Среда, 01 Април 2015   
Правила на Македонскиот Востанички Комитет – 1878 (2 дел)

The Stamp Of The Kresna Macedonian Uprising 1878-180Воени правила на македонската војска

11. Секој доброволец востаник и арамија од секаква христијанска и друга народност се прима, но тој е должен најнапред да положи клетва на верност и покорност на Главната востаничка управа, па потоа ќе се запишува во бројот на востаниците.

12. Секој од трите споменати вида востаници којшто не се потчини под оваа управа, туку самиот за себе ќе дејствува во името на востаничката упрва, ќе се гони во името на востаничката управа и ќе се убива.

13. Секој aрамија којшто излегува само да граби и убива за своја лична корист ќе се гони и казнува со соодветна казна.

14. Секој предавник и шпион, како и да е и од каде и да е, ќе се гони и откако ќе биде фатен, по завршената истрага со мачење ќе се убива.

15. Секој христијанин и мухамеданец Македонец, Турчин, Арнаут, Влав и друг којшто ќе се покаже како противник на востанието и на востаниците ќе се гони и откако ќе биде фатен, ќе се казни соодветно.

16. Секој Турчин којшто доброволно ќе го предаде оружјето ќе се пушта дома и никој не смее да му направи зло.

17. Секој Турчин што ќе се спротивстави - ќе се убива.

18. Ако некој Турчин посака доброволно да си оди, не смее да биде ограбен од востаниците.

19. На оние Турци што ќе се спротивстават, востаниците имаат право да им ги запалат куќите, да ги ограбат и да ги убиваат.

20. Арамија или востаник или доброволец којшто забира турски или христијански жив добиток и го продава на ослободената територија, Главната управа на востанието таквиот ќе го гони и ќе го предаде за соодветно казнување без поговор.

21. Востаник, доброволец и арамија којшто ќе положи клетва и е запишан во бројот на востаниците, ако не извршува наредби на Главната управа, ако нешто прави без нејзино знаење и без нејзина заповед, таков ќе се брише од бројот на востаниците и за газење на клетвата ќе се гони со соодветни казни.

22. Сите селани коишто можат да носат оружје ќе учествуваат по потреба како војници во македонската војска за време на битките, а кога се мирува, ќе ја работат на нивјето својата селска работа.

23. Селанецот којшто ќе откаже да учествува во битка на повик од Востаничкито комитет - ќе се казнува со смрт.

24. Во секое село се создава селска комисија од три члена којашто ќе има задача сите способни селани за оружје да ги знае каде се движат и секогаш да ги повикува во македонската војска со оружје, ако за тоа стане потреба. Да нема поткупи и да се ослободуваат луѓето преку поткупување на комисијата. Кој ќе се фати да прима поткуп, ќе биде стрелан заедно со тој што дава поткуп.

25. Во времето кога престојува дел од македонската војска во едно село, селаните се должни да ја хранат на своја сметка, бидејќи војската е народна.

26. Селаните се должни да ги прифатат востаниците во свои куќи (на конак), откако ќе му се остави на семејството доволно соби за челадта.

27. Ќе се води сметка за правилно распоредување на војската, така што во една куќа двапати да не се сместува, а во друга куќа ниту еднаш; ако станува збор за чорбаџиско семејство, може и повеќе пати.

28. Селаните ќе се грижат за војската додека Македонскиот востанички комитет не биде во состојба да организира магацин за храна и не направи кршли (касарни, - б.р), каде што војската ќе живее.

29. Таму каде што војската ќе се собере и престојува подолго време, воено ќе се обучува и подлежи на воена дисциплина.

30. Најстрого им се забранува на војниците без причина и од без да пукаат со пушки, да убиваат кокошки, да бараат од селаните пари, со еден збор да прават секакви лоши работи.

31. Во селата да се изберат старешини, по тројца од секое село од селаните и со одобрение на селото.

32. Според овој устав старешините за повеќе села да изберат капетан кој ќе биде судија и да му дадат писмо како устав по кој ќе се управува во таа страна.

33. Според тој устав придружен од капетанот по сите села да се направи попис на сите способни да ракуваат со оружје и кој со какво оружје располага.

34. Ако некој способен за оружје поради сиромаштија не може да си го купи, да му се даде од резервата.

