Заслужено или незаслужено, реално или вештачки (што е сеедно за овие редови), Глигоров беше единствен авторитет во државата зад кого стоеја голем дел граѓани. Бранко Црвенковски сé уште беше млад комуњарски мангуп, а неговиот главен опонент Љупчо Георгиевски не можеше да собере ни сто демонстранти на социјалните митинзи во Скопје (еден од нив беше патетично именуван „5 до 12“, а на закажаниот ден, потенцијалните митингаши од јавните претпријатија беа „поткупувани“ со по една замирисана пастрмка за појадок).
Македонија е преполна со тајни, кои главно се поврзани со одредени трагедии што се случувале на овој простор и кои во голем дел ја одредиле и нејзината денешна судбина. Заговори, убиства, атентати, шпионски афери го полнат досието на македонската историја, која денес можела да изгледа многу, многу поинаку. Во неколку продолженија ќе ви го пренесеме нашиот избор на најголемите македонски мистерии.
И поновата македонска историја не е сиромашна со мистерии. Една од најкрупните е атентатот врз тогашниот претседател на државата, Киро Глигоров, на 3 октомври 1995 година. За среќа, Глигоров преживеа, но и тој самиот не помогна многу во откривањето на нарачателите и сторителите на атентатот што ја потресе Македонија. Тоа што не е сосема јасно околу овој атентат, но се наѕира во далечината, се можните мотиви за убиство на тогашниот претседател на Република Македонија. Тоа се денови на потпишување на фамозната Привремена спогодба со Грција, денови кога ЕУ стоеше зад ембаргото што една нејзина членка и го наметна на суверена и мирољубива држава (сеедно што Брисел фингираше некаква тужба против Грција), кога во Македонија цветаше шверцот кон север, со што за прв и последен пат во историјата станавме извозници на нафта, кога, наспроти братската соработка во шверцот, на Србија очајно и` требаа немири во соседството, кога на запад системот на албанската држава се наоѓаше пред распаѓање, а на исток, во Бугарија, царуваа мафијашките групи создадени од разните кланови на поделената и формално расформирана комунистичка тајна полиција. На домашен терен, државата ја владееше коалицијата на Црвенковски и на Андов, која, по криминалното фалсификување на изборите една година пред тоа и нивното напуштање од детската опозиција, имаше апсолутно мнозинство во парламентот. Паралелно, започна да тече уште еден криминален процес, кога во приватизацијата, спротивно на тогашниот Закон за трансформација на општествениот капитал, беше украдена сржта на македонската економија, а за само неколку години 140.000 нови работници добија свое бројче во тогашниот Завод за вработување. Може и без него Таа и таква држава, за која однадвор изгледаше дека е во кома и приклучена на апарати за вештачко дишење, многумина посакуваа да ја снема. Најмалку што се очекуваше од неа, на само две години по приемот во ООН под провизорно име, е да и создава проблеми на т.н. демократска меѓународна заедница со своето постоење, делумно анулирајќи еден договор од 1913 година зад кој, по неговото потпишување застанаа и големите европски сили. Во таква ситуација, заслужено или незаслужено, реално или вештачки (што е сеедно за овие редови), Глигоров беше единствен авторитет во државата зад кого стоеја голем дел од граѓаните. Бранко Црвенковски сé уште беше млад комуњарски мангуп, а неговиот главен опонент Љупчо Георгиевски не можеше да собере ни сто демонстранти на социјалните митинзи во Скопје (еден од нив беше патетично именуван „5 до 12“, а на закажаниот ден, потенцијалните митингаши од јавните претпријатија беа „поткупувани“ со по една замирисана пастрмка за појадок). Двајцата заедно, и со Андов како бакшиш, немаа ни половина од политичкиот авторитет што тогаш го уживаше стариот комунист. Гледано од денешна перспектива, ороводец во желбите да ја снема Македонија не ни можел да биде некој друг освен Грција. Еден психолог што ги анализирал настанот и околностите поврзани со него претпоставуваше дека со отстапката во 1992 година кога го прифати името Република Македонија-Скопје, со отстапката кога спротивно на Повелбата на ООН, Глигоров се согласи на приемот на државата во ООН под референцата БЈРМ, и со неколкупати направената дистинкција дека Македонците од денешната РМ се Словени што немаат ништо со античкото наследство на кое претендира Грција (што подразбира и согласност за промена на тогашното знаме на РМ), претседателот како човек ги исцрпил своите потенцијали за задоволување на желбите на јужниот сосед. Од тој момент, неговиот авторитет можеше да биде само пречка. Не само во спорот со името каде што изгледаше дека Глигоров е уморен