Американскиот дипломат Барнс, на крајот на Втората Светска Војна требало, меѓу другото, да ги сопре бугарските претензии кон Македонија.
Во 1944 година, Мејнард Б. Барнс бил испратен на должност во Бугарија како искусен американски дипломат со задолжување да ја спречи Бугарија да постане сателитска држава на Советскиот Сојуз, како и да ја убеди да се оттргнене од територијалните претензии кон Македонија. За возврат, Соединетите Американски Држави биле подготвени на Бугарија да и' понудат голема економска помош и да и' дадат силна политичка поддршка на повоената мировна коференција во Париз. Барнс не успеал да ја спаси Бугарија од комунизмот, но, затоа пак, уште еднаш таму непоколебливо ја докажал силата на неговото убедување. Тоа го потврдува и еден од многуте извештаи што тој ги испратил од Софија до државниот секретар за надворешни работи во Вашингтон. Тој документ се наоѓа во одделот - САД, државаниот секретаријат за надворешни работи на Соединетите Држави, 1946, Источна Европа, Советскиот Сојуз, Том 60 (1946), Бугарија страна 46 -177. Документот е декласифициран. 874.006/6-1146: Телеграма Еве, што содржи тој документ, подготвен од американскиот дипломат. Претставникот во Бугарија (Барнс) до Секретарот на Државата Тајна Софија, Јуни 11, 1946 Примено Јуни 12 - 1.28 попладне Македонското прашање од секогаш било таксиратот на современа Бугарија. За несреќа на Бугарија, повеќето од влијателните луѓе не само во политиката туку и во сите области од интелектуален карактер, како во армијата така и во редот на политичките радикали и ревулуционери, сите тие потекнуваат од Македонија, а не од самата Бугарија. Додека конците и предивото се од бугарската ткаенина, на нејзиниот измачен селанец, везот е претежно македонски. Оваа состојба е речиси иста дури и денес, за време на комунистичката доминација од страна на владата Отечествениот фронт. Ѓорги Димитров, Трајко Костов, Вулко Червенков и Антон Југов, сите тие се синови на Македонија, а ако се случи остварувањето на замислатата за заедница на Јужните Словени, што е и целта на комунистички настроениот Отечествен фронт, таа (Македонија) ќе биде обединета во автономна држава составена од српските, грчките и од бугарските делови на Македонија во федерацијата која ќе се протега од Трст до Егејското и Црното море. Затоа и не изгледа изненадувачки повампирувањето на македонската револуционарна организација, која, повторно ја дигна својата глава на бугарската политичка сцена. Обете крила на македонските политички револуционери, и десницата (Михаиловото крило) и левицата (Протоѓуревото крило), заговараат и се борат да ја припојат Македонија кон Голема Бугарија, ...а воената лига од која денеска потекнува политичката партија Звено (партија на премиерот и министерот за одбрана Велчев), се одлучи да ја прифати програмата на Земојделската партија за пријателство со Југославија. Ова никако не значи намалување или елиминирање на македонското влијаније во политичките работи на Бугарија, иако ова лево крило никогаш не беше подготвено да оди до такви крајности за да ја стави во еден „вагон“ политичката идеологија на комунистите и оние Македонци кои се со антинационални аспирации како што се Ѓорги Димитров, Трајко Костов, Вулко Червенков и Антон Југов. Десното крило се откажува од сите оние што би го жртвувале македонскиот дел од Бугарија за интересот на јужнословенска федерација. Според тоа не е неприридно што најсилната политичка опозиција на комунистите произлегува токму од Македонците.
Таа опозиција сега почнува самоволно да се обелоденува во форма на политички убиства. Неодамна, двајца видни комунисти беа убиени во Свети Врач (македонски бастион), а 14 беа убиени на патот од Свети Врач кон Софија. На 7 јуни во Софија комунистите возвратија на овие убиства. Тие го убија синот на одамна покојниот полковник Дрангов кој беше македонскиот лидер во бугарската војска. Познато е дека неговиот син беше близок дури и со Михајлов и се претпоставуваше дека тој беше единствениот што ќе го продолжеше Михајловото револуционарно раководство во Бугарија. Исто е познато и тоа дека тој тајно влегол во државава пред три недели. На 7 јуни, неговото скривалиште во Софија (во самиот центар, само три улици оддалечен од канцеларијата на штабот) беше опкружено од полицијата. Започна пукање од пушки, кога Дрангов испука во тројца милиционери пред тој да го сврти пиштолот врз себеси и така се самоуби. Неговиот телохранител, Канголов, успеа да избега. Се верува дека Михајлов е надвор од Софија и веројатно е дека се наоѓа во блиските турските предели, но постои можност дека тој досега успеал или да се преферли во Бугарија или пак во некое српско засолниште. Тој се' до крајот на војната останал со Анте Павелиќ во Хрватска, а исто така се знае и тоа дека подоцна пребегал во Португалија. Но, сигурно се знае е и тоа дека тој пред извесно време ја напуштил Португалија. Сето ова укажува дека Македонците се надеваат оти ако комунистите се одлучат што посилно да го напаѓаат Велчев (Ве молам видете го мојот телеграм 427 од 8 јуни) и Звено, тогаш Велчев би бил приморан да побара помош од Македонците. Македонското влијаније отсекогаш беше многу силно и во бугарската армија, особено во редовите на офицерскиот корпус. Во овој контекст не треба да се занемари и тоа дека сегашниот министер за надворешни работи е многугодишниот Македонец од десното крило, кој им се придружи на Велчев и на Георгиев во државниот пуч од 19 мај 1934 година. Сега тој е претседател на Македонската банка, која беше запленета од државата на 9 септември 1944 година. Над 50 отсто од средствата на оваа банка им припаѓаат на старата внатрешна македонска револуционерна организација. Во последниве неколку дена стотина и повеќе Македонци од десното крило се уапсени во Софија и останатите места. Пратено до Вашингтон 435; го молиме департментот ова да го повтори на Москва како 187.
