|
|
Битката за Лерин |
На 12 фебруари 1949 година единиците на Демократската армија на Грција (ДАГ) го нападнаа градот Лерин. По битката на Вичо и Грамос, битката за Лерин била една од најжестоките и накрвавите битки водени меѓу единиците на ДАГ и владините сили за време на Граѓанската војна во Грција.. Во единиците на ДАГ кои го нападнаа Лерин, околу 70% од војниците биле Македонци. По големите човечки загуби, повеќе од 1.200 убиени, единиците на ДАГ се повлекле во регионот на Преспа. На 12 фебруари 1949 година 14-тата, 18 -тата. И 107- та. бригада на ДАГ, потоа две батерии артилерија и офицерската школа на ДАГ ги започнале операциите за ослободување на Лерин. Владините сили кои веќе имале информации за нападот на единиците на ДАГ, се утврдиле во градот и направиле мрежа од бункери. За одбраната на градот, владините сили ангажирале три пешадиски бригади со 40 топови, тенкови и авијација. Во текот на нападот на Лерин, еден батаљон на ДАГ успеал да ја пробие одбраната и да влезе во градот, но не бил подржан од другите делови. По дводневни борби и големи загуби, борците на ДАГ се повлекле кон Преспа. Битката за Лерин била една од најкрвавите битки за време на Граѓанската војна во Грција. Историските податоци говорат за повеќе од 1200 загинати, по што борците на ДАГ ја губат борбената иницијатива. Други извори говорат за 700 убиени и 350 заробени борци на ДАГ, а постојат и информации дека во гробницата закопувала и живи партизани. Партизанката Евдокија Фотева – Вера (2.081911 – 10.03.2011), учесничка во Граѓанската војна во Грција, потсетувајќи се на битката за Лерин ќе изјави: "Ноќта на 12 февруари ги нападнавме и ги победивме монархофашистите во бункерите. Одевме по рововите. Дојдоа авионите, небото поцрне. Ние немавме авиони, се боревме со пушки. Почнаа да бомбардираат. Тогаш не загинаа само борци, туку и обичен народ. Земјата се тресеше и неколку дена по бомбардирањето. Со булдожери ги собираа мртвите“ (Вечер, 26.05.2009). Друг учесник во Граѓанската војна во Грција, во која неколку пати е ранет, во своите сведоштва за предавствата, меѓудругото ќе каже: „Монархофашистите го искористија претходниот ден и добро се вооружаа, а на помош им дојдоа и авиони. Иако влеговме во Лерин, сепак не успеавме да ги поразиме монархофашистите и да го ослободиме градот. Бевме сардисани. Се вративме во Преспа и се стациониравме во Желево. Дел од армијата се врати на Грамос, а таму ДАГ капитулираше. Некои војници се стационираа во Албанија, други во Русија, Ташкент, трети во Југославија, Бугарија, Романија. Единиците се распрснаа и згасна целото движење” („Сведоштва на протераните Македонци од Егејска Македониа“, Народна Воља, октомври 2009) Во Граѓанската војна во Грција, Грците и Македонците заедно се бореа рамо до рамо за слобода. Тие заедно гинеа и заедно беа погребувани, не само во Лерин туку во цела Грција. Сеуште во Грција постојат неоткопани масовни гробници во кои се наоѓаат коските на македонските и грчките борци за слобода. По завршувањето на Граѓанската војна, Грците ги искористија сите методи за да да ги прикријат трагите на местата каде се погребани македонските и грчките борци. Но исто така, ги искористија сите методи да ги протераат Македонците од нивните родни огништа, за никогаш да не се вратат. За таа цел беше донесен Закон со кој дозволиле во оваа земја да се вратат само оние кои по род се Грци. А Македонците од Егејскиот дел на Македонија останаа распрснати на секаде по светот. Изминаа повеќе од шест децении од битката за Лерин и од завршувањето на Граѓанската борба во Грција, но кај јужниот сосед ништо не е изменето во однос на Македонците и македонското прашање. Македонска нација |