35. Во секоја капетанија да има по сто души како регуларни војници, постојано да се подготвени, бидејќи ова искуство се покажа добро.

36. По повисоките места секаде да има стражи, кои ќе ги чуваат селата во две смени, на по 10 дена. Да се внимава на чорбаџиите да учествуват во стражите, бидејќи се покажа дека тие ја избегнуваат татковинската должност и, уште полошо, го деморализираат населението.

37. За во востаничко место да не дејствува шпионство, стражите да не пуштаат од турски (неослободени-б.р.) територии луѓе, а ако преминат, да се фатат, задржат и да се испраќаат до Востаничкиот штаб.

38. Никој без дозвола да не преминува во востаничките места. Кој ќе се фати без дозвола или се дознае дека е шпион, ќе се казнува со смрт.

39. Гркоманите од другата страна (неослободената територија -б.р.) да не се пуштаат во востаничките места, зашто имаме податоци дека тие имаат тајна спогодба со Турците да го бунат населението.

40. Женските друштва во востаничките места се задолжуваат да се грижат за облеката на востаничката војска, за крпење, за плетење чорапи, за шиење кошули и гаќи од платното коешто Востаничкиот штаб ќе им го дава.

41. Се наредува крајните куќи по селата да се испразнат и во нив да се приберат сите доброволци што се дојдени од подалечните краишта, додека се распоредат по воените единици.

42. Во поголемите села ќе се ангажираат по неколку куќи да служат за кршли на востаничките чети додека Востаничкиот штаб откупи 100 до 200 шатори за војската.

43. Приватните фурни по селата се должни да месат леб за војската што се наоѓа во селото. Секој востаник ќе има по еден килограм леб дневно.

44. Брашно за лебот ќе се дава од магацините врз расписка и ќе се дели по куќите за месење и печење леб. Којшто скрие востаничко брашно, ќе се казнува со конфискација на неговото целокупно жито.

44. (Бројот 44 е повторен, го оставаме како што е во оригиналот - б.р.) На секој востаник му следува храна: по еден килограм леб, други порциони потреби - грав или друго, по 10 драма ракија и едно кесе тутун.

45. Секој востаник добива едно рало опинци и чорапи и кошула и гаќи штом ќе стапи во македонската доброволечка војска, ако е дојден од подалеку. Месните селани ќе се облекуваа и хранат по своите куќи.

46. Во поглавните места ќе се организираат амбуланти (лазарети) ако некој се разболи. Ранетите и тешко болните ќе се испраќаат во востаничката болница. Потешко ранетите и потешко болните ќе се префрлаат преку граница, во Ќустендил или во Србија.

47. Бидејќи многу руски војници без дозвола на своите старешини преминуваат на востаничката територија и вршат грабеж од населението, востаничката војска ќе ги разоружува и ќе ги испраќа до Востаничкиот штаб, а потоа ќе се испраќаат до нивните воени единици за натамошна надлежност.

48. Кога нашата македонска востаничка војска во бој ќе ослободи некое село или град, не смее да врши ограбување на населението, макар тоа било и турско. Секој востаник ќе си носи храна во торбата и додека не пристигне комората, ако нема што да јаде, ќе трпи.

49. Кој ќе влезе во турска куќа да бара храна или што и да е друго, ќе се смета за грабеж и ќе се казнува со смрт.

50. Кој на каков и да било начин ја срамоти македонската војска и македонското востание, ќе се казнува од Востаничкиот штаб.

51. Ако пак посегне врз честа на жените и момите, ќе се казни со смрт, па дури и да не станува збор за бесчестење.

52. Се дозволува купување на храна, облека и друго, ако востаникот има свои пари, а купувањето не е со сила.

53. Коњите и другиот добиток со кој располага востаничката војска секогаш да бидат нахранети, макар и со сила, ако некој доброволно не сака да даде храна, бидејќи се работи за добиток.

54. Не и` е дозволено на мекедонската доброволечка војска да им пречи на селаните во нивната секојдневна работа дома или во полето.

55. Акој некој од селаните има оружје, а не сака да учествува во боевите, да му се одземе оружјето и да му се даде на тој што нема, без да му се плати.

56. На оној што од капетанот е определен да држи оружје дома, да не му се одзема.

