|
|
Непознати авиони во текот на вчерашниот ден во три наврати ја бомбардираа Битола! |
„Денес, 5 ноември, меѓу 13:40 и 15:10 часот, странски авиони во три наврати ја прелетаа нашата територија, и летајќи над Битола фрлија на самиот град 21 бомба. Од фрлените бомби 19 експлодираа. Има човечки жртви: 9 мртви и 21 ранети. Исто така има голема материјална штета. Преземени се веднаш најстроги мерки со сите средства на вооружените сили да се спречи секој понатамошен обид за повреда на нашата граница и напад на нашата територија. Стручните комисии се испратени на лице место па според податоците да го утврдат идентитетот на овие авиони. По извршената истрага ќе се преземат соодветни мерки кој овој инцидент ги наметна“ – се вели соопштението на тогашната Кралска влада на Југославија. На 5 ноември 1940 година Битола, која по поделбата на Македонија остана во рамките на Кралството Југославија, ненадејно беше бомбардирана од три бомбардери. Се смета дека тоа го извршила по грешка италијанската авијација, чија земја неколку дена пред тоа започна војна со Грција. Почетокот на Грчко-италијанската војна која започна со нападот на Италија од Албанија на 28 октомври 1940, а заврши со нападот на Германија на Грција на 6 април 1941 година. Всушност тоа беше почеток на балканската кампања на Втората Светска Војна. Воената акција на Италија против Грција, тогашната британска пропаганда ќе и` ја претстави на светот како напад врз колевката на цивилизацијата, додека италијанскиот весник „Месаџеро“ пишува дека Грција во своето настојување да го воспостави Византиското царство ги угнетувала народите на источниот дел на Средоземното Море и тоа пред војната со помош на Русија, а после војната со помош на Англија. Весникот приметува дека Грција која не знаела да ги почитува туѓите права не била во состојба ни да ги брани своите. Таканаречената грчка независност не постоела, бидејќи Атона работела на основа на инструкциите од Лондон. Според коментарите на тогашниот италијански печат првите цели на италијанската војска биле Јанина во Епир, Трикала и Лариса во Тесалија и Лерин и Солун во Македонија. Македонците од Егејска Македонија кои биле мобилизирани од грчката армија се наоѓаат на првата линија на фронтот која се протега од Јанина и Трикала, како и од Костур до Лерин, и заедно со Грците се спротивставуваат на италијанската војска, чија авијација меѓу другите цели ги бомбардира и македонските градови Солун, Костур и Лерин. Близината на Лерин до Битола ќе биде причина, градот наводно по грешка да биде бомбардиран. Што се случувало на тој ден во градот можеме да видиме од пишувањето на дописникот на белградска „Политика“ чиј текст е објавен на 7 ноември 1940 год. под наслов „Напознати странски авиони во текот на вчерашниот ден во три наврати прелетаа над нашата територија и ја бомбардираа Битола“. Во текстот од кој издвојуваме делови интересни не само за историјата на Битола, туку и за македонската историја се вели следното: „Битола, 6 ноември. - Вчера Битола го доживеа својот најтежок ден после ужасната последна војна, кога овој убав град беше унакажан од гранати. Три бомбардери од непозната припадност ненадејно фрлија на Битола бомби кои паднаа истовремено на повеќе места. Тој ден Битола беше преполна. Убавиот ден ги измами луѓето на улица. Поради пазарниот ден, Битола беше полна со луѓе и од околните места. Може да се каже дека вчера во Битола биле само на улиците околу 10.000 граѓани. Попладнето, бидејќи пазарот се затвори, селаните почнаа да си заминуваат. Тие мирно ја тераа својата стока по патот за околните села. Тогаш нападнаа три странски бомбардери кои високо летаа. Народот ги виде како доаѓаат и мислеа дека тоа се наши авиони. Неднаш се слушнаа експлозии. Бомбите паѓаа една за друга и во Битола веднаш ја сватија озбилноста на ситуацијата. Народот почна да бега од улиците. Бомбите експлодираа на сите страни. Неколку бомби паднаа во близина на железничката станица, три во близина на Офицерскиот дом и неколку бомби на сред улицата „Крал Петар“, покрај еден фотографски дуќан. Неколку бомби паднаа и на цивилниот аеродром. За неколку минути завладеа хаос во Битола, а народот бараше засолниште по подрумите и дворовите. На неколку места по улиците лежеа мртви и ранети, луѓе погодени од авионските бомби од кои најголем дел паднаа на Главната улица околу центарот. Битолските пожарникари веднаш се дадоа на работа и додека опасноста од бомбардирање се уште траеше, автомобилите брзаа, собирајќи ги мртвите и ранетите. После ова бомбардирање авионите се кренаа високо и се изгубија во воздухот. По заминувањето на авионите народот излезе на улица и внимателно следеше... Од јужната страна на Битола се креваше столб од прашина и чад од експлозиите на бомби кои беа фрлени во близина на железничката станица... Народот со запрепастување ги гледаше големите дупки, срушени ќошиња од куќите, пробиени цели куќи... Никој ништо не говореше. Меѓутоа, нивниот страшен поглед и стегнатите вилици и тупаници говореа за гневот и индигнацијата. ...