|
|
Македонците можеби најстар народ во Европа |
Почетоците на српската пропаганда во Македонија започнува кон средината на XIX век. Тоа најдобро се гледа од извештајот на тајниот агент на српската влада во Македонија, Стефан Верковиќ од 1862 година. Во неговиот извештај тој говори за првите задачи на српската пропаганда сред Македонците: будење на нивната слaвјанска свест преку отворање училишта на славјански јазик и воведување црковнославјански наместо грчки јазик во црквите како и испитување на можностите за евентуално кревање на едно вооружено востание во Македонија. Во изводите за активности во Македонија од 1862 година, Стефан Верковиќ вели: „Кога станав агент на српската влада, прва задача ми беше да ја разбудувам самосвеста на славјанскиот народ од овој крај и да го запазам славјанскиот јазик од неговото пропаѓање... И моите рапорти што ги испраќав до српската влада сведочат дека барав да им се испраќаат таму часослови и псалтири и славјански евангелија, апостоли и други црковни книги. Оваа моја активност не можеше да остане долго време тајна кај луѓето од овој крај, кои несвикнати да се сомневаат во се` па и во најсветите работи. Грците и Цинцарите имаа повод да се сомневаат и да им прават секакви пакости, зашто не им беше по волја што се појавуваат славјански стремежи од сите страни. Но, не може да им се прости и на Бугарите што ме напаѓаа и против мене подлости измислуваа, сомневајќи се дека работам на тоа да ја посрамам Македонија. Ова пак ниту беше моја задача, ниту пак некогаш сум ја имал таа намера. Според мојата инструкција што ја добив од покојниот Илија Гарашанин, должност ми беше да работам во оној крај за да ја разбудувам кај оној славјански народ свеста, да биде воодушевен во запазувањето на својата народност, да биде готов за едно општо христијанско востание штом ќе дојде часот да се ослободува народот што стенкаше под турско ропство. Во програмата беше да се подготви општо востание во сите провинции на Балканскиот Полуостров, штом од Србија се определи денот за избувнување на востанието во сите провинции... Доста ќе биде тоа ако се успее македонскиот народ да ја пречека српската војска, да и` се приклучи да и` прави секакви услуги. Но сепак сум успеал до толку барем што привлеков некои од познатите ајдуци, кои би биле во состојба да прават прилични диверзии во овој крај. Ако избегнував да навлегувам во дискусија дали македонските Словени им припаѓаат на Бугарите или на Србите, тоа го правев според инструкцијата што ја добив од Белград и со текот на времето ги добивав. Намерата беше тоа да му се остави на времето, кога ќе се ослободи овој народ од турското ропство, па тој самиот да си реши кон кого да се приклучи. Толку е познато дека дијалектот на македонските Славјани се одликува од тие на другите балкански Словени...“ Истата 1862 година, со согласност на српската влада, во Белград била формирана Првата бугарска (македонска) легија на Ѓеорѓи Раковски, за што посебна заслуга има и Ѓорѓија Пулевски. Таа е формирана во српската престолнина од бугарски и македонски доброволци и имала за цел доколку Србија влезе во војна со Османската империја да ја премине српската граница и да се бори за ослободување на поробениот бугарски и македонски народ. На повикот на Раковски се одзвале 600 доброволци, кои во најголем дел биле во емиграција во Романија. На легијата им се приклучуваат и познатите македонски војводи и нивните дружини како Дедо Иљо Малешевски, Христо Македонски, Димитар Беровски и други. Доброволците морале да поминат воена обука во воениот лицеј за да можат да учествуваат во општото востание. Во текот на јуни 1862 година овие доброволци (т.н. Лицејската легија) учествуваат во битката со турскиот гарнизон на белградската тврдина Калемегдан. Под притисок на Високата Порта, српските власти ја распуштаат Првата легија во септември 1862 година. Втората легија била формирана во 1867 година, кога односите меѓу Србија и Османската империја повторно биле влошени, а српските власти се подготвувале за војна. „Добродетелната дружина“ оформена од бугарските емигранти во Романија, под влијание на Русија, ја искористила состојбата за зближување со српската влада. Во нивната програма било предвидено создавање на една голема словенска држава од Срби и Бугари со заедничка влада и собрание, а владател на државата да биде српскиот кнез Михајло Обреновиќ III. За таа цел Друштвото склучило договор со српските власти за отворање на бугарско воено училиште во Белград, кое би подготвило воени раководители за идното востание во Бугарија. Српските офицери биле задолжени за обука на бугарските доброволци. Меѓутоа, очекуваната војна меѓу Србија и Отоманската империја не се случила, а по доаѓањето на Јован Ристиќ на чело на српската влада, за да не се усложнуваат односите меѓу двете земји, Втората бугарска легија била распуштена во 1968 година. Агентот на српската влада Стефан Верковиќ за овој период ќе напише: „...