57. Никој лично не смее да им продава оружје на востаниците. Треба да се јави во Востаничкиот штаб, да ја каже причината поради која го продава, па ако е оправдано, ќе му се откупи.

58. Сите селани што на македонската доброволечка војска ќе и` дадат храна и друго, да бараат расписка и да ја чуваат, бидејќи по ослободувањето ќе им се плати.

59. Ако пак некој доброволно, како помош, даде нешто за војската, да не му се дава расписка, туку штом тоа го дал, да се запише во книгата за подароци, за да знаеме - кога ќе дојде времето - кој е родољуб. За подарокот секогаш да му се благодари.

60. Никој од востаниците да не ја напушти војската без дозвола на Востаничкиот штаб. Самоволното напуштање на војската ќе се казни со одземање на чинот и исклучуивање од војската.

61. Ако некој востаник ја напушти војската во време на бојот, ќе се казни со смрт. Ако војник ја напушти војската во бојот, ќе биде суден од Штабот како дезертер.

62. Кој во време на бојот ќе го фрли своето оружје, ќе се смета за предавник и како таков ќе се казнува.

63. Ако за време на бојот или на друг начин се предаде непријателски војник, под стража ќе се испраќа во Штабот. Кој убие војник што се предаде, ќе се казни со смрт.

64. Никој од името на Македонската доброволечка војска не смее без знаење да собира пари и друго за востанието. Помоштите ќе се собираат од комисии по селата преку давање квитанција.

65. Помоштите и парите што се собираат од комитетите надвор од востаничките места ќе се испраќаат до Штабот.

66. Секој комитет од Македонскиот востанички штаб ќе има препорачано општествено писмо за собирање на помошти во пари и друго и ќе се дава квинтации.

67. Комитетите можат со собраните подароци и со пари да купат оружје и да го испратат до Штабот.

68. Ако некој сака да подари оружје и муниција во погоелми количества за македонското востание, да му се благодари од името на Македонскиот востанички комитет, меѓутоа да не се зема никаква обврска од името на Македонското востание.

69. Во македонското востание да не се испраќаат странски доброволци без дозвола на Штабот на востанието, зашто ние во востанието имаме потреба од луѓе и борци, но немаме оружје.

70. Доброволците што се испраќаат однадвор без препорака на Македонскиот востанички штаб, нив да не ги примаат востаниците на четите. Да се испита кој ги испраќа да не би да се шпиони и да се враќаат назад.

71. До колку се установи дека станува збор за шпион, или пропагандист или разбојник дојден од Турско, Грчко, Бугарско, Српско, Русин, Бошњак или било од каде и да е, ќе се преиспита кој го испраќа, за која цел и за сето што правел по востаничките места и ќе се казнува според тежината на сторените дела или ќе се врати назад.

72. Ако некој доброволец, веќе примен во стројот на македонската доброволечка војска, подоцна се разбере дека е шпион на некоја земја или работи против целите и интересите на Македонското востание, ќе се казнува според законите на македонската востаничка војска како внатрешен.

73. Ако пак дезертира за да ја избегне казната, да се гони и откако ќе биде фатен, да му биде предаден на Востаничкиот штаб. Ако се спротивставува, да се убие на самото место.

74. Никој македонски војник, востаник или арамија да не воспоставува какви и да е врски со лично нему непознат доброволец или друг, да не издава воени тајни од својата воена единица, ниту за местоположбата на неговата дружина, бидејќи има многу шпиони кои се испратени од непријателите и од оние што имаат лоши намери спрема Македонското востание.

75. Турските воени единици испраќаат луѓе од неослободеното македонско население на гости или по некаква друга работа по востаничките места, а со цел да ја шпионираат нашата воена сила, вооружувањето и распоредот. Такви луѓе да се спроведуваат најнапред пред сотникот на воената единица, па ако тој се усмони, да ги испраќа до Македонскиот востанички штаб или да ги враќа назад.

76. Ако се докаже дека некој е шпион на Турците, најстрого ќе се казнува - со смрт.

77. Од востаничките места никој не смее да ја преминува границата без дозвола на воената единица во селото или на капетанијата.

78. Селаните што имаат имоти надвор од востаничката територија да се пуштаат со дозвола, но на нивни ризик. Да се внимава на тоа некој да не го злоупотреби тоа за цели против востанието.