Народот на улица ги гледаше искинатите телефонски и телеграфски жици, испреплетени и завиткани една околу друга. Искршени прозори, ѕидови излупени. Бетонската ограда на Офицерскиот дом беше разрушена повеќе метри во должина. Ловечкиот дом речиси целосно е уништен. Народот мисли дека сето ова се случи поради близината на грчко албанската граница на која се води војна меѓу Грција и Италија веќе неколку дена со несмален интензитет. Се мислеше дека овие три бомбардери повеќе нема да се вратат и дека ќе заврши овој тажен ден кој ќе остане како тежок спомен кај секој Битолчанец... Меѓутоа, сирените почнаа повторно злокобно да завиваат и повторно се слушна зуењето на бомбардерите. Децата се разбегаа по улиците. Трите бомбардери се приближуваа до Битола. Народот почна да бега од улиците. Бомбардерите се спуштаа се` пониско и пониско. Битолчани почнаа да ослушнуваат каде ќе се слушне злокобниот писок и тресок. Во подрумот на „Гранд хотел“ каде што се наоѓав додека бомбардерите летаа над Битола, беше преполно, жени, деца, луѓе од улица и гости на хотелот. Одеднаш во воздухот се слушна страшен татнеж. Авионски бомби, три, една за друга паднаа во непосредна близина и хотелот кој е цврсто граден се затресе од темели. Веднаш по детонацијата некој ја отвори подрумската врата и јасно се слушаше тешкото стенкање на еден повреден. Младиот келнер блед во лицето, едвај проговори: „Бомбите ја погодија рабиновата куќа. Има мртви и ранети насекаде“. ...Уште еднаш се слушна ужасна детонација и светлото се изгасна. ...Овој напад кој започна нешто после два и пол часот попладне траеше само десет минути. Бидејќи престана опасноста од бомбардирање, излеговме на улица. Пред нас се појавија страшни слики: Четири мртви тела на работници кои работеа на градскиот водовод, двајца ранети кои бараа помош. Дојде пожарникарска кола и ги однесе во болница. По калдрмата пролеана крв и крвави остатоци на кошули и оддела... Куќата на битолскиот рабин г. Роман е погодена и срушена е целата западна страна. Бомбата го погоди горниот агол и ја оштети целата куќа. Од експлозијата на истата бомба настрада и зградата на др. Чопи, како и просторот на Францускиот клуб... Одиме во другата улица во строгиот центар на Битола, во Светосавската улица. Една стара куќа која се наоѓа покрај црквата „Св. Константин“ е тешко настрадана. Во првиот момент се мислеше дека настрада само зградата, но потоа се дозна за тешката несреќа. Во оваа куќа настрадаа четири лица. Сите тие останаа под рушевините на зградата. Бидејќи се мислеше дека опасноста помина се започна со нивно извлекување. Во меѓувреме сирените за тревожење започнаа повторно да завиваат. Се слушна повторно зуење на авионите и далечна детонација... Меѓутоа се работеше за погрешна претпоставка, бидејќи авионите зуеја негде во далечината... Во целата Светосавска улица каде нстрада цело четиричлено семејство владее големо возбудување. Овој дел најтешко настрада. И во останатите улици каде паднаа бомби владее несреќа и јад. Има голем број ранети. Досега се пронајдени 9 мртви и 21 повредени. Сега во бомбардираната Битола има многу работа. Населението заедно, христијани и муслимани се солидаризираа и сите се прибрани, храбри и мирни. Голем број згради се оштетени, а телефонските и телеграфските жици се искинати. Војската веднаш притекна во помош и прави поправки, помагајќи му на населението кое настрада. Второто бомбардирање беше потешко од првото и по бројот на жртвите многу поопасно. Битола е изненадена со ова бомбардирање... Бомбите без милост и брзо паѓаа на еден незаштитен град..., при што предизвика толку жртви и штета. Светот знае дека земјата не е во војна со ниту една држава па ова бомбардирање падна многу тешко. ... Болницата е преполна. Лекарите кои беа на должност работеа изложени на опасност од повторно бомбардирање. Битола со страв ја очекуваше првата ноќ по бомбардирањето. На многумина му се чинеше дека слушаат зуење на авионски мотори... Дојде и таа ноќ, моќ на неизвесност за Битола. Градот беше потполно во темница, а