|
|
Огледало на македонскиот живот во XIX век |
Со реформите и развојот на производните сили и трговијата кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век во Османската империја, македонскиот трговец допира до развиените културни центри во Средна и Западна Европа. Нараснатата трговска соработка, на дневен план ја исфрлаат потребата од развој на просветното и црковното дело во Македонија. Потребата од отварање на училишта на мајчин јазик се појавуваат на преден план, иако во некои поголеми градови на Македонија и порано постоеле училишта. Сепак сите тие биле на туѓ, грчки јазик. Исто така во поголемите манастири постоеле училишта, но нивната намена била да подготвуваат свештеници. Според тоа, било неопходно отворањето на училишта каде наставата ќе се одвива на македонски јазик, а свршените ученици ќе бидат кадри да ги задоволуваат и световните потреби. Поинтензивното отворање на училишта започнува од 30-тите години на XIX век. Скоро во сите поголеми градови на Македонија се отвораат училишта. Паралелно со развивањето на образовниот процес се развива и учебникарството. Во 1792 година, Марко Тодоровиќ Везгов од Банско потпомага издавање на буквар за потребите на скоро целиот југ. Во поглед на развојот на образовниот процес и учебникарството во Македонија посебно се истакнува Јордан Хаџи Константинов - Џинот од Велес. Во побогатите општини паралелно со развојот на образовниот процес започнува и изградбата на цркви. Изградбата на нови училишта и црква ќе ја наметне потребата од раководење со нив, што ќе доведе до формирање на црковно-училишните општини. Всушност, тие претставуваат зачеток на локалната самоуправа на македонскиот народ во рамките на Османската империја. Преродбата која настанува кај македонскиот народ во почетокот на XIX век, ја предизвикува и појавата на литература. Појавата на првите печатени книги на народен македонски јазик, преставува најважен настан во однос на остварувањето на стремежот да се постави писмениот јазик на народна основа. Првите литературни творци се главно монаси, како: Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ. Во 1816 година во Будим е печатена првата книга на македонскиот просветителот Кирил Пејчиновиќ „Огледало“. Тоа, како и другите негови книжевни дела содржи се уште доста црковни елементи, но во основата на неговиот јазик е тетовскиот говор, измешан спорадично со елементи од централните говори. Огледало на Кирил Пејчиновиќ претставува прирачник за свештеникот, неопходен за вршење на верските обреди. Но, покрај молитвите и верско-обредните текстови, неговата книга содржи и беседи во кој Пејчиновиќ критикува и поучува. Истовремено неговата книга претставува огледало на животот во Македонија во тој период. Во дел од текстот „Поучение свакому христиану како подобает празновати празници господских и свјатих и како подобает причаститисја својатое причештение“, тој го отсликува животот и ја критикува заостанатоста на дел од населението и свештеството. Во него тој вели: „Ете тако се празнува великиј ден, кој ест христианин и кој ест радлив за своја душа. А како гледам во едни села, да чува Господ, дип грубо. Ни христиани можем да ги наречем ни пак неверници. Великиј петок и велика суббота јадат и пијат, и великиј пост хора играат, со жена у постеља спиат, на забита се клеветат, давиа чинат, се пцуат, се тепаат, на сам ден велик ден причештиа чекаат. А попот узел, осом села попуат, каде по напред да стасат, трчат от село на село, со меинзил носит свјатии тајн. А едни сиромаси христиани дури ги жалим зашто до само полдне чекаат попа, на сам царскиј великиј ден гладнии стоат и чекаат попа да му донесет причесна и викаат: „Се забави попот, тоа му било она му било“! Другиј пак велит: „Хајде да му се натепамо, ќи уште еднаш да се не забават“! А еднии, чорбаџие што сат, мало позенгини, како кметинке, пак тија велат: „Не така. Да го тепамо, ќе не глобит забитот. Токо мије, ка што сме се собрале в куп, да идемо да потнесемо овен на агата или на пашата, да му аливерисамо ќутек, ем да го напудимо, да земемо друготого попа, ако е подалеко со куќата." Пак другиј кмет велит за друго тамо! Обај поп се забават, ама баре помало земат, ем вересие пеет, чекат за паре со години, а другиот поп со Турци си земат хекот, ако му не платиш“. Кој тако велит кој другојаче, аслиќелам свите хулат на попот што им ест законик, што (ги) крстил во името Свјатија Троици, и ги венчал, и ќе ги закопат, и што им ет татко и поголем от родител негов. Не се исповедуат, не постат ка што се постит, и на попа хулат и причешња чекаат до полдне, и ја грешниј и недостојниј во иеромонасе Кирилл, што сом погрешен от них многу и много, и прекомного, и уште грех собрах што ги осудих, создание и раби божии и браќа наши осудих, - ем не се понесуем со них, да не дадет Бог!, токо ги жалим ем ги учим ем се молим Богу Христу Спаситељу нашему, се молим да ги наставит на пут истинниј и да ги извадит от темнину у виделина и вси христиани да спасет и нас да помилует, амин! - и ја грешниј и видох така каде зборат, видох не берендисах и им рекох: „Зашто, христиани, чекате до полдне? Нели надробите леб и сипајте вино на лебац, да ни попа чекајте, ни пцујте го, ни тепајте го, ни глоба дадите стоката, јадите си ја сами, зашто на забит да ја дадете глоба“? Тија ми велат: „Попот што носите на велиј ден, што ни дават нам, тоа не ет леб и вино, токо ест крв Христосова, затова чекамо до полдне, зере сме чуле от стари - без неа не може чоек да биде жив“. Ја им велим: „Кој ви кажуе така, дали попот“? Тој ми велит: „Бре, попот досега никаква реч не ни казал, от негова уста това не излагат никогаш, њему кажи му со нас барабар да идет (на) свадби, на теферич, на хора, на лов, на сехер, на потера, на алиш-вериш, да прекупи да препродаде, а за поучение ни мије го прашаме ни он сам ни кажует“. („Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и национална држава“, Том I, Скопје, 1981, стр. 180 – 181) Кирил Пејчиновиќ во својата беседа на почетокот на XIX век го напаѓа суеверието, паганските обичаи, ги критикува поповите и оние кои се здружиле со поробувачот да го измачуваат сопствениот народ. Тој како и другите македонски преродбеници врши позитивна пропаганда и преку поучните беседи се обидува да го избави сопствениот народ од мракот на повеќевековното ропство. Свесен е дека само образован народ може да го раскине вековниот робски ланец. |