од грчките уцени, туку и за понатамошниот политичко-економски развој на Македонија. Колку и да беше и самиот виновен за таа ситуација во која се најде Македонија, Глигоров сé повеќе стануваше „услов без кој се може“. Жртви по атентатот По атентатот, околу можните сторители се множеа јавните дилеми, кои на јавноста повеќе или помалку и` се познати. Интересно, во 1997 година, еден пропаднат „бизнисмен“, рожба на системот создаден од социјалдемократите, во скопска кафеана во сопственост на новопечен газда на фабрика во која секогаш имаше по некој полициски инспектор, и со прислушен апарат во актовка, се обидуваше да издејствува новинарска помош за да им стави до знаење на државните фактори дека ќе го објави податокот оти свесно ја одбиле понудата, неколку години пред тоа да инсталираат безбедносни камери по целата маршрута по која се движеше Глигоров, одејќи од својот дом кон претседателскиот кабинет. Едноставен систем што ги елиминираше можностите од вршење атентат на начин што беше применет на 3 октомври 1995 година (иако, веројатно е дека некоја организирана група ќе му нашла слаба точка), но систем што подразбирал и поинаков пристап на државата кон безбедноста на првиот човек на државата. Подоцна, по атентатот, загина Аслан Нуиши, поврзан со мерцедесот во кој се возеше Глигоров, а Петрит Аме исчезна. Се самоуби Драган Гаврилов, човек од опкружувањето на Глигоров. Неговото самоубиство, за кое не можеше да се најде некоја посебна причина, никогаш не беше сосема разјаснето, како и наводното самоубиството на службеничката во МВР, Тања Павловска, која во време на атентатот била во можност да дојде до клучни информации. Во меѓувреме, во Скопје јавноста „се забавуваше“ со изјавата за двете непознати лица со бради што биле видени на местото на атентатот, со што секој член и симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ стануваше во најмала рака поддржувач на терористичката опозициона партија и се обидуваше да ја долови улогата на бугарскиот Мултигруп во целата приказна. Како и да е, по атентатот Глигоров остана без својата дотогашна политичка моќ и со тоа суштински беше тргнат од политичката сцена, иако формално беше претседател на државата до 1999 година, а Македонија се подготвуваше да помине низ неколку кризни фази што постојано го држеа запален фитиљот на нејзиниот опстанок. Извршителот и нарачателот никогаш не беа откриени и веројатно така и ќе остане. А, ако од атентатот имаше некоја полза, тогаш тоа бездруго е фактот што тој на површина исфрли многу од нечистата облека создадена во политичко-економската македонска транзиција.
Несреќни случаи?
Загинувањето на Брицо, Карангелески и на Мијалков Во 1962 година, во екот на подготовките на новиот Устав на тогашна Југославија и на Уставот на Македонија, на 38 годишна возраст, во Охридско Езеро во водите крај Горица загинува со давење еден од блиските соработници на Лазар Колишевски, извонредниот пливач Методи Митевски - Брицо. Брицо е скоевец, учесник во НОБ од 1941 година. Еден од ретките што можеле на Колишевски да му кажат: „Не ја бива оваа работа“. Бил сакан од народот и човек чие друштво го претпочитал и Јосип Броз Тито. Во 1962 година бил претседател на Комисијата за уставни измени, и бил во тивок судир со групата што настојувала Македонија да остане финансиски зависна провинција на Југославија. Комисијата била во постојано заседание. Во една од паузите, откако го испил кафето, Брицо си ја зел четиригодишната ќерка со гумата за пливање и влегол во водата. По извесно време, силно почнал да вика за помош, меѓутоа никој не притрчал да му помогне. Мислеле дека се шегува. Кога колегите сфатиле дека Брицо навистина бара помош, виделе дека чамецот за спасување нема весла. Сепак, девојчето било спасено, но не и Брицо, кој потонал. Непосредно пред настанот, во близината поминал патролен чамец. Случајот е затворен како несреќа. Во 1977 година, генерал-полковникот Васко Карангелески, народен херој, несреќно загинува во лов. Случајот како таков е и архивиран. За Карангелески може да се прочита и дека имал „националистички“ став во поглед на организацијата на тогашната територијална одбрана. Јордан Мијалков, првиот министер за внатрешни работи на независна Република Македонија, загина во декември 1991 година во сообраќајка на службен пат кон Белград, кадешто требаше да се сретне со генералот на ЈНА, Петар Грачанин. Официјално, несреќен случај. Патем, Мијалков беше клучен актер во одземањето на воената евиденција што за македонските воени обврзници ја имаше ЈНА, а најави и одземање тенкови.
Нова Македонија
Автор: Дарко Јаневски |