|
|
„Скопје во пламен“ |
Македонска нација Скопската чаршија која е позната и како „турска чаршија“, како и сите чаршии настанала на најпрометното место од градот, таму каде што се крстосувале патиштата од сите страни. Просторот на кој се формирала чаршијата бил природно погоден. Тоа е простор меѓу скопското Кале и двете реки Вардар и Серава, односно просторот кој денес води од камениот мост до Бит Пазар и од скопската тврдина и црквата Св. Спас до реката Серава. На овој простор скопската чаршија го доживеала својот развој, достигнувајќи подеми и повремени падови. Од времето кога таа настанала па до денес, како и самиот град, скопската чаршија доживеала неколку катастрофи кои оставиле траги врз изгледот на чаршијата. Така било на пример по опожарувањето на Скопје во 1689 година, кога биле оштетени и масивно изградени објекти во чаршијата. Во чаршијата и подоцна не ретко избувнувале пожари кои од своја страна придонеле за изменување на нејзиниот изглед. Во периодот кога под притисок на Младотурците, султанот на 24 јули 1908 година го обновил Уставот од 1876 година и распишал избори за Преставничкиот дом (меџлисот), во време кога населението во Скопје масовно слави и раскараните страни се побратимуваат, чаршијата во Скопје ќе ја зафати катастрофален пожар кој ќе остави тешки последици врз економијата. Бранислав Нушиќ дава детален извештај за големиот пожар што настанал во скопската чаршија во 1908 година. Тој вели дека пожарот „сосема случајно избувнал од една печка во која се печеле леблебии и зафатил една работилница со памук, а од таму и целата чаршија. Пожарот се раширил до црковните порти на Св. Спас и тогаш изгорел и црковниот ан. До изутрината биле срамнети 700 дуќани, три џамии и неколку големи магази. Ништо од еспапот не е спасено, пламенот се проголта“. Нушиќ кој заедно со скопскиот генерален конзул Живоин Балугџиќ (на должност во Скопје од 1907 до 1909) учествувал во спасувањето на црквата „Св, Спас“ во деталниот извештај за скопската катастрофа, објавен на 29 јули 1908 година во белградска „Политика“, под наслов „Скопје во пламен“, меѓудругото ќе напише: „Беше речиси околу полноќ кога се слушна прво еден а потоа и вториот топовски истрел. Не помина многу време кога низ тивката ноќ се слушнаа тропот на нозете и промукнати извици. – „Јанги! Јанги (Оган, Оган)“ Во тоа време седевме во бавчата на една скопска кафеана, конзулот г. Балугџиќ, Џафер-бег мајор, нашот дипломатски агент во Каиро г. Бошко Чолак Антиќ и јас. Штом грмнаа топовите Џафер бег испрати еден човек да види што гори, а тој пред малку се врати и ни јави страшна вест. – „Огромен пожар, гори и .... црквата“. Скокнавме сите од столици и во првиот фијакер, кој случајно поминуваше, влетавме Џафер-бег, Балугџиќ и јас. Коњите итаа напред пред ударите на камшикот на кочијашот и тркалата исфрлаа искри на скопската калдрма, а народот мораше да се тргне од патот за да не биде прегазен... И стигнавме на време. Сите куќи околу црквата беа веќе во пламен, а црквената порта беше полна со народ кој загрижено очекуваше, кога пламенот ќе го зафати црквениот покрив. Балугџиќ и јас не можевме да останеме равнодушни. Тој нареди веднаш да се извадат од црквата работи, книги, икони и се друго што може да се спаси. Но, не нареди само, туку и самиот почна да ги изнесува работи. Народот го следеше. Јас ваднаш скокнав да му помагам и се искачив по олтарот. Ги симнував иконите и ги додавав на секој по ред. Народот сега веќе не беше равнодушен како што беше кога гореше скопската српска гимназија. Имаше тука и турски офицери, и Арнаути, и Бугари (Македонци н.з) и Евреи, и на сите им додавав предмети, па заедно со конзулот кој беше најагилен, спасувавме. И турски офицер ја носеше иконата на Мајка Богородица, и Арнаутин од Ѓаковица го спасуваше Евангелието и Евреинот грижно го носеше крстот. Штом изнесовме се што можеше да се изнесе, веднаш Белгџиќ и јас, ги зедовме скалите и се качивме на црковниот покрив, за да ја браниме светата куќа од пламенот. По нас и сите други. Прва грижа ни беше да ги срушиме соседните куќи чии покриви се потпираа на покривот на ... црквата, а втора да носиме вода и да го гасиме пламенот и жарот кој веќе се приближуваше и претеше да ја зафати црквата. Беше тоа напорна работа. Од полноќ до пет часот утрото бевме непрекинато на покривот, а со нас и сите други. Беше интересно да се види како од покривот се дере оној Евреин: „Вода, вода брзо дај, отиде црквата!“ А оној Арнаутинот од Ѓаковица, кој ме фати и само што не ме турна од покривот, вели: „Поњава (покривка) дај ми бре, да ја наводенам!“ - Немам поњава брате, од каде ми поњава! Кога беше околу три часот по полноќ, дојдоа наеднаш сите наши војводи со пушките. Некој ни јави дека гори српска црква и дека Бугарите ја запалиле. Кога се уверија дека не е така и дека нивните пушки не се потребни, се качија и тие на покривот, па со удвоени сили, успеавме да срушиме една соседна куќа, а потоа и друга. На тој начин црквата беше спасена, меѓутоа изгоре целиот црковен ан, кој и носеше многу убав приход на црквата. Од врквениот покрив, каде толку време поминав, имав поглед на цело море пожари кои го зафатија Скопје. Тоа беше ужасно да се гледа, како пламенот ги голта куќа за куќа, и како потонува во жарот улица за улица. Пожарот сосема случајно произлезе од една фурна, во која се печеа леблии и зафати еден памукчија, а од таму цела чаршија. До утрото, кога ова го пишувам, сравнето со земја се околу 700 дуќани, три џамии и неколку огромни магази во кои беше складирана стоката на сите трговци на големо. Ништо од еспапот не е спасено. Кога во зората отидов на местото на несреќата, наидов на несреќните трговци кои стоеја пред своите пеплосани дуќани и гледаа загрижено. Најмногу настрадаа Турците и Бугарите (Македонците н.з), додека од Србите само еден и тоа многу малку. Тежок впечаток остави во Скопје оваа катастрофа, како последен чин на долготрајната веселба во која цело Скопје пливаше. Замолкнаа зурлите и тапаните, занеме песната, а старите Турци, оџите и дервишите, злокобно вртат со главата, како да сакаат да кажат дека така морало да биде. Младотурците по овој настан ќе се обратат до султанот чиј џеп веќе го начнаа и ќе го натераат да им помогне на своите поданици. А доколку му се обратат ја сум уверен, дека султанот ќе биде „милостив“.“ Инаку, познатиот српски книжевник, комедиограф, писател на романи, драми и есеи Бранислав Нушиќ, исто така работи како новинар и дипломата. Освен што пишувал, работел и како драматург или управик на театрите во Белград, Нови Сад, Сарево и Скопје, а државната служба ја добил уште во 1889 година и како преставник на Министерството за надворешни работи бил поставен за писар во конзулатот во Битола, каде се оженил во 1893 година. На југот на Србија и Македонија поминал цела деценија. Тоа е време кога српската пропаганда зема голем замав, што е видливо и од неговата статија. каде воопшто не го спомнува македонскиот народ. |