79. Татковински долг е секој Македонец што и да разбере за непријателот, а е во полза на востанието, да им го соопшти тоа веднаш на сотниците на македонската војска.

80. Секој што ќе се сретне со познат од неослободените краишта, а го знае како чесен и поштен, да го распраша за се` што е корисно за македонската војска: воената сила на непријателот, вооружувањето, расположението, злосторствата и слично и веднаш да го пренесе чуеното до најблиската воена единица.

81. Кој ќе разбере важни вести во интерес на македонската востаничка војска, па ќе ги задржи за себе или скрие, а тоа подоцна ќе се установи, ќе се казнува како предавник на Македонското востание.

82. Македонската востаничка војска освен од редовни востанички сили се состои од целото македонско население во ослободените и неослободените краишта, па секој на некаков начин е македонски војник; машко или женско, стар или млад, должен е колку што може и со што може да го помага востанието.

83. Во секое село или град, особено во местата на фронтовската линија, ќе дејствуваат тајно востанички комитети.

84. Секој востанички комитет располага со своја вооружена чета, која ќе дејствува во случај на потреба во заднината на непријателот, а во согласност со македонската востаничка војска.

85. Секој востанички комитет е должен навреме да го обезбеди селото со резервна храна, која ќе ја стави на располагање на македонската војска при ослободување на селото.

86. Востаничките комитети ќе приготват списоци на сите селани што ќе стапат во редовите на македонската востаничка војска.

87. Да се грижат за вооружувањето на селото купувајќи оружје по тајни канали надвор од ослободената територија.

88. Кога ќе започнат боевите за ослободување на нивното село, сето за борба неспособно население да го ипсратат во планина за да не пострада од непријателот.

89. За таа цел навреме да се обезбеди резерва храна и да се скрие на сигурно место в планина.

90. Големо внимание да се обрне на работниот добиток и овците при одењето во планина.

91. Прехраната на населението во збеговите ќе биде распределена на еднакви делови за секој жител.

92. Комитетите ќе имаат во редовите на непријателот своја шпионска служба која што ќе дејствува тајно, со сите средства за да ги дознае намерите на турските војски и навреме да ги доставаува до своите старешини.

93. Ако од Турците биде откриен и фатен наш шпион, да се преземат мерки откривањата што тој ќе ги стори под сила, да не се прошират и на други наши луѓе. Врските на фатениот да запрат така, што човекот со кого држел врска веднаш заедно со своето семејство да се префрли на ослободената територија.

94. Комитетите меѓу себе ќе одржуваат врска преку курири подалечните со поблиските, а најблиските со Македонскиот востанички штаб.

95. Комитетите што располагаат со повеќе оружје ќе му го даваат, бесплатно или со надомест, на комитетот што нема доволно оружје.

96. Комитетите ќе имаат во своја надлежност трнспортна служба (кираџии) за пренесување на оружје и друга стока од едно место до друго. Пренесувањето на оружје и стока ќе се смета како воена служба.

97. Сите жители Македонци се решени да се бијат со непријателот огорчено и докрај. За да биде нашиот отпор успешен и градските комитети треба да преземат соодветни мерки за тоа секој комитет да испрати по селата 12 луѓе, за да се испита колку воини ќе излезат и колку храна можат да дадат селаните, како и кое количество на храна би се собрала.

98. Градските комитети во случај на потреба во борбата да ги напуштат градовите и да заминат кон фронтовската линија, откако ќе остават луѓе во градовите и да заминат кон фронтовската линија, откако ќе остават луѓе и во градовите за собирање на помошти од градското население.

99. Кога ќе биде ослободено некое место од страна на македонската востаничка војска, веднаш да се свика едно собрание од првенците на селото и тие меѓу себе да изберат две лица што ќе бидат секогаш при главните војводи.

100. Половина од селаните под оружје да чуваат стржа, а другите да одат по своја работа и под таков услов да се менуваат стражарите со работниците во определено време.

101. За време на битката сите да трчаат против нашиот непријател.

102. Никој на своја рака не смее да преговара со непријателот за предавање на македонската војска и ослободените востанички места освен Македонскиот востанички штаб. Кој донесе решение за предавање, војската нема да ја послуша неговата наредба, и слободна е да го суди и осуди на смрт, извршувајќи ја казната јавно пред селото.

