|
|
Извештај за македонско ослободителното движење во областа Флорина 1944 |
(Од капет. П. X. Еванс, чета 133) (Карта: Грција 1/100 000, Лист I. IV и I. V) Забелешка: Во овој извештај е употребен терминот "МАКЕДОНЦИ" и во одредени случаи спомнати во контекстот МАКЕДОНСКО малцинство во БУГАРИЈА, ЈУГОСЛАВИЈА И АЛБАНИЈА. ОБЛАСТА КОЈА СЕ РАЗГЛЕДУВА Сите информации од овој извештај се добиени од прва рака во периодот март-октомври, 1944. За тоа време јас живеев во ВАПЦОРИ (Бапчор) 5256 во ВИЦИ (Планината Вичо) 5754, во близината на ДХАСЕРИ (Дробишта) 3268 (т.е. на западниот брег од МАЛА ПРЕСПА), во КОРИФИ (Турје) 5061 и на крајот во ФЛОРИНА 6068. Во текот на септември и целиот октомври имаше една осамена станица во БУФИ (Буф) 5173. Покрај овие места јас ги посетив или поминав низ голем број села во областа од ИСТОЧНАТА страна на ФЛОРИНА - ГРЧКО-ЈУГОСЛОВЕНСКАТА граница - ПРЕСПА-КАСТОРИА (Костур) 4640- АМИНТИОН (Соривич) 8257. За целото време не навлегов подлабоко во територијата на Југославија или Албанија, ниту бев ЈУЖНО од патот КАСТОРИЈА-АМИНТИОН. Оттаму моите познавања за она што се случува таму се само претпоставки, и моите опсервации не одат подалеку од горе наведената област. Јас никогаш, на пример, не бев во ИСТОЧНА МАКЕДОНИЈА или ТРАКИЈА, и некои од воопштувањата кои јас ги добив од сопственото искуство во областа можеби нема да бидат применливи на друго место. МАКЕДОНСКОТО НАСЕЛЕНИЕ Еден премолчен факт за областа, која е предмет на разгледување, а за кој не се зборува, е тоа што ретко кој ја сфаќа. Англичанец, дури и оној кој ја познава ГРЦИЈА не успева да ја сфати, бидејќи ретко кој од нив оди подалеку на СЕВЕР. ГРЦИТЕ нe успеваат да ја сфатат од две причини. Прво, тие не сакаат. Во нивна корист е да веруваат дека сите места кои се обележани како "ГРЧКИ" на картата се, или мора да бидат ГРЧКИ по симпатија и на секој друг начин; ГРЦИ по природа какви што се; тие не сакаат да сфатат дека голем дел од населението на МАКЕДОНИЈА во ГРЦИЈА има исто толку добри причини да се сметаат себеси за МАКЕДОНЦИ колку што тие себеси се сметаат за ГРЦИ. Тоа претставува недоволен повод, еден вид измама, која е неразделен дел од Големата идеја. Втората причина е, или така барем мене ми е кажано, што последователните ГРЧКИ влади од ослободувањето на славофонска ГРЦИЈА од ТУРЦИТЕ беа, и покрај нивната разноликост, согласни во една работа: поддржување на оваа лага, оставајќи впечаток кај својот сопствен народ и во светот дека нема никакво MAKЕДОНСКО малцинство во ГРЦИЈА; додека ако странец кој не ја познава ГРЦИЈА, ја посети областа ФЛОРИНА и потоа формира сопствено мислење за земјата во целина, заклучокот би бил дека ГРЦИТЕ се тие кои се во малцинство. Тоа е првенствено МАКЕДОНСКИ регион, а не ГРЧКИ. Јазикот во домовите, и по правило на полињата, на селските улици, на пазарот е МАКЕДОНСКИ јазик. Тој е во секој случај изопачен и лош без литература или одредена граматика, и со голем број позајмици од ТУРСКИ, ГРЧКИ, АЛБАНСКИ и ВЛАШКИ и дури РОМАНСКИ. Но во секој случај тоа НЕ Е ГРЧКИ јазик. ПОЛЈАЦИТЕ на пример, би го разбрале многу лесно, но сепак не така лесно како што е случај со СРПСКО-ХРВАТСКИОТ кој е чист и одреден). Многу од жените, особено постарите и многу од постарите мажи и скоро сите деца родени околу 1939 или подоцна не знаат ГРЧКИ. Дури и оние кои знаат ГРЧКИ повеќе сакаат да зборуваат МАКЕДОНСКИ кога можат. Странец кој ќе поздрави со "Добро утро" на ГРЧКИ ќе го добие истиот одговор, но ако истото го каже на МАКЕДОНСКИ тој ќе биде опсипан со плима фрази за добредојде и други додатоци. Имињата на местата, како што се дадени на картата, се ГРЧКИ: КАЛИТЕА, ТРИГОНОН, ДРОСОПИ и т.