Сталин збеснал поради Барнс.
Едно рано мајско утро во 1945 година кога часовникот токму што го означил четири часот, Барнс сонлив скокнал од креветот заплашен од синото чукање на вратата и од очајничките повици потполно неразбирливи за него. Единствено што можел да разбере е повикот: „Помош! Помош!“. Збунет и потресен од силната врева, инстинктивно се стрчнал кон вратата, оти имал претчувство дека некој се наоѓа во голема несреќа. Штом ја отворил вратата, во рацете му паднал човек кој што толку бил заплашен, што одвај се задржал на нозете. Барнс го препознал д-р Ѓеорги Димитров, генералниот секретар на Аграрната партија на Бугарија. На десетина чекори од вратата како скаменети и збунети стоеле неколкумина бугарски полицајци, очевидно изненадени од ваквата завршница, а уште повеќе разочарани што не ја извршиле успешно нивната задача. Разлутен на Барнс што на д-р Димитров му понудил заслониште во неговата резиденција, со што вероватно и му го спасил животот, Сталин испратил демарш до Вашингтон, со кој барал од американскиот државен секретар безусловно да го повлечат од Бугарија и да им го предадат д-р Ѓеорги Димитров на бугарските власти. Истовремено, Сталин по втор пат му наредил на другиот Ѓорѓи Димитров, овој исотименик и презименик како генералниот секретар на Отечествениот фронт, бездруго да го избрка Барнс од Бугарија. Ѓеорѓи Димитров одново му ја откажал послушноста на Сталин, затоа што на Бугарија и' била потрбна економска помош која единствено САД можеле да и' ја понудат. За оваа непослушност, Ѓеорги Димитров од Отечествениот фронт бил под итно повикан во Москва на сослушување кај Сталин. Во исто време, заменикот на државниот секретар на Америка, Џозеф С. Кру, му одговорил на Сталин дека Америка е во интезивна дебата со бугарските власти околу овој случај, но досега „се' уште не успеале да пронајдат излез од ова ситуација кој би гарантирал дека д-р Ѓеорги Димитров не би станал уште една жртва на политичкото насилство во Бугарија“. На 5 септември 1945 година, д-р Димитров заедно со неговата сопругата полетале од Бугарија на безбедно место во Италија. Во авионот кој полетал од враждебниот аеродром, Барнс бил еден од патниците. Барнс немал доверба во Сталин и пресметал оти се' додека тој бил во дружба со д-р Димитров, авионот безбедно ќе ја прелета бугарската територија. Барнс повторно се вратил во Бугарија и тука останал уште неколку години. Кога бил предложен да стане првиот повоен амбасадор на Бугарија, тој категорично ја одбил таа понуда. Неговата причина за одбивање била таа што тој не сакал Бугарите да добијат погрешна претстава за него, оти тој си ја туркал својата кариера на штета на бугарскиот народ. Така, беспрекорно вршејќи ја својата должност Барнс успеал да оствари хумани дела во едни бурни моменти кога несреќата и злото владееле со човечките животи и судбини. За Барнс силата на сопственото убедување во доброто и совесното, чесното и беспрекорното извршување на одговорноста се двете слики од истата монета.
