|
|
Преживеаните борци од граѓанската војна во Грција: Ламбе Миовски |
БЕВМЕ ПРЕМЛАДИ ЗА ПОЛИТИКАТА НА “ГОЛЕМЦИТЕ” СЕЌАВАЊЕ Некогашниот учесник во Граѓанската војна во Грција, Ламбе Миовски, е роден во село Косинец, Костурско, каде ги минал детските денови и каде завршил основно училиште на грчки јазик. Тој вели дека до 1936 година во Грција се зборувало, се играло и се пеело на македонски јазик. Но, кога на власт дошла Метаксасовата диктатура почнал теророт врз оние кои зборувале македонски јазик. Под прозорците стоеле џандарите и наслушувале кој зборува на македонски, за што потоа им следувале казни. Дури било забрането и на добитокот да му се обраќаат на македонски јазик. Миовски раскажува дека во селото имало касарна, бидејќи тоа се наоѓало во близина на границата. Во касарната ги носеле оние кои зборувале на својот мајчин македонски јазик и таму ги тепале. Таква судбина доживеало и едно седумнаесетгодишно момче. Од тепањето му се влошило здравјето, поради што детето дома го чувале врзано. Подоцна било земено како војник, но од војната не се вратило. Нашиот соговорник Миовски заминал во војната во 1947 година. “Ни рекоа дојде време да одиме во партизани и ние заминавме. Тогаш бевме млади, јас немав ниту 17 години. Заминавме со елан и иако се слушаше дека ќе се бориме за ослободување на Егејска Македонија, сепак бевме премлади за такви политички работи. Прво н# однесоа на обука во Преспа, каде останавме околу дваесет дена, а потоа н# испратија на Грамос. Јас бев распореден во 16. бригада. Извршував курирска задача. Одев од еден до друг баталјон, од еден до друг вод, од една до друга бригада и разнесував информации. Немав некоја непријатна случка со монархофашистите”, вели Миовски. Во ДАГ имаше и македонски и грчки борци, а односите меѓу нив, како што вели Миовски, биле добри. Тој се потсетува на акциите со монархофашистите и ја раскажува борбата во градот Коница. Овој град бил опколен од непријателот и партизаните 11 дена биле во заседа. Авионите постојано ги бомбардирале, а кон нив пукале и со топови. На монархофашистите им дошле на помош борци од Јанина. Партизаните не успеале да ја исчистат Коница од непријателот и се повлекле на Војо Грамос, при што направиле неколку офанзиви во околните села. Раскажува и за тоа како паднале во непријателскиот обрач на планината Пиерија. “Тргнавме од Грамос до Тесалија, Трикала и Олимп, за да ги чекаме борците од Румели, кои требаше да ни дојдат на помош. Ги пречекавме. Но, кога се враќавме назад монархофашистите н# опколија од сите страни. Во непријателскиот обрач на планината Пиерија останавме 40 дена. Немавме храна. Го јадевме месото од закланите маски, по некој костен и компир. Кога имаше време компирите ги варевме, но почесто ги јадевме живи. Сепак, не се разболевме. По четириесетдневен обрач ние што бевме поздрави некако успеавме да се спасиме од заседата, а оние кои беа ранети во нозете, а ги имаше многу, и не можеа да одат, паднаа во монархофашистичката заседа. Всушност, од Вичо дојде да ни помогне една бригада и ние се префрливме на Грамос. Кај повеќето борци се појавија премрзнатити на телото, меѓу нив имаше многу жени. Донесоа други единици за да ја пополнат бригадата. С# ова се случуваше во 1948 година. Потоа почнаа големите офанзиви на Грамос, каде бев ранет од минофрлач и однесен во болница во Албанија”, вели Миовски. Таму останал до 1949 година кога го префрлиле во болница во Унгарија. Неговиот животен пат продолжил во Романија каде биле татко му и мајка му. Всушност, татко му бил партизан Титовист. Се борел уште од 1944 година. Бил во Егејската бригада на Гоче, а во Егејска Македонија се вклучил уште во првите партизански групи. Во војната во Грција нашиот соговорник само еднаш се сретнал со татка си. Вториот пат средбата била во Романија. Мајка му била во Полска и ја извршувала задачата мајка на децата бегалци. Потекнувала од село Дмбени, а со сопругот, таткото на Ламбе, се сретнала во 1953 година и тоа во Романија, каде неговите брат и сестра ја доживеале судбината на децата бегалци. Миовски во Романија останал 17 години, а во Скопје дошол во 1970 година. Од книгата Аргументи од црниот тефтер на жртвуваните Жаклина МИТЕВСКА |