н., но како и да е, имиња кои најчесто се употребуваат, и покрај тоа што на картата се напишани со мали букви и во загради, ако воопшто се дадени така, се: РУДАРИ, ОШЧИМА, БЕЛКАМЕН – се` МАКЕДОНСКИ имиња. ГРЧКИТЕ се единствено дел од обидот на МЕТАКСАС да ги прикрие (но како и да е тие се општо разбирливи). ГРЧКИОТ се смета речиси за странски јазик и на ГРЦИТЕ не им се верува и се третираат како странски државјани, дури и ако не, во полна смисла на зборот како странци. Овој очигледен факт, скоро толку очигледен за да се спомене, е дека областа е природно МАКЕДОНСКА, а не ГРЧКА, и не може, а да не се пренагласи. Тоа е, после се` причината за почетокот на целиот проблем, и само имајќи го сето ова предвид, задоволувачка позиција може да се постигне, наместо некоја безнадежна крпеница што подоцна би предизвикало проблеми. Исто така, важно е да се нагласи дека населението, како што тие не се ГРЦИ, исто така не се БУГАРИ или СРБИ или ХРВАТИ. Тие се МАКЕДОНЦИ. За ова јас овде не можам да догматизирам, бидејќи јас не ја познавам историјата и посебно етнологијата на МАКЕДОНЦИТЕ. ГРЦИТЕ секогаш нив ги нарекуваат БУГАРИ и затоа ги осудуваат, освен за ЕАМ/ЕЛАС, кои покажаа малку мудрост и кои го нарекоа овој народ "МАКЕДОНЦИ". Ако тие беа БУГАРИ, распрскани во делови на четири земји, од кои една е и БУГАРИЈА, зашто се сметаат себеси за посебен ентитет и поголемиот дел од нив се декларираат себеси како "МАКЕДОНЦИ". Оние пак што се сметаат за БУГАРИ се потврдени во секој случај. Јас сум во состојба да потврдам дека бев под директно влијанието на БУГАРСКАТА пропаганда (за време на војната што беше ширена од КАЛЧЕВ и ГЕЛЕВ од КАСТОРИА и ФЛОРИНА). Македонската идеја исто така би можела да биде навистина нешто вештачко, резултат на пропаганда. Но не изгледа така. На мене ми изгледа сосема објективно МАКЕДОНЦИТЕ да се сметаат како ентитет, иако се малубројни и предмет на делба. МАКЕДОНЦИТЕ се поттикнати од силни но измешани чувства на патриотизам. Во ГРЦИЈА изгледа тој е од три вида, кој обично коегзистираат во една личност. Постои сигурна лојалност кон ГРЧКАТА држава; и растечки и понекогаш страстен локал патриотизам; и чувство тешко да се процени, бидејќи ретко се обелоденува пред странци, и се менува со промената на настаните и пропагандата, за МАКЕДОНИЈА како таква, без оглед на сегашните граници на кои се гледа како на узурпирани. Лојалноста кон ГРЧКАТА држава се прекина, во извесна смисла, кога ГРЧКАТА држава пропадна, и бугарската пропаганда и јака организација почна жестоко да работи, а МАКЕДОНСКИТЕ партизани на ТИТО дадоа голем придонес за придобивање илегални приврзаници, но, како и да е, сето тоа беше бескорисно само што селата постојано беа запоседнувани од андарти со цел да ја покажат приврзаноста кон ГРЦИЈА. Уште повеќе, кога земјата беше окупирана од непријателот антисловенската репресија предизвикана од МЕТАКСАС почна да се