Американскиот херој од Смирна
Совесно, чесно и беспрекорно исполнување на професионалната должност и во ситуации кога сопствениот живот е доведен во прашање. За американскиот дипломат Мејнард Б. Барнс, тоа не било морален предизвик, туку значело и целосна посветеност на прифатената одговорност. Ова негово убедување секојдневно го докажувал за време на неговата долга и успешна дипломатска кариера. Барнс на тоа ќе му даде посебно значење за време на ужасите кои се случиле во Смирна во септеври во 1922 година и на крајот на Втората Светска Војна, кога во Софија се случуваат многу сериозни меѓународни воено- дипломатски игри, проследени со стихија на политички апсења и убиства. Деталите од документација за Барнс докажуваат дека тој бил еден од ретките дипломати на кого и силниот Сталин не успеал да му ја разруши таа негова непоколеблива верба во исправноста на сопственото убедување. Овој американски дипломат од регионот Нова Англија, САД, бил испратен на дипломатска служба во Смирна, сегашен Измир, иако имал 25 години како вицеконзул. Висок и тенок по раст, по изглед кревок како стаклена чаша, со кадрава коса која ја чешлал назад, го носел нашироко познатиот американски шешир како оној од филмовите на Хамфри Богарт, развлекувал во говорот и давал импресија на копнежлив и меланхоличен млад човек. Се добива впечаток дека неговиот надворешен изглед и неговата внатрешна решителност како да не припаѓаат на еден ист човек. Од 9 до 23 септември 1922 година Барнс бил сведок на една свирепа и ужасна трагедија што ја зафатила Смирна. По невидливиот колапс на грчката војска во Анадолија, а што го означило и крајот на национална амбиција на Венизелос за проширување на Грција на два континенти и на пет мориња, Смирна ја зафатило страв и паника од одмаздата на турската војска. Уште пред влегувањето на турската војска во Смирна, преплашеното грчко, ерменско и еврејско население стихиски се растрчале кон кејот, за да најдат спас во бродовите кој биле во пристаништето. Квартовите на градот каде претежно живеело нетурското населеније наскоро ги зафатил силен пожар, кој многу бргу се ширел кон кејот. Пукања од пушки, убиства и кражби почнувале да владеат со градот. Илјадници деца, жени и мажи умирале од неподносливата висока температура и од силната жестина на оганот кој бил веќе достигнат до кејот. Голем број луѓе умиреле згазени од неконтролираната маса бегалци. На кејот владеело невидена и неподнослива паника и ужас. Барајќи спас од пеколот на кејот, илјадници луѓе сами се фрлале во морето, за да ја избегнат смрта на кејот, а некои од нив за да ја најдат во морето. Единствениот спас од пеколот во Смирна биле странските бродови во морето што биле недостапни за овие страдалници. Во овој хаос и неопислива човечка трагедија, Барнс се докажал со ненадминлива смелост и беспрекорна професионалност, кому и останатите американски службеници му се восхитувале и чуделе. Сите згради околу американскиот конзулат веќе биле во пламен. Од силната топлина и мирисот на чадот нормална работа во конзулатот била невозможна и на сите службеници им било наредено под итно да го напуштат конзулатот. Тие го напуштиле конзулатот и нашле заслониште во бродот „Литчфилд“ што бил сместен во пристаништето. Единствено Барнс останал да ја врши својата должност, бидејќи, за него работното време уште не било завршено. По завршувањето на работното време, Барнс ги собрал поважните документи и парите од касата и ги ставил во една поштенска торба, ја кренал преку рамото и се упатил кон бродот. Се вратил назад за да ја доземе и таблата на американскиот конзулат, која била закачена над вратата, ја ставил под мишка и се упатил кон бродот. Само што ги оставил работите во бродот повторно се вратил назад во конзулот за да ги доземе останатите конзуларни документи. Собрал се' што можел и се упатил кон бродот каде останатите службеници од конзулатот нетрпеливо го очекувале. Мирно и внимателно пробивајќи се низ невидливиот човечки метеж, Барнс не се ни обрнал назад кон силната експлозија која одекнала од правецот на конзулатот. Кога стигнал на бродот и ги оставил конзуларните документи, Барнс ги видел неговите колеги како гледаат во правецот на конзулатот кој целиот бил обвиен во силен пламен. Тивко и ненаметливо се повлекол во својата кабина. Рано утрендента право се упатил кај турската полициска станица и побарал турските војни власти да му дозволат да го отвори конзулатот за работа во некои од напуштените куќи. Турците се загледеле помеѓу себе и така зачудени не можеле да одгонетнат дали овој америкнски дипломат е при себеси и не гледа што се случува околу него. Сепак, повеќе од љубопитност отколку од службена обврска, Турците му одговориле дека сите напуштени куќи се негови и нека одбере која сака тој. Барнс нашол една напуштена куќа, го закачил над вратата зелениот амблем на американскиот конзулат и го отворил за работа. Со него имал список од 168 натурализирани Американци за кои добил дозвола од Турците да ги собере и да им даде заштита на бродот. Стотици други Грци и Ерменци нагрнале на импровизираниот американски конзулат, молејќи му се да им даде американски патни исправи за да си го спасат животот. Многумина од нив се обидувале да го врбуваат со мито, подавајќи му голема сума на пари и злато. Барнс учтиво ги одбил зошто немал одобрение од турските власти. За него „Њујорк тајмс“ подоцна ќе напише дека Барнс во Смирна се докажал со ненадминлива храброст и беспрекорна професионалност, така докажувајќи го високиот морал на американските дипломати.
Душко Синадиновски |