Среда, 03 Февруари 2016   
Источната криза и Руско-турската војна (1877 – 1878)

rusko-turska-vojna

Руско-турската војна (1877 - 1878) беше прогресивна. Таа го рушеше феудалниот систем во Отоманската империја, создаваше нови општествено-економски односи и на ослободените народи им овозможуваше напредок. Меѓутоа, царска Русија имаше свои интереси и според нив ја кроеше и картата на Балканскиот Полуостров. Во ослободителниот карактер на оваа војна веруваше и македонскиот народ. Во текот на воените операции, цела Македонија се наоѓаше во движење. Голем број македонски доброволци, организирани во дружини, влегоа во составот на руската армија и се бореа на бојното поле. Еден ваков одред се префрлил и во источна Македонија. Во некои краишта, како во Пијанец, биле формирани слободни територии, што укажува дека македонскиот народ од Русија очекувал слобода.

Меѓутоа, наместо слобода на македонскиот народ и автономија на Македонија, македонската територија станала монета на поткусурување меѓу големите сили и новите балкански држави. Решенијата на Санстефанскиот мировен договор и Берлинскиот конгрес ќе остават трајни негативни последици по македонскиот народ. Нерешеното македонското прашање ќе стане буре барут, секогаш спремно да го загрози мирот во регионот и пошироко.

После склучување на примирјето, руската главна команда се стационирала во Сан Стефано, мало место, одалечено 12 километри од Цариград. Руската делегација на чело со гроф А. П. Игнатиев, дотогашен амбасадор во Цариград, ги диктирала мировните предлози на Портата. Во текот на преговорите биле изнесени различни предлози и решенија, во кои била вклучена и Македонија. Се расправало и за давање на автономија на Македонија, па Македонците не испратиле никаква петиција. Тоа ги вознемирило бугарските кругови, кои започнале да испраќаат писма и петиции во кои се барало Македонија да се приклучи на Бугарија. Но, за прашањата кои биле отворени биле заинтересирани и другите големи сили во Европа.

Македонското прашање станало актуелно во европската јавност, а во дипломатската преписка тоа се повеќе се сретнува. Во едно доверливо писмо на Игнатиев до Горчаков од 15 февруари 1878 година, се вели дека демаркационата линија е кај Џумаја, што значи дека руските трупи го завзеле само овој дел на Македонија.А за Солун, Битола, Охрид, Скопје, Драма, Серес, Неврокоп, Велес и другите македонски центри кои останале под Турците, според зборовите на Игнатиев, неопходно е да се добие од Турците автономија. Овој став на Игнатиев е доста интересен, со оглед дека е изнесен пред склучување на Санстефанскиот мировниот договор.

Комбинациите кои ги правела царската руска дипломатија предизвикала незадоволство кај големите сили. Во оваа дипломатска игра се ангажирале Австро-Унгарија и Германија. Австро-Унгарија побарала од планираната бугарска држава да се издвојат низа македонски окрузи и строго да се одредат нивните граници, особено на правецот Врање – Орфано.Така рускиот прееставник во Виена Е. П. Новиков на 23 февруари напишал дека Русија со инсистирање на одредени граници го губи својот престиж.

Преговорите на руската делегација со турските преставници кои биле започнати во Едрене (Одрин) и продолжени во Сан Стефано траеле повеќе денови. Турските преставници не прифатиле повеќе предложени точки, а особено не го прифаќале предлогот за создавање на голема бугарска држава. Русија сепак го наметнала мировниот договор и тој бил склучен на 3 март 1878 година. Со овој договор дојде до прекројување на картата на Балканскиот Полуостров. Така била призната независноста на Србија, Црна Гора и Романија. Романија ја добила северна Добруџа, Русија ја добила Бесарабија и низа малоазиски центри, а и било гарантирано пловење по Дунав, Босфор и Дарданелите. Според членот 6 од договорот, се формирала нова држава Бугарија, која имала граници: од Дунав према областите во близина на Ниш, со градовите Врање и Лесковац, од таму се спуштале кон југ, опфаќајќи ги градовите Качаник, Тетово, Гостивар се до Охрид и Корча, па до планината Грамос. На исток границата се протегала од устието на Вардар до Орфанскит залив, вклучувајќи ги градовите Костур и Воден, додека Солун е оставен во турски раце доколку Портата ги прифати останатите градови. Од таму границата оди по брегот на Егејското море вклучувајќи ја Кавала, се до Родопите на север и на исток до Мидија на Црно Море, со тоа што Едрене останува во турски раце. Тоа значело дека новата бугарска држава ќе опфаќа низа територии кои не се бугарски и тоа во јужна Србија, дел од Албанија и Македонија. Таа опфаќала површина од 163.000 км2 со околу 4 милиони жители.