враќа во форма на индигнација против ГРЦИТЕ. Но извесна степен на лојалност постоеше дури и во времето на МЕТАКСАС. Тоа сосема јасно произлегува од начинот на кој полковите од СЛОВЕНСКИТЕ области се бореа во АЛБАНСКАТА војна, кога тие се истакнаа себеси не само со нивниот борбен дух, туку и со нивната издржливост на умор и студ во што тие ги надминаа другите единици; и не изгледа дека кај нив има поголем процент на предавници во однос на величината на односното малцинство, од да кажеме ВЛАШКИОТ елемент во ГРЧКАТА армија. Но што е многу посилно од МАКЕДОНСКОТО чувство за ГРЦИЈА е неговиот локал патриотизам, не толку неговата љубов кон земјата како кон неговиот сопствен дел од земјата, родниот град - во ова тој личи на населението на ГРЦИЈА. Кога во октомври 1944 на ГОЧЕ (Илија Димовски), како КАПИТАНИОС и практично командант на Вториот баталјон на ЕЛАС-овиот 28 полк, му беше наредено да замине за ВЕРМИОН (Дурла), тој одговори: "Не, ние сме МАКЕДОНЦИ и нашето место е во МАКЕДОНИЈА; тоа е она зашто ние се бориме". (ВЕРМИОН се разбира, е исто така во МАКЕДОНИЈА, но тој е, јас верувам помалку СЛОВЕНСКИ отколку областа ВИЧО, каде ГОЧЕВИОТ баталјон тогаш беше стациониран и каде тој прво го пополни него; и родно место на ГОЧЕ е ВИЧО). Тој тогаш се побуни и замина за ПРЕСПА, подоцна за МОНАСТИР (Битола), и неговиот баталјон беше со него. Материјалот за оваа експлозија очигледно беше збрка на чувства акумулирани извесно време, меѓу нив ГОЧЕВАТА лична амбиција, но тоа беше исто толку добра каписла која што можеше да биде активирана и големата измама од 9-та Дивизија на ЕЛАС. Повторно, еден војник на ЕЛАС кој требаше да се врати во ВАПЦОРИ за време на летото кога требаше да се врати во неговата единица која беше ЈУЖНО од АЛИАКМОН (Бистрица) рече не, тој беше МАКЕДОНЕЦ и сакаше да остане во МАКЕДОНИЈА; тој не сакаше да оди во ГРЦИЈА, и ако тие го пратеа таму, тие ќе зажалеа за тоа бидејќи ќе откриеја дека тој едноставно би станал нем, дрзок и би станал бескорисен за нив. Истата тврдоглавост се покажува и во МАКЕДОНСКИТЕ песни, како традиционалните исто така и оние кои се создадени во сегашната војна. Вистина е дека песните обично ја споменуваат МАКЕДОНИЈА и не некое посебно место во МАКЕДОНИЈА, но чувството кое тие го изразуваат е едноставна и директна љубов кон земјата без некој интелектуален ентузијазам за политичка идеја. Чувството е исто без разлика дали песната е општо познатата "Маре море Маре" (приказна за девојка чиј вереник не се вратил од војните завршувајќи со зборовите "Маре не чекај ме; омажи се. Јас веќе се оженив за црната земја за МАКЕДОНИЈА"; а во една деуга верзија постои додаден двостих со рима "За МАКЕДОНИЈА -каде ние сите би биле слободни; или хумористичната песна за “Маре од Прилеп“, чија мајка сакала да ја омажи - среќно - за три млади момчиња, коишто таа не ги сакала, еден од ПРИЛЕП, еден од БИТОЛА (МОНАСТИР) и еден од КОСТУР (КАСТОРИА) и која во последната и необврзна строфа го зема оној што таа го избрала, строфа којашто не може да се пее во приемни соби. Песната може да биде весела, а со малку маршевски тон, разубавена и свечена, која вели дека "ропските денови на МАКЕДОНИЈА се завршени". Ритмичките пулсации во сите нив е љубовта на МАКЕДОНЕЦОТ кон неговото родно место. МАКЕДОНСКОТО