Се` до 1868 година постоеше добра спогодба за општото дело; ...Значи да се ослободат од грчкиот притисок; Нешто младите луѓе што беа во Белград во воените училиште кои со тенденциона постапка беа отпуштени кога се растурија, почнаа да проповедуваат одвратност спрема Србија, тврдејќи дека Србија оди кон тоа Бугарите да ги посрби. Така, не само што Грците станаа против славјанството, туку и меѓу Славјаните, имено меѓу Србите и Бугарите, се создаде раздор. Така Грците станаа против Славјаните воопшто, па посакаа да се здружат и со Турците, отколку да придонесат да се унапреди славјанството. А и Бугарите зедоа спротивен правец од општото дело. И за да го отстранат и од стара Србија српскиот елемент, Бугарите таму праќаа Бугари учители или ги плаќале со цел да ги истераат оттаму српските учители. И ова беше глупост што ги разделуваше двата сродни народа. А тоа токму му одеше во сметка и корист на азискиот угнетувач, а на штета на славјанството. Кога би имало поголема предвидливост од христијанска страна, поука би требало да извлечат, да ги здружи овие народи и народности способни да ги совладуваат, па општата идеја на славјанството да ги сврзе и да го отстрани секаквото цепење и сепаратизам“. Ваквиот развој на настаните меѓу Србите и Бугарите, по 1968 година ја насочува српската пропаганда кон југ. Воениот српски разузнувач, а подоцна и академик Ј. Д. Драгашевиќ, кој бил командант на Првата легија за време на бомбардирањето на Белград во 1862 година и потоа командир и на Втората бугарска легија, по протерувањето на бугарските доброволци, во 1871 година го пишува учебникот по „Географија за средните училишта“, кој особено е интересен за македонската историја. Во учебникот кој е одобрен од државната комисија и печатен во државна печатница, во делот за историја на Балканскиот Полуостров, авторот ги нарекува Македонците „најстари Словени“ и „можеби најстар народ во Европа“, а Србите и Бугарите „дојденци“. Како што Драгашевиќ вели: „Староседелци во овие земји, во древни времиња биле некои Словени на кои не им се знаат имињата... Можеби низ долгите времиња наназад многу раштркани, тоа се денешните Македонци. Но, како што насекаде во светот бидува, кога дојденците ја преземаат власта, така било и овдека“. Во однос на Елините тој истакнува дека тие се доселиле на полуостровот пред 1.500 години, а за Албанците пак, вели дека се во тесна врска со римските војници. Осврнувајќи се на делот од античката македонска историја, Драгашевиќ за Александар Македонски вели, дека „творецот на македонската светска држава“, ги проширил границите до Индија. Што се однесува пак на тогашната положба на македонскиот народ Драгашевиќ ќе забележи дека: „Македонците денес го заземаат речиси целиот брег на Белото Море, на исток се мешаат со Бугарите од Тракија, на запад со Арбанасите од Арбанија и Епир и на север со Србија ги граничи Шар Планина. И покрај сето ова во нивните обичаи и во нивниот јазик можат да се најдат траги од сите оние народи, кои овде-онде, над нив владееја (нарочно Бугарите и Србите). Македонците и денес се карактеризираат самостојно и стојат во средината меѓу Бугарите и Србите“. Ваквите забелешки на Драгашевиќ за Македонците, делумно се поистоветуваат со извештаите на Стефан Верковиќ. Посебно заинтересиран за состојбата на христијаското население кое го населува Балканскиот Полуостров, чие прашање е од посебен интерес за српската стратегија за општославјанско востание против Османската империја, тој бележи дека: „На овој простор живеат 13,6 милиони жители и тоа: Словени 61 отсто, Турци 13 отсто, Арнаути 7 отсто, Грци 14 отсто, Ермени 3 отсто и останати 2 отсто. Односно, Словени има двапати повеќе од сите други заедно, а четирипати повеќе од Турците. Во Словени се бројат: Срби 3,6 милиони, Хрвати 0,5 милиони, Македонци 1,3 милиони, Бугари 3,2 милиони, останати 0,04 милиони“. Меѓутоа истиот автор дваесеттина години подоцна во студијата за Македонските Словени од 1890 година го менува својот став, нерекувајќи ги Македонците “аморфна маса“. Драгашевиќ како поручник, професор на воена историја и географија на Војната академија, под влијание на „Друштвото на српската словесност“ (претходник на Српската кралска академија на науките), работи на собирање на архивски материјали и на пишување на националната српска историја, а уште во 1865 година го поднел својот реферат и план за развој на војната историја на Србија. Во тој контекс, Ј. Д. Драгашевиќ, тргнувајќи од интересите на српската пропаганда на Балканот го менува својот став. Односно српската пропаганда до Берлинскиот конгрес се` уште не била прецизно одредена. Дури по Конгресот и посебно со потпишувањето на тајната конвенција во 1881 година со Австро-Унгарија, со која на Србија и биле затворени вратите спрема Босна и Херцеговина, Србија го свртела посериозно своето внимание кон Македонија. Салоника |