|
|
Енхелеите не се Илири |
Според грчкиот историчар Полибие (околу 203 – 118 г. п.н.е.) Енгеланите (Енхелеите) се древно племе од Горна Македонија кое го населувало Охридско-струшкиот регион. Во римско време, според старогрчкиот географ и историчар Страбон (63 г.п.н.е. - 24 г.н.е), преовладало името Дасарети наместо претходното име на племето Енгелани. Континуитетот во културата е потврден од наодите во некрополата на селото Требеништа од крајот на VII до IV/III век п.н.е. Иако подоцнежните извори не прават разлика меѓу Енхелеите и Илирите, најстарите извори потврдуваат дека Енхелеите не се Илири. Во својот труд „Ономастика и етничка структура на Западниот дел на Македонија во античкиот период“ објавен од страна на Центарот за балканолошки истражувања во Сараево во 1991 година (Годишник на Академија на Науката и Уметноста на Босна и Херцеговина), проф. Наде Проева една од водечките македонски историчари која се занимава со антиката, во својот осврт за Енхелеите вели: „Што се однесува до Енхелејците, „македонските“ Енхелејци, за разлика од „беотските“, се спомнуваат околу Охридското езеро и во најстарите извори не се Илири. Подоцнежните извори не прават разлика меѓу Енхелејците и Илирите. Така Аполодоровата вест за помош на Кадмо на Енхелеите кај Стефан Византиски (6 век) се претворила во помош на Илирите, а Херодотовата вест за доаѓање на Кадмејците кај Енхелеите (одраз на древните преселби на народите) кај Паусаниј (2 век) на едно место е одење на Кадмо кај Илирите, а на друго место кај Илирите кои се викале Енхелејци, што незначи ништо друго, туку дека Енхелеите со текот на време се опфатени со поимот Илири и дека не може да се стави знак на равенство меѓу Енхелеите и Илирите“. Постојат повеќе причините поради кои Енхелеите во подоцнежните антички извори се прикажуваат како Илири. Римјаните и Грците за да ја олеснат и оправдаат својата окупација и колонизација, како на јадранскиот брег, така и на териториите во внатрешноста на Балканот, се користат со старата тактика раздели па владеј (devide et impera), а нивните историчари се користат со митологијата и преименување на постоечките племиња, непознавајќи ги притоа доволно состојбите на Балканот. Во тој контекст проф. Наде Проева ќе напише: „Апијан (околу 95 - 165) пак дава еден родослов, кој како што сам вели, му се допаѓа најмногу од сите. Во него Енхелеј е син на Илириос (Illyrios), што укажува на престиж на Илирското име и слабеење на Енхелеите. Овој фантастичен родослов има за цел да ја оправда римската окупација со помош на вклучување на варварските народи во грчко римската митологија (Илир е син на Полифем и номфата Галатија, брат на Галат и Келт). Енхелеите за првпат се дадени како Илири кај Псеудо Скилакс во времето на ширење на интересот на Грците и Римјаните за јадранскиот брег што е сосема во склад со добро познатата пракса во антиката да соседните племиња кои се на исто ниво на оптествено-економски развој да се именуваат според првото име со кое дошле во контакт [така Хелените за Римјаните се Граикои (Graikoi), односно Граеци (Graeci) по име на едно мало племе на северот на Епир]. Тоа го потврдуваат и самите извори кои ги издвојуваат Илирите во потесна смисла... Издвојувањето, односно разликувањето на Енхелените од Илирите се заснова на фактот дека врските меѓу Хелените и Ехелеите се многу постари отколку со Илирите, што се одразило во изворите пред времето на Пс. Скилакс... Вестите за Енхелеите во наративните извори, пред се` митските вести за Кадмо и Хармонија од пред класичната фаза не можат да се врзат само за едно племе и крај, туку покажуваат дека се работи за најстари трговски врски меѓу племињата на просторот од Егејско до Јадранско Море. Итинерарот на Кадмо и Хармонија, условно наречен Кадмејски пат, се поклопува со Егнатијската траса. Ова митско осмислување на трговските врски подоцна е искористено како оправдување на грчката колонизација на Јадранот, против која постоеше отпор на локалното население. Така на пример, првиот епиграфски помен на Илирите е во врска со нивната борба со колонистите на Фарос (Pharos - Хвар)... Втора причина за ширење на легендата била по се` изгледа поради сличноста на култот кон јагулите кај „беотските“ Енхелејци и култот кон змиите кај „охридските“ Енхелејци, кој е посведочен кај сите племиња на западен Балкан, а не само кај Илирите и не може да биде доказ за илирско потекло на Енхелеите“. Династичките борби за македонскиот престол била една од причините за слабеење на власта во македонската држава, така да доведува до повремени промена на границите и дел од македонските племиња во одреден период влегуваат во состав на илирската држава, но тоа не значи дека се илирски, како што сакаат одредени историчари да ги прикажат. „Индикативно е вклучувањето на Енхелеите меѓу Илирите во IV век п.н.е., кога зајакнува илирската држава. Во моментите на династичките борби на македонскиот двор, нејзината власт слабее во пограничните области, па нејзините најзападни делови влегувале во илирската држава... Од посебен интерес е податокот на Полибиј за борбите на Филип V со Скердилаид (Skerdilaid) 217 г. п.н.