чувство за МАКЕДОНИЈА како целина, како земја, и како потенцијална држава се разгледува во делот 5 од овој извештај. Патем треба да се истакне дека и покрај големиот број агитатори во ГРЦИЈА, ЈУГОСЛАВИЈА И БУГАРИЈА кои беа, а и сега се активни во корист на една независна МАКЕДОНИЈА, на прво место се чини дека ова чувство не е нешто формирано со пропаганда, напротив пропагандата го зголемува. Македонскиот патриотизам не е вештачки, тој е природен, спонтано и длабоко всадено чувство кое почнува во детството како и секој друг патриотизам. Оттаму сепаратистичките тенденции ќе продолжат да жнеат; тоа не е неуспешен обид. Мене ми се чини дека тоа е една од грешките на историјата или лапсусите на историјата, (јас повторувам, не знам ништо за МАКЕДОНСКАТА историја) за непостоењето на независна држава. МАКЕДОНЦИТЕ кои во подолгиот период на својата историја беа потчинета раса, повеќе отколку било кој друг од нејзините соседи, ја изгубија нивната снаодливост, нивната иницијатива, останаа заостанати; тие беа ослободени од ТУРЦИТЕ, но никогаш не се ослободија себеси од различните европски господари; кога овие станаа нации и секоја се зајакна и засили себеси, МАКЕДОНЦИТЕ не беа доволно смели и единствени да го направат истото, и сега кога тие изгледа се спремни да направат сериозен чекор кон национално единство, се чини дека е доцна. Фактот дека некогаш таму можеби постоеле одлични услови за независна МАКЕДОНИЈА не значи дека таков е случајот и денеска. Факторот кој јас не го слушнав да биде споменат, но кој ГРЦИЈА би можела добро да го искористи во зачувување на лојалноста на СЛОВЕНСКИОТ елемент, е што тој елемент е чудна комбинација на апатија и беда. Обичниот МАКЕДОНСКИ селанец, со кој јас имав можност да се сретнам, не е заинтересиран ни малку за политика како што е заинтересиран за благосостојба. Неговиот интерес за политиката е само желба да биде оставен на мир, оставен самиот на себе и поради што тоа е повеќе респектирано отколку политичките интереси. Тој е за чудо неутрален; тој има прилагодено заштитни бои и како камелеон може да ги промени кога за тоа ќе се појави потреба. Јас бев сведок на тоа. Еднаш во текот на јуни, кога патот ВАТОХОРИ (Брезница) 3758 – КАСТОРИА се уште се употребувашe од ГЕРМАНЦИТЕ, и јас на едно од моите ноќни патувања на коњ од ДЕНДРОХОРИ (Д'мбени) 3549 за ВАПСОРИ забележав дека додека во СЛОВЕНСКОТО село МАВРОКАМПОС (Чрновишта) и КРАНИОНА (Дреновени) немаа поставено стражи, во ГРЧКОТО бегалско село АГИОС АНТОНИОС (Жевени) јас бев сопрен уште пред првата куќа и не ми беше дозволено да продолжам се` додека не докажав дека сум британски офицер по што бев топло пречекан. Мој придружник во тоа време беше еден андарт кој научил МАКЕДОНСКИ од неговата мајка, ГРЧКИ од неговиот татко, АЛБАНСКИ од патувањата по барање работа пред војната и кој беше ВЛАВ по потекло но ГРК по лојалност, така што тој беше во добри односи со сите локални МАКЕДОНЦИ. Јас го зедов него како личен слуга и водич; го избрав намерно бидејќи беше таква мешавина, а и поради познавањето на планините и коњите. Тој објасни дека народот од КРАНИОНА и МАВРОКАМПОС не поставил стражи, бидејќи во случај да ги повикат ГЕРМАНЦИТЕ или комитска банда тие тогаш нема да бидат обвинети дека се непријателски расположени или