|
|
К. Бербенко за односот на Србите и Бугарите кон Македонското прашање во 1904 г. |
„Решението за Македонското прашање во корист на Бугарија, порано во Софија изгледаше едноставно и лесно. На Србија како на војнополитички фактор му се придаваше многу малку значение. После трагичните настани во Македонија (Илинденското востание н.з.)..., под влијание на страшната реалност Бугарите во кнежевството почнаа озбилно да размислуваат и полека ја увидуваат неопходноста од договор со Србија заради заштита на своите интереси во Македонија.“ – пишува К. Бербенко во својата новинарска анализа „Срби и Бугари“. Според листата на бугарскиот генерал М. Савов, Бербенко бил на списокот на тајните руски агенти кои дејствуваа во Бугарија. По Илинденското востание 1903 година, Бербенко како човек задолжен за следење на коресподенција бил живо заинтересиран за политичките настани во Бугарија и Србија, како и нивните политики кон Македонија. Тој пишува текст во кој ја отсликува општествено-политичката клима во овие две земји во однос на Македонското прашање. Неговиот текст „Срби и Бугари“, белградска „Политика“ го објавува како краток фељтон на 11 март 1904 година. Во него авторот на интересен начин не запознава за стравот на Бугарија од Австрија и Русија, за размислувањата на Србите и Бугарите по однос на Македонското прашање, кое тогаш било во фокусот на вниманието на светската јавност. „Од Русија треба да се плашиме, таа на нас не гледа со добро око, неа и се потребни Дарданелите... При тоа, ене ја Австрија, кој својот тигарски поглед го фрли на својата жртва Македонија. Секој час е готова да се нафрли на неа. А тогаш, збогум Македонијо, и за нас и за Србите!“ – пишува Бербенко. Вакви разговори, како што вели авторот, можеле да се слушнат секојдневно во Софија во разни политички кругови, по гостилници, по кафеани и било каде да се свртите. Истото тоа го потврдувал и печатот, кој внимателно следел се што се случува во Србија и што мислат Србите за Македонија. Во тој контексттој ќе напише: „Односите на денешната влада према Србија и нејзината улога кон Македонското прашање јасно се определени со официјалната изјава на бугарскиот премиер, генерал Петров (Рачо н.з.) . Бугарската влада при сегашната состојба нема да влегува во преговори и договори со Србија, односно Македонија.“ Пишувајќи за ставовите на бугарските и македонските политички дејци, авторот ќе забележи: „Така не мисли еден истакнат бугарски дипломат. По негови зборови, Македонија пред триесет години била една безформна маса. Со тешка и напорна триесетгодишна работа Бугарите ја направија денешна Македонија ... и ден денес поднесуваат огромни материјални жртви. Србите ништо не работеле, па природно е според тоа, Бугарите да имаат поголеми претензии на таа Македонија!... Македонските кругови, активни учесници во бугарската политика пак велат: „при денешните спогодби и однесувањето на Србите, ние не можеме со нив да водиме никакви преговори за солидарност и заедничка работа на Македонското прашање. Ние отворено и јавно ја прокламиравме девизата: „Автономија за Македонија“, - Србите меѓутоа се ограничуваат на општи фрази за братски договор , избегнуваат официјално да се изјаснат дека се согласуваат со автономија на Македонија. А тоа е затоа што во суштина Србите сакаат поделба на Македонија и се плашат од автономија. Вакво мислење има, не заборавајќи на Санстефанска Бугарија, демократската партија, чиј лидер беше покојниот Каравелов. Прогресивно-либералната партија (Цанковисти), младите демократи и Внатрешната македонска организација сметаат дека безусловно е потребен сојуз со Србите на основа на „автономна Македонија“, без било какви предности за Бугарија или Србија, отфрлаји во исто време секаква помисла на „сфери на влијание“. Крајна цел им е: Македонија треба да влезе во сојуз на идната славјанска федерација како самостојна политичка единица. Овде прогресивно-либералната партија додава дека тоа ќе може да се оствари само во согласност и со поддршка на Русија. По своите погледи блиску до Прегресивната-либерална партија е Народната партија, само тие... го гледаат ова прашање од практична точка Тие сметаат дека решението на Македонското прашање е многу тешко, зависи од многу европски политички фактори од светско значење, - но во исто време признаваат дека состојбата во Македонија е неподнослива до тој степен да таа неодложно вака или така мора да се реши. Македонското прашање за Бугарија е кошмар; таа заради него не може слободно да се грижи за својот напредок и развој на внатрешната народна благосостојба. Во Србија постои уверување дека бугарската народна партија донекаде дозволува можност за поделба на сферите на влијание на Србија и Бугарија во Македонија со согласност на Русија. На прашањето од каде доаѓа ова уверување кај Србите, авторот ќе напише: „За време на министрувањето на Стоилов (Константин н.з) направен е еден обид за зближување со Србите. Тогаш во време на српско-бугарските пријателски демонстрации, меѓудругото, отворено е прашањето за Македонија. Тогаш меѓу Србија и Бугарија е направен таен договор: „Двете страни се обврзуваат дека една со друга ќе известат за започнување на било каква акција од надвор.“ Подоцна судбината на овој договор била ваква. Во време на грчко-турската војна, за да ги заплашат Турците и изнудат неколку владички берати во Македонија, им ја покажаа тајната конвенција со Србија. Тоа предизвика големо незадоволство кај Србите, а навистина Србите имаа право. Бугарите не само што на Турците им го покажаа тајниот договор, туку поведоа дипломатски преговори со Турција без знаење на Србите и на штета на нивните интереси. Последниот факт сега многу пречи за договор меѓу Србија и Бугарија.