е. кога Филип ги завзел Enchelanes, Kerak, Sation и Boioi, кои воглавно се земаат како имиња на градови, додека Х. Хамонд и Катичиќ мислат дека Енхеланес и Боиои се етникони. Катичиќ има заслуга што укажа на податокот на Mnaseas дека Енгеланите се народ во Илирија, исти со Енхелејците... Графијата на енхелејското име со гама наместо со безвучниот аспиратор „кх“ (kh) карактеристика е за македонскиот јазик. Пренесувајќи го овој извор Стефан Византиски не кажува илирско племе, туку народ во Илирија, што се однесува на административен поим за Илирик во негово време, факт кој поголем дел од истражувачите често не го земаат во предвид. Исто така, индикативно е дека Енхеланите кај Полибиј додадени кај горномакедонските племиња, а со оглед дека овие податоци се современи на Полибиј и дека при тоа не е спомнат Лихнидос (Lyshnidos), по се` изгледа дека се опфатени со името Enchelanes, со што Страбоновиот податок дека се викале Енхелејци и Десарети (Сесарети), добива на веродостојност, зошто и самиот Полибиј, кога зборува за акцијата на Филип V, глобално ја става во Десаретија“ – вели Проева во својот труд. Со тек на времето моќта и славата на Енхелејците, потпомогната од римската политика девиде ет импера слабее, така да во време на римскиот продор преовладува името на Десаретите. Бидејќи никаква миграција не е потврдена ни во наративните ни во археолошките извори, проф. Наде Проева заклучува дека „не може да има збор за некакво ново племе, туку за некое пошироко племенско име или за име на племенски сојуз кое преовладува во римскиот време“. Оттука таа вели: „Бидејќи Десаретите се наоѓаат во непосредно соседство на Илирите, во римско време, кога за првпат се јавуваат во изворите, сместени се меѓу Илирите, поради што многу истражувачи ги сметаат за Илири, а некои за горномакедонски племиња. Тоа што кај Ливиј ги нема во горномакедонските племиња не е доказ за нивно илирско потекло, бидејќо се знае дека Т. Ливиј не ги набројува сите, само најважните племиња. Дека Десаретите биле во склоп на Македонија покажува и податокот на Исократ: „(Филип) постанал господар и владател на илирското мноштво, освен оние населени на Јадранит“. Поради убедување дека Десаретите биле Илири, овој податок се толкува така што западната граница на Филиповата Македонија се поставува источно од Лихнид, а не кај Таулантите, кои живееле на Јадран, како што произлегува од овој извор... Објаснување за ваква граница може да се најде во фактот дека античките автори биле слабо информирани за етничката состојба во заднината на Јадранот... Кога Т. Ливиј говори за римските операции во Македонија 172 г. п.н.е. одвоено ги неведува Десаретите и Илирите, кои барале римска помош за одбрана на тврдините од нападите на Македонците. И.П.Мела, опишувајќи го јадранскиот брег, ги издвојува Енхелеите и Десаретите од Илирите во потесна смисла. Овие два податока, кои говорат против лоцирање на (Илирите) околу Охридското езеро, досега не биле користени во решавање на овој проблем...“ Сочуваниот облик Енгелани, како и материјалната култура говорат против илирското потекло на Енхелејците. Како Линкестите, Пајонците и т.н. така и Енхелеите имале локална династија за што сведочи некрополата во Требениште. Но, таа култура нема ништо заедничко со Илирите. Проф. Проева осврнувајќи се на наодите во кнежевските гробови вели: „На прво место треба да се споменат наодите на кнежевските гробови во село Требениште, кои имаат директна аналогија во некрополата во Синдос крај Солун. Некрополата кај Синдос не може да биде грчка, бидејќи маските и троножецот не се карактерични за Грците, а уште помалку за Илирите. Потоа гробницата од македонски тип во село Д. Селце (кај Подградец), исто така не може да се толкува како македонско влијание, бидејќи е осамена во јужно илирско подрачје кое археолошки е релативно добро истражено. Македонските гробници не се најдени ни во области кои со векови биле под власт на македонските династии, така да очигледно се работи за обичај кој бил поврзан за Македонија во потесна смисла на зборот. На крај треба да се спомене и војничкиот појас од с. Д. Селце со претстава на војник на коњ, македонски штит и шлем кој се бори со варвари за кои (постои) мислење дека би можеле да бидат Келти. Ако е познато дека келтската инвазија не ја зафатила јужно илирската област и кога ќе се спореди со војничките појаси од пошироката илирска територија со трапезоиден облик (Гостиљ кај Скадарско езеро и Ошанич на Неретва) со поинакво оружје, кој е непознат на македонската уметност – јасно е дека се работи за гранична област која понекогаш била во склоп на илирската држава и поради тоа опфатена со општото име Илири. Разликата во материјалната култура меѓу илирските области и Македонија може да се прати уште од крајот на бронзаното време. Така на пример по долината на реката Девол посведочена е културната група таканаречена Бабушти Трен, која се разликува од културата Мати во Албанија (северно од реката Шкумби), а сродна е со културата во Пелагонија (Живојно, Сарај – Брод, Зовик)“. Некои историчари оваа култура ја препишуваат на Грците, албанските истражувачи на Илирите, а други на Десаретите. Бидејќи на ова подрачје во тоа време, во наративните ивори се посведочени Енхелејците, чие име во II век п.н.е. потиснато со десератското, правилно би било, заклучува проф. Проева оваа култура да се поврзе со Енхелејците. Како што вели „разликата во материјалната култура е во склад со ономастиката: најголем дел од имињата од јужноилирското подрачје не се сретнува во северноилирското. На крај таа го спомнува и податокот на Плиниј дека „Десаретија се протегала северно од Епир до дивите варвари Дарданците, кои се сложуваат со Страбоновите, со што се објаснува сврстувањето на локалните племиња на Западна Македонија меѓу Илирите. Меѓутоа, ономастиката не го потврдува илирското потекло на племињата во Западна Македонија, кое досега се сметаше за сигурно“. |