Со мировниот договор биле предвидени повеќе клаузули во врска со повлекувањето на турските трупи од европскиот дел на Турција, односно од Македонија, бидејќи руските трупи од македонските краишта го држеле единствено округот Џумаја (Благоевград). Било предвидено повлекувањето на турската војска да се изврши во рок од три месеци откако ќе биде склучен конечниот мир, бидејќи овој мир бил прелиминарен. Исто така, руската влада презела мерки со цел за одредување на границите, поставување на гувернер и воени единици во гарнизоните во Македонија, како и поставување на руска администрација. Меѓутоа до спроведување на овие мерки никогаш не дошло. Всушност, Македонија никогаш не била припоена кон новата бугарска држава.

Санстефанскиот мировен договор предизвикал вознемирување во Европа. За одлуките на мировниот договор веднаш биле известени дипломатските кругови и печатот. Меѓутоа, договорот бил негативно примен не само од дипломатските кругови на големите сили туку и од јавноста. Пешатот и јавноста на западноевропските земји станаа против диктираниот мир во Сан Стефано и создавањето на т.н. „Голема Бугарија“. Дипломатите и јавните работници речиси во сите земји се спротивставија на ова прекројување на картата на Балканот. Во повеќе земји се повела кампања против Голема Бугарија. Во Велика Британија, неповолно за неа се изјасниле и конзервативците и либералите, кои пак за време на работата на таканаречениот „бугарски колеџ“ ги бранеле бугарските ставови. Лидерот на британските либерали Вилијам Гледстон изјавил дека на Бугарија и се дадени големи територии. Тој сметал дека е неопходно европските делови на Отоманското царство да се поделат меѓу балканските христијани со примена на начелото „Балкан, на балканските народи“.

Во британскиот парламент се воделе жестоки дискусии за Санстефанскиот договор. Се сметало дека теротијалното прекројување кое го направила Русија ги повредило интересите на Британија. Премиерот Дизраели изјавил дека Русија со Санстефанскиот договор ја уништил Турција и го наметнал своето влијание на целиот Балкан. Таа ја создала, велел Дизраели, Голема Бугарија која не ја населуваат Бугари. Весникот „Дејли Телеграф“ пишува дека создадената „голема Бугарија“, лесно може да стане „Мала Русија“, а „Тајмс“ подвлекува во својот коментар дека границите на Бугарија стануваат „озбилно прашање“.

Слична реакција во редовите на јавното мислење манифестирала и Австро-Унгарија и Германија, додека во Италија се воделе преговори за можноста за создавање на балканска федерација. Но и во самата Русија постоеле извесни резерви кон мирот кој бил склучен на брзина. Тејлор изнесува дека Игнатиев, по враќањето во Петроград бил примен доста ладно од Горчаков, а рускиот преставник во Лондон Сувалов истакнал дека Санстефанскиот договор бил „најголема глупост“.

На договорот најмногу му се спротивставиле Британија и Австро-Унгарија. Британија била загрозена од ширењето на царска Русија, бидејќи тоа преставувало опасност за нејзините стратешки интереси на Медитеранот. Австро-Унгарија пак сметала дека се повредени нејзините поранешни договори со кои не се дозволувало создавање на Голема Бугарија. Франција, која во тоа време поради последиците од француско-пруската војна и париската комуна не водела активна источна политика, не го одобрувала ширењето на Бугарија, туку била да се одржи статус кво. На Санстефанскиот договор се спротивставиле Србија и Грција, кои протестирале поради територијалното ширење на Бугарија и присвојување на Македонија.

Дипломатскиот притисок на големите сили и негативниот одек во европската јавност ја принудиле руската дипломатија да го смени курсот на својата политика. Притисокот се зголемил уште повеќе кога Британија почнала да ја концентрира својата флота во Средоземното море и да ги повикува своите резерви. Војниот притисок бил се поголем. Одново се поставило прашањето за војна, но последиците од претходната војна биле огромни. Русија изгубила 100.000 војници, а војната ја чинела Русија околу милијарда рубљи. Внатрешниот заем бил исцрпен и Русија се наоѓала пред банкрот. Ако на тоа се додаде и тешката политичка состојба внатре во земјата, поради револуционерното движење, Русија не била спремна за нова војна. Сето тоа ќе допринесе таа да се сложи кризата која се создала со Санстефанскиот договор да се реши по дипломатски пат и да се ревидираат некои основни одредби.