дека нешто кријат. Во исто време, како и да е, тие немаат оружје и не се во опасност да бидат нападнати од андартите како комитска тврдина. Еден стар човек од КОРИФИ ми укажа многу јасно на овој аспект од МАКЕДОНСКИОТ карактер. Тој беше СЛОВЕН, бил претседател на неговото село ВАПСОРИ во периодот на режимот на МЕТАКСАС. Како последица, сега, тој е исфрлен од страна на ЕАМ и ЕЛАС. Тој ми кажа: Гледаш, ние имаме толку многу различни господари, кој и да дојде ние велиме (ги доближи двете раце, направи задоволна насмевка со мал наклон), 'Калос орисате'! Тоа беше многу убедливо. Тоа е таа дволичност на МАКЕДОНЦИТЕ поради што е тешко да се запознаат. Тешко е да се дознае што тие мислат. Трет човек што беше присутен на разговорот го дополни предметот истакнувајќи: „Во суштина, нашиот став е навистина овој. Ние немаме ништо против ако државата зема дел од нашето производство како данок, пет, десет дури и петнаесет проценти. Но да дозволиме државата да биде разбрана: да земе само умерена количина, така што јас би знаел за што работам, зашто јас се потам, што на крајот ќе биде мое. Ако јас отидам на ридот оваа вечер и ја поминам ноќта таму правејќи дрвен јаглен, што ќе добијам јас? Само неколку драхми, доволни само за кутија цигари. Гледате, нашите планини се сиромашни и ние имаме многу малку. Што ние навистина сакаме, е некоја богата земја како АНГЛИЈА и АМЕРИКА да ја отвори МАКЕДОНИЈА, да ги експлоатира нејзиниот тутун и нејзините недопрени минерали. Тогаш секој ќе го планира своето плаќање секоја недела и ќе има многу за јадење и добри алишта за носење. ГРЦИЈА не може да го направи тоа; таа е премногу сиромашна. Постоеше една АМЕРИКАНСКА компанија која сакаше да отвори рудници во овие планини по последната војна, но ГРЧКАТА влада не им дозволи“. Нивните уверувања за немаштина се малку преувеличени, не многу, и општата слика од неговите искажувања се потврдува со она што јас го видов во бројни села за време на мојот 7 1/2 месечен престој во областа. Патем, истиот човек кој секогаш ми изгледаше непоколеблив другар и кој се борел како митралезец во АЛБАНСКАТА војна, на крајот му се придружи на баталјонот на Гоче и зеде учество во дезертирањето во ЈУГОСЛАВИЈА во име на една независна МАКЕДОНИЈА. Јас често бев изненаден од ова истовремено одбивање и привлекување или повеќе-отколку-привлекување и одбивање на СЛОВЕНИТЕ во ГРЦИЈА, нивната спремност да одат во овој или оној правец кои се во склад со непресметливоста на пропагандата и променливиот притисок на условите. Тие се збирка на збркани селани кои можеби тешко знаат што тие сакаат од еден до друг месец. Во политичката сфера, така е; од практична страна тие се начисто. Тие сите би сакале да јадат пченичен леб, наместо р'жен и пченка; и тие сакаат да заработат повеќе и да имаат поголема удобност. На другата страна ништо не е јасно. Потврдени про-ГРЧКИ или про-МАКЕДОНСКИ или про-БУГАРСКИ меѓу нив се ретки. Се дознава дека голем дел од оние кои се побунија со Гоче би сакале да се вратат во нивните домови, но не се осмелуваат да го направат тоа. Тие би биле убиени од ЕЛАС и во секој случај од фанатиците во нивните чети, лично ГОЧЕ ги спречува да заминат. Може да се докаже од пример во пример дека сите МАКЕДОНЦИ во ГРЦИЈА се раководени, дури и против нивна волја, од