ме вратија назад во домот „Захаријадис“. Но, вториот ден ми се јави висока температура од 41ºС и ме сместија во медицинската соба, која имаше само четири легла. Тука само јас бев сместен.
Со аспирини медицинските сестри не можеа да ја намалат температурата и со кола ме префрлија в болница. Таму успеаја да ми ја симнат температурата и за 2–3 дена се чувствував добро.
Два пати неделно, од 3 до 5 часот попладне, пациентите примаа посети од своите роднини, пријатели и блиски. Во тоа време, јас многу малку го зборував унгарскиот јазик и дојде еден човек да ме посети. Ми рече дека е од синдикатите на фабриката и сакаше да ми даде мала кутија, која јас ја одбив, зашто не знаев дека таа е за мене. Тој си замина, а јас се срамев зашто на секое легло имаше посетители, само кај мене немаше никој.
Се покрив со чаршафот да не ми се гледа лицето и чекав да дојде крајот на 17 часот, кога сите требаше да си одат. Тогаш мојот сосед почна да јаде макарони со афион, што му ги донеле од дома. Тој ми подаде чиниче, и јас да каснам. Оттогаш макароните со афион многу ги сакам.
Ме вратија повторно назад во домот „Захаријадис“, но пак по два дни повторно ми се качи висока температура и ме однесоа во друга болница. Таму се нормализира температурата и повторно ме вратија во „Захаријадис“. Таму, во домот, по ден-два, ми се јави температура од околу 42ºС и ме однесоа во Уролошката клиника, која беше многу блиску до домот. Таму ме прегледа познатиот професор академик Анталж кој рече да ми направат цистоскопија.
Следниот ден се обидоа да го спроведат испитувањето, но мене толку ме болеше што плачев и затоа решија да ме врзат на масата и да извршат цистоскопија. Јас плачев, зашто таква болка ниту на сон не верував дека има. Ме сместија во соба каде што бевме дваесет пациенти и ми кажаа дека не можат да најдат ништо абнормално преку цистоскопијата, туку ми рекоа дека од мојата мочка ќе му дадат инјекција на стаорец и ако тој умре за неколку денови, значи дека имам туберкулоза на урогениталниот систем.
Уште ми рекоа дека ако испитувањето е позитивно, односно ако имам туберкулоза, ќе мора да ми го извадат едниот бубрег. Чекајќи ги резултатите, ги молев лекарите да ми го извадат бубрегот, зашто имав големи болки и температура. Од лабораторијата јавија дека немам туберкулоза.
Во тоа време, во 1951 година, ни се јавија од Црвен крст дека мајките од Грција си ги бараат своите деца преку ОН. Кога Грците претставници од Комунистичката партија дојдоа да нè посетат, ни порачаа да не се враќаме во фашистичка Грција. Јас го прифатив предлогот и Клиниката се обрати до Министерството за здравство да побараат десет ампули стрептомицин од американската амбасада, зашто мојот живот е во опасност.
Тогаш Унгарија произведуваше само пеницилин во фабрика во градот Дебрецен, каде што подоцна завршив медицински факултет. Како што се гледа, тогаш лабораториите во Унгарија уште не можеа од бактериолошката анализа на мочката да ја утврдат опасната бактерија ешерихија коли. Јас сега сум сигурен дека тогаш имав таква инфекција.
Прилично брзо стигна лекот од САД, кој таму почна да се произведува во 1943 год. Со лекот ме пратија во планината Кекештето, во еден санаториум. Кекештето е највисоката планина во Унгарија со 1014 метри надморска височина. Во санаториумот бевме сместени по двајца во соба. Јас бев со еден постар студент од Будимпешта, кој ме учеше унгарски. Секој ден ми даваа инјекција по 1 грам стрептомицин. По пет-шест денови, немав температура и се чувствував многу добро, а храната не беше лоша. Лекарите кои носеа бели мантили за мене беа чудо, како да беа богови. Нивната грижа за нас болните беше голема и ме фасцинираше. Тогаш си реков ќе станам лекар, ако треба многу ќе учам, дење и ноќе.