103. Ако се наложи отстапување на некое ослободено место, војводата е должен да преземе заштитни мерки за населението, добитокот и храната, за да најде непријателот пусто село.

104. Ако отстапуавњето стане во битка во која има ранети востаници, по цена на сопствениот живот востаниците ќе ги носта со себе ранетите другари.

105. Кој на бојното поле ќе остави ранет другар и отстапи за да го спаси својот живот, ќе се казнува со смрт.

106. Со иста казна ќе се казнува и востаник што ќе го фрли оружјето за да скрие дека е востаник.

107. Ако потребата наложи да се спаси живата сила на востанието, војводата може да издаде заповед оружјето да се скрие, а востаниците да се разотидат по куќите додека мине силата. Потоа ќе одат да си го земат оружјето и ќе се јавата на местото каде што определил војводата или сотникот.

108. Македонската доброволечка војска, како што е познато, се состои и од коњица. При секоја чета покрај пешадија ќе има најмалку осум коњаници, кои од оружје ќе носат сабја и куса манлихера. Коњаниците стапуваат во војска со сопствени коњи, за кои самите се грижат. Никој нема право на коњаникот да му го одземе коњот, па дури ни сотникот.

109. Коњицата учествува во битка заедно со пешадијата и добива задачи од војводата.

110. Коњицата врши и други задачи во војската: кираџиска служба, пренесување на ранетите, пренесување на храна и др.

111. За да се зачува дисциплината во македонската доброволечка војска и да се казнуваат недисциплираните војници, при секоја чета ќе се определи една соба за затвор на провинетите и осудените, која ќе се чува од стражар.

112. В затвор може да се држи затвореникот најмногу седум дена. Ако делото заслужува поголема казна, се испраќа во затворот на Македонскиот востанички штаб, кадешто ќе му биде судено.

113. Казни за виновниците-војници, според тежината на нивните дела се: 1. Еден ден затвор, 2. Два дена затвор, 3. Седум дена затвор, 4. Разоружување и истерување од македонската војска, 5. Парична казна за направените штети, 6. Смртна казна со стрелање.

114. Смртната казна ја изречува целиот состав на Македонскиот востанички штаб - едногласно.

115. Обвинетиот престапник има право на лична одбрана или на свој близок кој ќе го застапува пред судот.

116. Никој без докази не може да биде осуден. Доказите се: лично признание на обвинетиот или најмалку двајца сведоци.

117. Ако некој се самообвинува, а се докаже дека делото не го извршил, ќе се истражува причината за самопризнанието. Ако се докаже дека тоа е изнудено, тој што го изнудил признанието да биде суден. Ако пак самопризнанието е направено за да се скрие друг, вистинскиот престапник, и двајцата ќе добијат еднакви казни.

118. Ако некој сведок криво се заколне за да му наштети на обинетиот, па тоа се докаже, сведокот ќе се казни со истата казна со која е казнет или би се казнил невиниот.

119. Сите осудени на смрт имаат право на жалба по пресудата до Македонскиот востанички штаб во широк состав, при учество на сите војводи и сотници. Ако ситуацијата е таква што да не може да се чека собирање на широк состав на судот, ќе се побара од членовите да се произнесат по жалбата. Ако и тоа е невозможно, пресудата ќе се изврши, но само под услов ако нејзиното неизвршување претставува опасност за востанието.

120. Ако некој од сотниците се осмели да суди сам и осуди на смрт некој од своите војници, па ја изврши казната, ќе биде и самиот осуден на смрт без право на жалба.

121. Не само сотник туку и секој востаник може да убие дезертер во време на бегство во битката. Меѓутоа, ако (дезертерот - б.р.) биде подоцна фатен, да се приведе во Востаничкиот штаб на надлежност.

122. Донесувањето на смртните пресуди од страна на Македонскиот востанички штаб заедно со целиот документационен материјал да се внесе во одделна судска книга, за да се види постапката при судењето и дека пресудата е праведна.

123. Осудениот на смрт и егзекутираните лично ја носат вината и пресудата нема никакви последици за неговото семејство или неговите блиски роднини, до колку и тие по некаков начин не се соучесните во неговите престапи.

124. Ако од престапите на осудениот на смрт се користеле и неговите блиски без да зеле учество во самиот престап, имотот ќе им биде конфискуван во корист на македонската војска.