секој оној кој ја има предноста во дадениот момент; ГРЧКАТА влада, странските освојувачи или андартите на ЕЛАС како што е сега. Непрекинато потчинети, тие станаа апатични, но само до одреден степен, не целосно. Кога тие се незадоволни, тие преоѓаат кај секој оној што ќе ги третира подобро или кон оној за кој тие сметаат дека би се однесувал подобро. Она кон што тие се стремат не е толку нациналноста колку да им биде овозможено да го зборуваат својот сопствен јазик и да живеат невознемирувани од никого и да живеат подобар живот отколку пред тоа. Потребата се` повеќе го зголемува нивното незадоволство до степен кога тоа не е повеќе важно. Секако, ова покажува сигурни можности, не за да се отстрани проблемот настанат со постоењето на СЛОВЕНСКОТО малцинство во ГРЦИЈА но барем да се намали. Ако ГРЦИТЕ им дадат на МАКЕДОНЦИТЕ што тие сакаат, слобода да зборуваат на мајчин јазик и нешто подобар живот - тие би биле наклонети да останат ГРЧКИ граѓани. Ако ова се случи, и дури ако ГРЦИЈА асоцира мисловно со БРИТАНИЈА, тие би мислеле подобро за БРИТАНИЈА и би биле помалку наклонети кон РУСИЈА. Учеството на БРИТАНИЈА во нејзината задача за рехабилитација на ГРЦИЈА ќе го направи тоа поврзување. Уште неколку случајни точки мора да се задоволат за да се потполни остатокот на оваа слика за СЛАВО-МАКЕДОНЦИТЕ како што ги видов јас. СЛАВО-МАКЕДОНЦИТЕ општо земено се плашат и не им веруваат на Британците и покрај тоа што тие пријателски се однесуваа кон британските офицери и ОР'с во планините за време на окупацијата, еднаш Британците дојдоа и се покажаа дружељубиви. Причината за оваа недоверба е тоа што во свеста на МАКЕДОНСКИОТ селанец БРИТАНИЈА е поврзана со кралот, со МЕТАКСАС, кој го забрани СЛОВЕНСКИОТ јазик во ГРЦИЈА и ги хранеше луѓето со рицинус ако го зборуваат него. Во време на окупацијата БУГАРСКАТА пропаганда беше брза за да ја искористи таа страна од ситуацијата. "КАЛЧЕВ и некои други дојдоа во нашето село од КАСТОРИА и го собраа целиот народ на плоштадот и ни рекоа "Андартите се со Британците и Британците ќе го вратат кралот и стара ГРЦИЈА (т.е. ГРЦИЈА на МЕТАКСАС). Поради тоа вие морате да се вооружите против андартите". (Од изјавата на жена фатена при нападот на ПРЕКОПАНА (Прекопана) 5950, Апр/ил/44). Оваа НЕДОВЕРБА кон БРИТАНЦИТЕ делумно влече корени, но не целосно, од мешавината на страсната желба, почитувањето и задоволстото кое е всадено кај многу селани од воодушевувањето кон големата и богата нација. "БРИТАНИЈА е богата, БРИТАНИЈА ќе не спаси", велат тие (тие би рекле АМЕРИКА ако некој е АМЕРИКАНЕЦ) и продолжуваат да наплаќаат двојно за компири или вино или јајца што ги купуваат од нив. МАКЕДОНСКОТО чувство спрема ГРЦИТЕ и vice versa, во моментот е жестоко и осветољубиво. Но тоа е двосмислена генерализација. Во ФЛОРИНА (Лерин) на пример се случува двајца да живееат еден до друг; никој не ги вознемирува обичните луѓе зашто зборуваат МАКЕДОНСКИ на улица и само во приватни конверзации ГРЦИТЕ ја признаваат нивната омраза. (За МАКЕДОНЦИТЕ не знам, затоа што јас не го зборувам нивниот јазик и, ако во ова време ги запрашам нив за тоа на ГРЧКИ, тие сигурно не би ми одговориле. Тие се темпераментни, недоверливи суштества). Карактеристика на МАКЕДОНИЈА е што оваа состојба на очигледна мирољубивост