улиците празни. Гробна тишина. Небото ведро и полно со ѕведзи. Љуѓето влегоа со децата во подрумите, носејќи постели, очекувајќи во текот на ноќта ново бомбардирање. Многу со бовчи, ќебиња и јастуци заминаа за блиските села, стравувајќи дека оваа ноќ можат да настрадаат. Многубројни поворки одеа према блиските села. Децата од богословскиот интернат го напуштија Битола и заминаа во правец на селото Брусник, каде и преноќија, а децата од гимназискиот интернат ноќеваа во подрумот на црквата Св. Димитрија. Сето тоа беше изведено во најдобар ред. Денес Битола е привидно мирен... Комисијата за утврдување на штетите и бројот на загинатите и ранетите работи неуморно... Денот е убав и ведар, но тажен за Битола кој даде толку мртви и ранети за неутралност во оваа денешна војна... Се спремаат погреби на жртвите и се негуваат ранетите. Историскиот Битола се враќа кон својот нормален живот и работа“ – се вели во телефонскиот извештај на битолскиот дописник за белградска „Политика“. Вечерта по бомбардирањето на Битола, градот бил затемнет. Но веќе наредниот ден, вечерта Битола била осветлена, за да не се претпостави дека тоа е Лерин кој бил затемнет. Инаку, во текот на вториот ден во Битола имало претпладнето две узбуни, и тоа првата во 10:20, а другата во 11:10 часот. Двете узбуни траеле од по 25 минути. Меѓутоа опасноста не доаѓала од авиони кои доаѓаа кон Битола, туку се слушале силни детонации од Лерин кој во четири наврати бил бомбардиран. Потоа авионите кои користеле бомби од тежок калибар, по бомбардирањето на овој македонски град одлетале во правец на Албанија. Според известувачот на белгардскиот весник Љ. Станојевиќ, по извршената проценка на штетата причинета од ова бомбардирање Комисијата заклучила дека таа изнесува 3.937.000 тогашни динари. Комисијата при тоа установи дека биле бомбардирани 17 улици во центарот на градот, а најмногу настрадала куќата на др. Чопи. Во извештаите за овој настан се објавени и имињата на загинатите и повредените при бомбардирањето на Битола. Според нив ранети биле следните лица: 1)Мирко Богданов(иќ) – (18 год., роден во Свињиште, Преспанско), 2)Љубица Ристиќ (13 год., Битола), 3)Надежда Ристиќ (7 год., Битола), 4)Михајло Марков(иќ) (17 год., Битола), 5)Манојло Ѓорѓев(иќ) (28 год., Битола), 6)Ставро Јосипов(иќ) (46 год,. Битола), 7)Оскар Миљев(ац) (26 год., Битола), 8)Анастас Гогу (50 год., Битола), 9)Ѓорѓи Љутвиев(иќ) (13 год., Битола), 10)Петар Чаулев(иќ) (15 год., Битола), 11)Асан Адија (20 год., Битола), 12)Стеван Неделков(иќ) (27 год., Битола), 13)Садиф Ариф, 14)Стеван Неделков(иќ) (27 год., од Граешница, Битолско), 15)Мица Петровиќ (26 год., Панчево), 16)Ѓурѓа Трајков(иќ) (42 год., Бистрица, Преспанско), 17)Василије Гру(иќ) (78 год., Битола), 18)Коста Карлагани (66 год., Битола), 19)Димитрија Ангелков(иќ) (18 год., Битола), 20)Кирил Андреев(иќ) (22 год., Битола), 21)Божидар Вујанац (пеш. поручник од Битола), 22)Милан Станејчиќ, жандармериски наредник од Битола, 23)Вангел Ристиќ, поднаредник од Битола, 24)Јордан Домазетовиќ, каплар од Битола, 25)Сотир Соколовиќ, каплар од Битола, Новак Јовановиќ, редов, 26)Вангелица Павлов(иќ) (15 год. Битола). Во бомбардирањето на Битола загинаа следните лица: 1)Абедин Призренац, бозаџија од Призрен; 2)Максимилијан Варла, пешадиски капетан прва класа; 3)Ристе викан Ковач од Битола; 4)Ташко Трајков(иќ), кројач од Битола; 5)Илија Стојчев(иќ) од Вирово, Крушевско; 6)Ахмед Арслан од Острец, Битолско 7)Зарифа Хасан од Битола; 8)Милан Ѓуканов(иќ) од Битола; 9)Никола Николиќ – Крстиќ од Вирово, Крушевско На страницата на Сојузот на Борците од НОАВМ – Битола за настаните од 1931 до 1940 година за бомбардирањето на Битола стои следното: „Фашистичка Италија војуваше против Грција, но без успех. Таа извршила и една провокација спрема Југославија. Во два налета, беше пазарен ден, на 5 ноември, три италијански авиони извршија подмолно бомбардирање на Битола. Бившата југословенска војска, неспремна за одбрана, не го спречи бомбардирањето во нивната акција. Градот претрпе материјална штета. Беа изрушени или оштетени станбени згради, а 21 лице загинаа“. Овде е видливо, стои дека бројката на загинати е многу поголема од погоре прикажаната. Но таа листа на ранети и загинати, не ја исклучува можноста, во наредните денови да се изменила (пронајдени нови жртви или пак еден дел од ранетите да починале). Сепак овој извод од текстот за Бомбардирањето на Битола и страдањата на Битолчани претставува еден мал допринос кон историјата на овој херојски град и неговите жители. |