125. Откако се убедивме дека не е можно да се крене Востанието во сите делови на Македонија, ние решивме да се дигне локално востание во источната област и ослободивме многу села и населени места со внатрешни сили. Меѓутоа пред нас стои голема задача да ја ослободиме целата наша татковина Македонија. Ние сега водиме герилска војна со Турците, но имаме намера да испратиме востанички чети внатре во Македонија, за да се крене востание и таму. Нашата прва чета ќе замине во Битолско за да крене таму востание. Четата од 300 души востаници ќе ја водат војводите Караискаки, Стефо, Павле и Кара Коста. Додека таа чета ја исполнува својата задача, ќе дејствува самостојно, и преку курирска служба ќе го исвестува Македонскиот востанички штаб и ќе бара совети.

126. Им се препорачува на војводите од првата чета, откако ќе пристигнат во Мариовските планини, да примат во своите редови доброволци од месното население, кои ќе бидаат основа за создавање на востаничка војска во тој крај.

127. Откако ќе се јават доброволци во поголем број, четите да се делат на повеќе, но секогаш да имаат искусен војвода и извесен број опитни четници.

128. Правилата на Македонскиот востанички комитет ќе бидат во сила во сите области на Македонија и според нив ќе се води востанието.

129. Во секој востанички реон каде што ќе се крене востание да се создаваат обласни македонски востанички комитети, кои ќе ги раководат востаничките сили и ќе одржуваат врска со Македонскиот востанички комитет преку курирска служба.

130. Бидејќи и во другите краишта на нашата татковина се појавени востанички чети под раководство на месни војводи, како во Костурско, Малешевскио, во Прилепската и Велешката каза, во Џумајскиот округ, во Скопско и други места, Македонскиот востанички комитет како централен за цела Македонија препорачува да се обратат до него сите војводи и да донесат решенија во полза на востанието.

131. Кај нас секој ден доаѓаат посебни пратеници за да бараат оружје и муниција, со кои не располагаме, бидејќи доброволните подароци во последно време малку пристигнуваат од бугарските комитети. Им препорачуваме на пратениците самите да се снабдуваат со оружје од албанските страни.

132. Нашето македонско востание е внатрешно и ние го водиме со свои сили, па блиските окрузи во Бугарското кнежевство немаат братски пристап и ги враќаат нашите пратеници без да им дадат оружје, така што и ние немаме доволно па да можеме да им помогнеме на нашите браќа Македонци внатре во Македонија. Затоа сме принудени да советуваме да се внимава со оружјето и куршумите.

133. Сите што имаат во туѓина блиски да побараат од нив помош во оружје и во пари, доколку ја сакаат татковината.

134. Македонците што живеат во туѓина и сакаат да го помогнат ослободувањето на својата мила татковина од ропството, можат да земат учество во востанието, ако понесат со себе оружје и облека.

135. Македонците во туѓина кои сакаат да го помогнат ослободувањето на Македонија со доброволни прилози во пари и оружје, да не испраќаат единично, туку групно. Помоштите да се испраќаат директно до Македонскиот востанички комитет по курири што ние ќе ги определиме, а не како до сега преку комитетите во Кнежевство Бугарија.

136. Голем број Македонци во Србија искажаа желба да се приклучат кон македонското востание, удирјаќи на турските сили од северните граници, но немаат оружје. Ако си најдат оружје и се стават под нашиот востанички устав, ги примаме од се` срце.

137. Од сите словенски земји се јавуваат голем број доброволци кои сакаат да земат учество во нашето востание. Македонскиот востанички комитет ги прима и нив ако си понесат оружје и се потчинат на востаничкиот устав. Меѓутоа, меѓу нив има и многубројни авантуристи од кои востанието нема полза, па да не се примаат по никаква цена.

138. Македонскиот востанички комитет под свое раководство ги има и сите градски комитети за ослободувањето на Македонија и ги кани веднаш да испратат пратеници за да им се дадат упатства за натамошна работа во врска со учеството на градовите во востанието.

139. На едно општо собрание при учество на сите пратеници на комитетите за цела Македонија ќе биде потврден востаничкиот и граѓанскиот устав по кој ќе се управуваме до ослободувањето, а до тоа време овој устав (правила) ќе бидат во сила.

продолжува

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.