може да продолжи за подолго време, и во еден момент да биде прекината од краткотраен терор, а тоа би можело да се случи повеќепати во тек на една или две години. Ставот дури и на ГРЧКИТЕ интелектуалци во однос на СЛОВЕНСКОТО малцинство, не само во СЛОВЕНСКИТЕ области туку насекаде, е обично глупаво, неупатено и брутално реагирање што го доведува човек во ситуација да очајува за недоразбирањата било кога создадени меѓу двата народа. Многу ГРЦИ дословно ќе го кажат текстот на Атлантската повелба или ќе ви одржат опширно предавање, иако не многу точно, за Версајската конференција, а кој не знае дека во рамките на нивните сопствени граници егзистира малцинство кое зборува СЛОВЕНСКИ или ако имаат некои точни сознанија за постоењето на МАКЕДОНЦИТЕ ги прогласуваат за БУГАРИ и велат: "Тие треба да бидат убиени или вратени во БУГАРИЈА од каде што и се дојдени". Тие не сакаат дури ниту да слушнат за нивното постоење, или ако слушнат тоа претставува еден вид глупаво неверување и поради сето тоа тие се во неможност да одговорат на укажувањата дека МАКЕДОНЦИТЕ не се БУГАРИ и дека не се дојдени од БУГАРИЈА, или, ако се дојдени, дојдени се многу одамна и што, како и да е, не може да се пресмета. Жртвите на двете страни во последните три години навистина беа чести. Во победничкиот напад на андартите на ПОЛИКЕРАСОС (Черешница) 5448 во август беа заробени околу триста. Командантот на ЕЛАС наредил да не се стрелаат, туку да бидат заклани. И тоа беше направено. Кога 80 комити со 50 ГЕРМАНЦИ влегоа во ДЕНДРОХОРИ во јуни и убија неколку андарти и цивили, еден ранет и заробен андарт беше убиен од комитите на самото место со секира. (Убиениот од моја страна беше обучуван за диверзии и во тоа време беше под моја команда). И така натаму. Јас би можел да дадам уште неколку примери, но јас не се ангажирав околу "собирање" на жртвите. ГРЦИТЕ често протестираат против варварството на "БУГАРИТЕ" но фактички тоа не е ни половина од другите. Некои ГРЦИ ќе го признаат ова и продолжуваат да се жалат. Непотребно е да се каже дека овие жртви само ја влошуваат веќе и онака наелектризираната ситуација. Една жртва раѓа друга. Прашање е колку од оваа омраза меѓу двете раси може да се избегне. Можеби постои некој непретворлив минимум, слепа омраза што произлегува од нешто непознато, нешто спротивно, кое тие автоматски го чувствуваат еден кон друг. Но неспорно е дека голем дел од лошото чувство е чиста креација на пропагандата, особено онаму каде пропагандата се употребува за преувеличување на жестокоста предизвикана од репресалиите. ГРЦИТЕ и СЛОВЕНИТЕ можат да живеат заедно и удобно. Ова е мислењето на полковникот ЛОВКАРИС, сега "генерал" на ЕЛАС на Резервната дивизија на КАСТОРИА, пензиониран офицер на ГРЧКАТА армија кој имаше успешна кариера и покрај фактот што по раѓање беше СЛАВО-МАКЕДОНЕЦ и кој ја познава СЛАВОФОНСКА ГРЦИЈА многу добро. ГРЦИТЕ секогаш наведуваат како доказ дека малцинствата се добро третирани со самото тоа што им е дадена алтернатива да останат во ГРЦИЈА и добро да се однесуваат или да заминат за БУГАРИЈА. На мене ова ми се чини дека е нешто како прашањето: "Дали се откажавте од тепањето на својата сопруга? Одговори ДА или НЕ". МАКЕДОНЦИТЕ во ГРЦИЈА се речиси странци и во одредени случаи скоро сите се чувствуваат