|
|
Извештај од капетанот П.Х. Еванс, офицер за врска, до Форин Офис |
156/19/44 БРИТАНСКА АМБАСАДА АТИНА 12 декември 1944 Почитуван оддел, 1. Во врска со нашата телеграма бр. 20 од 11 декември, приложуваме две копии од еден интересен извештај за ослободителното македонско движење во областа Флорина од еден британски офицер за врска кој беше на должност во областа од април до ноември 1944. Ние се извинуваме, а исто така и авторот, за набрзина направениот нацрт на овој извештај и на машинописот, но тој е направен во услови на борба во Атина. Имајќи го предвид фактот што Истражувачкиот оддел би сакал да го види што е можно побрзо, ние не го средивме зашто можеше да го одложи неговото испраќање. 2. Основниот впечаток што произлегува од извештајот е неочекуваниот цврст словено-македонски карактер на областа и непоправливиот несимпатичен однос на речиси сите Грци, вклучувајќи ги дури и локалните лидери на ЕАМ, спрема целото население на грчката територија кои не се Грци по обичаи, вера и јазик. Авторот верува дека ако не се премногу сурово оданочени, и ако нивните обичаи и јазик не се забранети, како што беше случај во минатото, а особено во времето на Метаксас, ова заостанато планинско население може да се помири со грчката управа. Тој исто така истакнува дека постојат одредени сомневања спрема Британците во оваа област, бидејќи кај населението кое зборува Словенски, Велика Британија во свеста на селаните асоцира на кралот на Грција, а кој им асоцира на Метаксас и неговите репресивни мерки. 3. Славо-македонското население од таа област се подели за време на герилската борба на (а) приврзаници на ЕАМ (во нивна словенска верзија познато како СНОФ, од кои најголемиот дел имаат големи симпатии кон југословенските партизани и (6) оние словенски села кои примија оружје од Германците и нивните бугарски офицери за врска, локално познати како комитски села. Еден партизански офицер го убедил авторот на овој извештај, во случај да му се дозволи, тие комитски села тој би можел да ги убеди да преминат на сојузничка страна со политички средства. Навистина, Титовите партизани можат да влегуваат и излегуваат од комитските села сосема слободно, што се должи пред се` на многу полибералниот став на Тито и неговите претставници спрема различните национални групи под негова команда, а додека ЕЛАС води стриктно националистичка политика и секогаш македонските единици ги командуваат Грци. 4. Од ова може да се заклучи дека западното македонско прашање, кое е преувеличено, има многу подруга форма од онаа што досега ни беше презентирана. Прво, западномакедонското словенско население е претставено во извештајот како многу хомогено и помалку измешано со бегалци или други Грци и изгледа дека веројатно е многу поголемо отколку што е покажано во грчките официјални статистики. Второ, локалното словенско политичко движење, такво какво што е, не е во корист на Бугарија туку за една независна Македонија; нивната надворешна помош доаѓа од југословенска Македонија, а не од Бугарија. Според тоа, населението кое е во прашање не е одделено од неговите "браќа" од странство со силно грчко население од Источна Македонија, туку е обединето со него преку големиот природен пат на Монастирската клисура и е одделено само со државните граници. Оттука, произлегува дека трансферот на македонските Словени е многу потежок проблем отколку што се веруваше; и по мислење на авторот на овој извештај, слободен и фер плебисцит би одел, со сигурност, против Грција. 5. Ние сме заинтересирани да ги видиме коментарите за овој извештај на Истржувачкиот оддел и да видиме како тие можат да се компарираат со другите материјали кои им се наоѓаат на располагање. /…../Потписот е нечиток ТАЈНО SFU107/I |