|
|
Страдањата на населението на Прилеп во 1941 година |
Македонска нација „Последната посета дури ме уплаши со претерано строгата оценка што не одговара на вистината, но е речена со гнев, дека бугарскиот режим не се разликува со ништо од српскиот, се протестира против дојденото чиновништво, се истакнува дека Бугарите од старите предели не ги сакаат Македонците, дека големиот дел од чиновништвото е корумпиран итн. Но, над се` стои тажниот спомен на тепачките“ – пишува инспекторот на Битолската област Коста Црнушанов во својот Доверлив извештај до Министерството на просвета на Бугарија од 18 февруари 1942 година. Коста Георгиев Црнушанов (Прилеп, 23. I. 1903 – Софија, 10. X. 1996) е општественик од Бугарија, деец на ВМРО, историчар и фолклорист. Завршил филозофија и историја во Белград. Еден е од основачите на Македонската Младинска Тајна Револуционерна Организација (ММТРО), студентска организација основана во 1922 година од ВМРО, која се залага за ослободување на српското и грчкото владеење и создавање Независна Македонија. По провалата во мај 1927 година, биле уапсени повеќе дејци на ММТРО. На т.н. Скопски студентски процес во декември истата година, на кој македонските студенти биле застапувани од Анте Павелиќ, деветмина од нив биле осудени на казна затвор, а единаесетмина биле ослободени. Судењето предизвикало голем интерес и за него пишувале сите поголеми европски весници. Во 1928 година Црнушанов се наоѓа во странство со цел да ја информира европската јавност за Скопскиот студентски процес. Пред крајот на третата деценија на XX век се преселува во Софија, каде го редактира органот на ВМРО „Слобода или смрт“. Во текот на Втората Светска Војна се враќа во Македонија за време на окупацијата. Во периодот од 1941 до 1944 година работи како училишен инспектор и го редактира битолскиот весник „Пелистерско ехо“. На 18 февруари 1942 година, како инспектор на Битолската обласна училишна инспекција, Ценушанов испраќа Доверлив извештај до Министерството на народна просвета на Бугарија (Бр. 592,12. II 1942 г.), во кој се осврнува на репресалиите на бугарскиот окупатор во Прилеп по вооружената акција од 11 октомври 1941 година, извршена од Прилепскиот партизански одред. Во извештајот потпишан на 1 февруари 1942 г. во Битола, за насилијата извршени врз населението од Прилеп, Црнушанов меѓу другото ќе наведе: „Податоците што ги изнесувам во повеќе случаи се проверени лично од мене особено што се однесува до охридската, бродската и дел од прилепската учебна околија коишто ги обиколив кон крајот на месец ноември и првата половина на месец декември 1941... На прво место е диверзијата на прилепските (партизани н.з.) против органи на власта и масовните репресалии кои уследија над прилепското граѓанство. Познато е дека во Прилеп се имаше создадено одамна енергична група која во духот на општата заповед направи неколку обиди за саботирање на тунели, полициски участоци,... излегување во планина со оружје в рака и др. Таа енергична група уште во српско време се пројави во учеството на националните пројави на месното население, од кои најголемо беше празнувањето на Илинден во летото (1940 година), кога огромно мнозинство од народот се собра и викаше за слободата на Македонија и против Србите. Беа извршени затворања... И еве во октомври оваа година, таа група изврши напад против полицискиот участок, уби случајно еден полициски стражар, фрли бомби, предизвика престрелка, гонење, а потоа започна блокада на градот извршена од воените и полициските власти и започнаа безогледни малтретирања - тепања. Нападот беше вечерно време и малтретирањата - тепањата станаа исто тогаш, продолжувајќи и другиот ден. Не ми е работа да истражувам кои се одделните виновници за малтретирањата - тепањата нити да ги барам одговорните. Редовните власти известувале за сето тоа одделно... Јас сакам да истакнам само неколку факти кои ја објаснуваат сегашната психичка состојба на граѓанството - независно од причините. Зошто на лице е еден огромен број тепани граѓани... и тоа потцртувам - и невини. ...