Времето беше мај или јуни и пред ручек требаше да се собереме во една сала и да го слушаме националното радио од Будимпешта, кое го пренесуваше во живо судењето на кардиналот Минтсенти, кој бил обвинет дека е американски шпион. Тој тоа го негираше, ама народната власт, како што ни велеа, „знае за сè што правел тој“.
Беше осуден на многу години робија, но во времето на унгарската револуција во 1956 год. е ослободен од затвор како херој. Кога Црвената армија на 4 ноември 1956 год. ја нападна Будимпешта, кардиналот побарал помош од американската амбасада, каде што добил азил и таму живеел сè до 1971 год, кога унгарската влада и Ватикан се договориле тој да се пресели во Рим.
Еден ден попладне, пред главната врата на санаториумот видов дека стигнаа неколку големи црни коли и јас отидов да видам какви тркала имаат тие. Еден човек дојде и грубо ме избрка оттаму, и јас тогаш видов дека од колата излезе Мaќaш Ракоши, диктаторот на Унгарија.
Тој влезе во санаториумот и ние се собравме со радост околу него, а тој нè прашуваше дали сме задоволни од услугите и од храната. Му рековме дека сме многу благодарни и тој по 10 до 15 минути си замина со кола, а јас ги прашав другите зошто не оди надолу, туку нагоре кон врвот на Кекештето. Тогаш ми рекоа дека над санаториумот е сместена зградата на Централниот комитет на Комунистичката партија Унгарија.
Младиот унгарски студент, кој студираше филологија во Будимпешта и беше исклучен од факултетот, ми рече ако сакам да станам лекар мора да учам хемија. Јас се вратив во Будимпешта излекуван, а со парите што ни ги даваа (со нив можевме да си купиме паста за заби), јас го купив учебникот по хемија од академикот Ердеи Груз Тибор, кој тогаш беше министер за образование на Унгарија и почнав да го читам, иако само малку разбирав.
Но, бев решен да станам лекар. Тоа лето бев сместен во еден друг дом, недалеку од „Захаријадис“, заедно со други деца бегалци. Тие одеа да работат по фабрики, а јас по цел ден се обидував да учам хемија. Сите деца работеа, зашто во домот се служеше само појадок и вечера.
На почеток на септември, не знам зашто, ме преселија во огромна зграда, која порано била фабрика за цигари и се викаше „Дохан гјар“. Таа се наоѓаше исто така во Пешта, близу до градскиот парк. Стотици партизани и деца, пребегани од Грција, бевме сместени во оваа зграда.
Не ретко, во една мала соба беа сместени по два пара партизани, а само на секој кат имаше бања со туш. За готвење храна партизанските семејства чекаа на ред, зашто немаше многу кујни каде да се готви. Јас бев сместен во една огромна соба со други 40 деца и спиевме наземи, на душеци. Сè што имавме со нас, го држевме под перница.
Еден ден видов дека торбата со книгата ми е украдена, така што веќе не можев да учам. На крајот на септември, ми рекоа да појдам во канцеларијата на унгарската организација која се грижеше за бегалците- антифашисти (КЕОК), зашто сакале да ме видат. Таму ме прашаа што сакам да учам. Им реков дека сакам да бидам лекар.
Така не може, ми рекоа, зашто првин мора да запишам гимназија и успешно да ја завршам, а тогаш, значи по четири години, ќе можам да поднесам молба и да полагам приемен испит за да се запишам на медицински факултет. Ми рекоа следниот ден да се јавам кај директорот на Студентскиот дом во Будим во улицата „Киш Јанош Aлтаборнаѓ“. Одвај чекав да се раздени, со трамвај отидов до домот и се појавив кај директорот. Така започна моето гимназиско образование..
Продолжува