“ Правејќи процена за евентуален воен сојуз меѓу Србија и Бугарија кој би се спротивставил на Турција, како и за самостојно делување на армиите, авторот ја потенцира недовербата која постои меѓу двете земји. За таа цел користи мислење на еден неименуван војник и вели; „Да наведеме мислење и на еден војник кој може да се земе како одговор за расположението на бугарските високи воени кругови во случај на војна со Турците без претходен договор со Србите. – Последните можат на Бугарите да им нанесат многу зла; за тоа треба озбилно да се води сметка. Но и во сојуз со Бугарите против Турците, Србите не можат да им бидат од корист на Бугарите, кога и едните и другите одвоено, дури и едновремено би кренале со своите војски на Турција... Главна сцена на воените операции во тој случај би биле јужните граници на Бугарија, како најблиска на Цариград и потполно отворена за слободно движење на големи воени сили. Турците би се свртеле на оваа страна со главнината на војската за да на тој начин нанесат одлучен удар на посилниот непријател, за каков ја сметаат Бугарија. За тоа време Србите би тргнале со војската на Скопје, каде Турците ќе бидат знатно ослабени... А дали Србите ќе се покажат толку совесни и ќе се свртат кон Турците од страна на југо-исток... Поголема е веројатност дека нема. Тие би го зеле Скопје и таму би останале. Во краен случај може да се случи, Бугарија разбиена од Турците, да се соединат со своите победници и да тргнат во војна против Србија за да ги истераат од Македонија. Само кога јасно би биле одредени улогите на Бугарија и Србија во случај на војна со Турција, тогаш може да стане збор за заедничка соработка. Дали Србија ќе сака на пропорционална распределба на сојузните воени сили долж целата српско-бугарско-турска операциона линија со заеднички војсководител? Дали Србите на пример би прифатиле да дадат два свои корпуси за јужната бугарска граница зарди заедничко делување со бугарската војска под бугарски командант, а во замена на тоа да добие еден бугарски корпус за српско-македонската граница заради операции со српската војска под команда на српски војсководител. Прашања од ваков тип кои се многу важни, според мислењето на Србите се непознати во Бугарија. На крај, како последеи многу важен фактор во Бугарија се јавува нејзиниот кнез Фердинанд. Тој често демонстративно изјавува дека многу ја сака Македонија и дека е спремен за нејзиното ослободување и по цена на многу жртви. Се зборува дека еднаш на самата граница со Македонија, во Рилскиот манастир, испил здравица за слобода на Македонија и за големото Бугарско кралство, и при тоа занесен од одушевување, ја скршил чашата. Сака ли тој војна со Турција? е тешко да се каже. Озбилни лица и тие кои го познаваат тврдат дека тој не би дозволил војна, бидејќи се плаши од лошите последици по него. Сака ли бугарскиот кнез сојуз и заедничка акција со Србија, тоа е тешко да се каже – Може само да се примети, дека тој ладно и воздржано се однесува према новиот српски кралевски двор.“ – пишува К. Бербенко. Инаку, Кирил Д. Бербенко е роден околу 1866 година во с. Богдановка, Украина. Учел во Николавската гимназија, потоа студирал на Ново-Александрискиот институт. Во 1885 година, како резултат на цензурата на неговите писма, бил следен од руските власти. За учеството во студентските безредија во април 1887 година бил избркан од институтот и ставен под строг надзор. Потоа живеел во Николаев и Херсон. Во Николаев работел во градска управа и соработивал со весници.Поради напад на член на советот бил осуден на два месеци и во 1891 година тој заминува во Бугарија, каде работи во интерес на Русија. Сепак, обидот да се попречи склучување на договор меѓу двете земји не беше успешен. На 30 март 1904 година, тргнувајќи од принципот „Балканот на балканските народи“, во Белград беше склучен Таен сојузен договор помеѓу Кнежеството на Бугарија и на Кралството Србија. Со овој договор потпишан во името на Кнежеството Бугарија од Д. Ризов и полковник Хесапчиев и од името на Кралството Србија генерал Сава Груиќ и Никола Пашиќ, се прецизираат сферите на влијанието во Македонија. Во својата желба да подготват терен за полна солидарност меѓу Славјаните на Балканскиот Полуостров и да создадат благопријатни услови за непосреден сојуз меѓу Србија и Црна Гора, двете сојузени држави се задолжуваат кога ќе се појави прашањето за Албанија да го помагаат она негово решавање кое би било во согласност со интересите на Црна Гора. Интресно е да се напомене дека двете сојузени држави со договорот се задолжуваат да ги поднесуваат на конечно решавање на Н.И.В. серускиот цар, сите спорови меѓу нив по кои не би можеле самите да дојдат до согласност. Во случај рускиот цар да го одбие решавањето на спорното прашање, тогаш се поставува на решавање на Меѓународниот арбитражен суд во Хаг. Во 1912 година, подготвувајќи се за војна против Османлискат империја, Бугарија и Србија склучуваат неколку меѓусобни договори: 1) Договор за пријателство и сојуз; 2) Таен додаток кон претходниот Договор; и 3) Спогодба помеѓу бугарскиот и српскиот генералштаб. Овие договори, како и договорите меѓу Србија и Грција пред Првата балканска војна ќе доведат до протерување на Турците од територијата на Македонија, но и поделба на земјата во 1913 година. Русија и другите големи сили не ја испочитуваа вољата на макеондкиот народ и не ја спречија поделбата на земјата, што ќе доведе македонското прашање да стане потенцијално жариште за нови кризи. (извор - Срби и Бугари, „Политика“, 11.03.1904; Документи, Том први, Скопје, 1981, стр. 421)
|