така. Но, за МАКЕДОНСКАТА фамилија, нивниот сопствен дел од планината, нивното сопствено мало парче земја примитивно обработено, е домот, нешто за што фамилијата живее со генерации. Така владината наредба се сведува само на ставање на знаење дека тие или ќе ги напуштат домовите или ќе останат како странци. Оваа дилема се уште постои; таа е во природата на ситуацијата. По се` изгледа дека не постои солуција која ќе ги задоволи и двете страни, но мудро и толерантно становиште од страна на успешна ГРЧКА влада која би била на власт, комбинирано со едно апсолутно нагласување на лојалност кон ГРЦИЈА, би дало поднослив modus vivendi кој би го направил поднослив животот во МАКЕДОНИЈА, иако тоа не може да се осигура. Ако еден живее опкружен со борбата меѓу ГРЦИТЕ и МАКЕДОНЦИТЕ, како што живеев јас повеќе од седум месеци, она што најмогу погодува, од било што друго, е сознанието дека тоа е проклета работа. Тоа е работа на грубо без сожалување, одземање на земја. Постои посебен вид на проклетство кое е присутно во сите националистички борби и сите го поседуваат тоа. Уште повеќе, тоа е борба меѓу селаните, од кои поголемиот дел се селани од планините. Планините формираат луѓе кои се цврсти и храбри и кои, кога се борат, кога нивната трпеливост ќе биде изиграна, се борат со гнев, и под кожата на секој селанец, кои и да се неговите добри квалитети, лежи скриен нагон на убиец. Под притисок на ова тие излегуваат од својата кожа и стојат исправени со целата своја нескриена непријатност. Без сомнение, оваа психолошка позадина е во непосредна врска со дивјаштвото со кое борбата се води. Еден инцидент кој фрла извесна светлина на МАКЕДОНСКИОТ проблем во ГРЦИЈА се случи во летото 1943. Еден стар господин по име КАРАГЕОРГИУ кој живее во АРГОС ОРЕСТИКОН (Рупишта), беше глава на многу почитувана фамилија во таа област и во деновите под ТУРСКО ропство претседател на "ГРЧКИОТ комитет" кој претставуваше центар на ГРЧКОТО локално единство против ТУРЦИТЕ и комитите. Еден од неговите синови, капетан (потоа поручник) ИРАКЛИС КАРАГЕОРГИУ, се бореше генијално како скромен командант во 1941 за што е одликуван три пати. Во 1943 стариот КАРАГЕОРГИУ беше фрлен во затвор во АРГОС од страна на комитите кои беа многу активни во тоа време, тероризирајќи ги ГРЦИТЕ. Еден млад комита влегувајќи во ќелијата, почнал да го тепа што завршило со негово убиство, некои велат со кршење на неговата глава од ѕид, други со удар од врвот на неговите чизми. По кратко време во областа пристигнал капетанот КАРАГЕОРГИУ како падобранец на 133 чета и разбрал за смртта на својот татко. По пристигнувањето во селото во кое тогаш се наоѓал Главниот штаб на 133 чета во Западна МАКЕДОНИЈА тој беше изненаден, гледајќи го убиецот како слободно шета по улиците како слободен човек. Се чинеше дека тој преминал во ЕЛАС и влегол како член на Комунистичката партија, што сигурно значело дека му било простено. Капетан КАРАГЕОРГИУ истакнал: "Јас се заколнав на гробот на мојот татко дека ќе го убијам тој човек". Јас сум сосема сигурен дека тој тоа ќе го направи. Тој е ројалист, националист, целосно бескомпромисен републиканец и особено храбар така што ништо не би можело да го сопре. Останува да се види дали некои пријатели или роднини на комитата би презеле слична заклетва. |