Главните дипломатски преговори биле водени во Виена и Лондон. Рускиот преставник во Виена Новиков најпрво преговарал со австрискиот министер за надворешни работи Ѓ. Андраши. Меѓутоа, неговите преговори не дале резултати, па на 22 март 1878 година, со иста цел пристигнал грофот Игнатиев. Австрија инсистирала на можноста што повеќе да ги осигура своите позиции на Балканот, а особено во Босна и Херцеговина и во Македонија. Таа сметала дека бугарските граници треба да бидат намалени, така да западните граници се протегаат од Орфанскиот залив према Врање, со тоа што окрузите надвор од оваа линија би биле уредени под името Македонија, со административна автономија, која нема да зависи од бугарското кнежество. Солун требало да биде вклучен во оваа нова држава. Според друга верзија, Андраши инсистирал да се создаде автономна држава Македонија која би била под заштита на Австро-Унгарија. Во врска со ова прашање биле водени долги спорови. Увидувајќи кон што цели Австро-Унгарија, Игнатиев по добивањето согласност на царската влада, бил принуден на попуштање. Германскиот амбасадор во Лондон Фон Швајниц во еден извештај на министерот за надворешни работи Фон Билов, од 6 април 1878 година известува дека Игнатиев го прифатил предлогот за создавање на автономна Македонија, на чие чело би бил австрискиот генерал Родич во својство на кнез. Меѓутоа, согласувањето било оставено за подоцна.

На враќање од Виена Игнатиев изнел дека е невозможно да опстане голема Бугарија. Тоа, како и особено ивластувањата кои ги добил Игнатиев за да биде попустлив за време на преговорите и да прифати создавање на автономна Македонија, од друга страна говори дека царска Русија не ги бранела така цврсто одредбите на Санстефанскиот мировен договор. За ова говори инструкција на Горчаков дадена до Новиков од 11 април 1878 година во која стои: „ Санстефанскиот договор, иако е прелиминарен, не поради тоа помалку обврзувачки за двете страни, односно, тој може да биде изменет со согласност на двете страни.“

Меѓутоа, на 18 април Новиков, уште еднаш поновил дека Австрија инсистира на создавање на кнежеството Македонија. Игнатиев овде се обидел да изврши извесни модификации со цел да се смали територијата на македонското кнежество во пределот околу вардарската долина, или да се создадат две провинции, како што тоа било предложено на Цариградската конференција. Но, и во овој случај тој предлагал алтернативно решение дозволувајќи можност како што сам изјавил: „да се жртвува единството на Бугарија, со тоа што ќе се прифати нејзината поделба на две области, само ако двете бидат подеднакво самостојни.“

Соодветно на тоа, на 2 мај 1878 година Русија и испратила предлог на Виена. Меѓутоа, според извештајот на францускиот амбасадор Бор од 3 мај 1878 година, Русија барала за Македонија одредени гаранции. Се барало и посредништво на Германија. Меѓутоа канцеларот Бизмарк сметал дека поделбата доаѓа во обзир само во случај ако Македонија потпадне под влијание на Австрија. Намерите на Бизмарк биле сосема јасни, тој сакал да ја види Русија ослабена.

Иако за време на австро-руските преговори не дошло до одредена согласност туку само до борба да се приграби за себе што поголем дел, интересен е ставот на Руската царска дипломатија, која и по цена на попуштање, сепак настојувала да ја оствари својата балканска политика. Но, и покрај се, сето тоа било далеку од идејата за создавање на „Голема Бугарија“.

Поголем успех во преговорите со Русија имала Британија, која ја принудила царската дипломатија на попуштање. Во согласност со Меморандумот од 30 мај 1878 година било анулирано постоењето на голема Бугарија. Бугарија е одалена од Егејското море, така да се создала можност за создавање на две Бугарии – северна и јужна, додека прашањето на другите земји, особено за Македонија, се оставило да се решава по пат на дипломатски преговори или на конгрес каде би се одредиле нејзините граници. Со овој меморандум била извршена целосна ревизија на Санстефанскиот мировен договор, чиј дефинитивен облик би бил одреден на еден конгрес, при што како посредник се јавува Германија.

Всушност, без да се праша македонскиот народ, во преговорите Македонија била монета за поткусурување на интересите на големите сили

Извор: д-р Х. A.- П. „Од минатото на македонскиот народ - Санстефанска Бугарска“, Скопје, 1969, стр. 90-96 )

Македонска нација

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.