Тој народ сега е попарен: тепан е, огорчен е, разочаран е. Последната посета дури ме уплаши со претерано строгата оценка што не одговара на вистината, но е речена со гнев, дека бугарскиот режим не се разликува со ништо од српскиот, се протестира против дојденото чиновништво, се истакнува дека Бугарите од старите предели не ги сакаат Македонците; дека големиот дел од чиновништвото е корумпиран итн. Но, над се` стои тажниот спомен на тепачките. Што претставуваат тие? Според извори во кои јас не можам да се сомневам ниту за момент, во состојба сум да дадам точни податоци. Очевидците и постраданите ми рекоа со плачење: ако некој гледал како глутница волци ги напаѓа стадата, може да си претстави точно како изгледаше затворањето и тепањето на прилепските граѓани. Фаќан беше секој и каде и да бил најден: дома, во кино, на улица, во кафеана и друго, дотеруван беше во участокот, а оттаму во затворот. По патот, дури беа дотерани до участокот, тие беа тепани до истоштеност и пцуени со мајката македонска мрсна (гнасна - б.р.)! Кој бил тепачот? Се` само полицајци, војници и некои од началството, вклучително и бившиот полициски началник на Областа. Тепани беа со кундаци, со стапови, со цевките на пушките, со летви и нозе. Удираа слепечкум: по главата, по грб, насекаде каде ќе стигнат. Потоа речиси сите беа ослободени како невини. Од околу 300 души во почетокот затворени и тепани беа задржани само 70 лица, а на следниот ден од нив останале задржани само неколцина, а сите други беа ослободени откако јаделе ќотек. Некои од нив поради тешкиот ќотек беа дотерани по куќите со кола поради тоа што не можеле да одат... ...Тепаните се на различни возрасти, од младинци до 70-годишни луѓе, како што е случајот со Митре Лазаров, којшто бил однесен на раце во својата куќа поради тешки телесни повреди. Никогаш тој човек не бил комунист. Најинтересно е дека покрај малтретирања -тепања, вршеле и ограбувања на лицата: им ги земале парите и други вредности како пенкала, часовници и друго. Тоа го правеле и полицајците и војниците. Колку за илустрација еве неколку имиња на пострадани па тој начин: Митар Костов од с. Витолиште-Мариовско, на кого му е земен часовник во вредност од 2.400 лева; Ѓорѓи Бојаџиев, на кого му се ограбени 605 лева; Васил Азманов, на кого му се земени 800 лева; на Борис Чалев по тепањето му е земено пенкалото во вредност од 1400 лева; на споменатиот Трајан Милошев му е одземено портмонето и пенкалото, малтретирањата - тепањата се вршеле без распит и без директен повод, земаат човек, го тепаат и го пуштаат. Меѓу тепаните има и многу Турци, коишто немале ни абер за комунизам... Има осакатени луѓе, болни, исто така ограбени од војниците. Тепачките се вршени со тапата страна на сабјата на фелтфебелите, со пушките, и со се` што ќе им паднело во рацете. Кинети им се фесовите, пцуена им е мајката турска, се кутнувани и тепани наземја. Прилеп ќе памти со десетици години до кога има живи сведоци неколку тепања: во турско време, акцијата на разоружувањето по Уриетот кога највидните граѓани и патриоти беа претепани; во српско време во 1913 година, кога српските комитаџии ги смачкаа од претепување мнозина Бугари пред очите на целиот град; сега пак од нашите... За таквите тепања, малтретирања нанесени од Србите на селаните од село Љубанци и Црешево - Скопско, ние своевремено во 1926 г. го оглувнавме светот со протести против Србите. Одвај сега ќе може со години да се залечи лошиот спомен. При подготовка за народен универзитет, за разни културни акции, за свечености и друго јас се натакнав на многу зла волја, мнозина ми го свртија грбот и ми изјавија рамнодушно: не се интересираат веќе за ништо и нема ни да помислат да се занимаваат некои прилепски граѓани со работи со кои ќе се цели да се стави пепел на раната“. (ЦДИА-ф. 177 оп. 2. 1866, пг. 61-70) Во 1944 година, Коста Црнушанов повторно заминува за Бугарија, каде останува до крајот на животот. Во мај 1990 година активно се вклучува во работата на обновениот Македонски научен институт и активно соработува со списанието „Македонски преглед“. Автор е на повеќе стории, историски романи, мемоари. Иако се декларира за Бугарин од Македонија, од овој извештај од 1942 година, гледаме дека не само што не е имун на страдањата на своите сограѓани, тој многу добро знае кој е и што е, но и дека прави разлика меѓу македонскиот и бугарскиот народ. Починал во Софија на 10 октомври 1996 година. Во 1998 година, постхумно е одликуван од Република Хрватска со „Орден на Даница Хрватска со ликот на Марко Марулич“. |