|
|
Источната криза и Руско-турската војна (1877 – 1878) (4) |
Ревизијата на Санстефанскиот мировен договор се одржа од 13 јуни до 13 јули 1878 година на конгресот во Берлин. На Конгресот на кој учествуваа претседатели на влади, министри за надворешни работи или амбасадори на Русија, Британија, Германија, Австро-Унгарија, Франција, Италија и Турција, се работеше месец дена. Но, не беа сослушани сите преставници на балканските држави. Секоја од големите сили имаше по ова прашање свој интерес, па, воглавно беше одлучено да се прифатат решенија од претходните дипломатски консултации, особено предлогот на Британија. По долги дискусии за ова прашање, т.н. Берлински договор бил склучен на 13 јули 1878 година. Со договорот од Берлин во целост е поништена одлуката за создавање на Санстефанска Бугарија, а во границите на Бугарија е формирано кнежество во северна Бугарија, под суверена власт на султанот. Со овој договор јужна Бугарија, позната под името Источна Румелија, добила административна автономија со христијански гувернер кој го именувала Портата, а Македонија била вратена на Портата. Меѓутоа, и за Македонија се однесувал членот 23, со кој се воведувала административна автономија. Потоа со договорот Австро-Унгарија го добила правото да ја анектира Босна и Херцеговина, а Србија, Романија и Црна Гора добиле независност. Русија добила дел од Бесарабија, а Романија Добруџа. Исто така, со договорот биле предвидени и други одлуки од дипломатски и друг карактер. Всушност, со овие одлуки на Берлинскиот договор била извршена целосна ревизија на Санстефанскиот договор. „Голема Бугарија“ создадена единствено во текстот на Санстефанскиот мировен договор кој никогаш не бил спроведен, постоела само 152 дена. Потребно е да се истакне дека Берлинскиот како Санстефанскиот мировен договор бил донесен од империјалните сили чии интереси и противречности биле испреплетени на Балканскиот Полуостров. Но, за овие одлуки никогаш не биле прашани народите за кои се однесувал, ниту пак македонскиот народ. Сепак, Берлинскиот конгрес имал и некои позитивни страни. Тоа особено се однесува за ставот кон Македонија. Во текот на конгресот руската делегација покажала живо интересирање за Македонија и настаните во врска со неа. Според долиментите, во еден шифриран телеграм од Берлин, грофот Сувалов од Петроград барал во Македонија да се испратат искусни емисари кои на Македонците ќе им ја објаснат грижата на руската влада за нивната судбина и дека ќе им биде дадена иста слобода каква што добиле и Бугарите. Иако Турција никогаш не ги спровела во живот одлуките за Македонија предвидени со членот 23 од Берлинскиот договор, тие биле од огромно значење за понатамошното развивање на македонското прашање. Крсте Мисирков говорејќи за важноста на овие одлуки истакнал дека Берлинскиот конгрес укажал за големото значење на прашањето за народноста на Македонците за време на решавањето на македонското прашање. Тоа само по себе доби политичка важност, а од друга страна тоа стана актуелно и во европската дипломатија. Членот 23 од Берлинскиот договор го овозможи натамошниот развој на македонското прашање, во периодот на растот на македонското народноослободително движење како минимален програм, како чекор подалеку во обезбедување на политичката самостојност на земјата. По Берлинскиот конгрес на прекроената карта на Балканскиот полуостров се појавија нови политички односи. Во тие околности, по пропаста на Санстефанскиот договор, таа неостварена идеја за Санстефанска Бугарија, бугарската елита не го променила својот курс кон Македонија, туку напротив, нејзината активност станала уште поагресивна. Во тоа време, како што истакнува Димитар Благоев, „создадената фикција за санстефанска Бугарија одново станува актуелна. После Берлинскиот конгрес таква Бугарија станала „национален идеал“, и голема национална задача на бугарските политичари. Со тек на времето оваа фикција на бугарската елита станала знаме во големобугарската политика, спротивно на мудрото согледување на нејзината позадина од страна на прогресивните луѓе во Бугарија. Таквата политика го одведе бугарскиот народ во три национални катастрофи: 1912 – 1913, 1915-1918 и 1941 – 1944 година. Но за жал тие настани ни денес не се земаат во предвид при разгледувањето кога фикцијата за Сан Стефано кај некои одново добива нево санстефанско одело. Берлинскиот договор тогаш ги потикна сите балкански елити во својот агресивен курс према Македонија да му додадат нови сили. Сите тие ги зголемија своите апетити и притоа го попречуваа самостојниот и самобитниот развој на Македонците. Во тој контекст станува многу актуелна програмската политика на Бугарија од 1885 година. „Целата наша иднина лежи во Македонија. Без Македонија бугарската држава на Балканот ќе биде без значење и снага: Солун мора да постане главна капија на оваа држава, мора да биде главен прозорец кој ќе ја осветлува оваа зграда. Ако Македонија не стане бугарска, Бугарија никогаш нема да се консолидира“– се вели во тогашната бугарската пропаганда. Со слична програма тогаш ќе настапат Србија и Грција. Особено бугарската елита која со сите средства тежнеела кон идеалот за Санстефанска Бугарија, вршела елиминирање на секое самостојно и самобитно револуционерно движење на македонскиот народ. Меѓутоа, македонскиот народ секогаш наоѓал сила во себе за да се спритивстави на „санстефанските идеали“. Особено после основањето на Внатрешната организација во 1893 година, доаѓа до ширење на ослободителното движење и не само што се изградил политички став, туку и со оружје се спротивставува против тие аспирации. Поради тоа предизвикуваат чудење ставовите на одредени историчари, кои се обидуваат на македонското револуционерно движење и на неговото раководство да му препишуваат немакедонски карактер. Овој акцент во програмата на Македонската револуционерна организација, нејзината долготрајна борба за афирмација на македонското движење, особено доаѓа до израз за време на Илинденското востание. Обидот да се присвои овој крупен револуционерен чин од поновата македонска историја не е можен. Само да се потсетиме на зборовите на македонскиот револуционер Димо Хаџи Димов дека „Илинденското востание преставуваше за секој Македонец дел од неговиот сопствен живот.... тоа беше величанствен израз на сенародното тежнение на Македонците за борба за слобода“. Во врска со признавањето на македонската национална самобитност и државотворниот развој на македонскиот народ, потребно е да се нагласи и Георги Димитров кој вели: „Не поделба на Македонија, не борба за нејзино освојување, туку почитување на вољата на Македонците...“. Но и покрај целата негаторска политика, вистината за Македонија успешно се повеќе се пробива во светот. Колку повеќе се посега по нашата историја толку повеќе се добиваат потврди за нашата македонска вистина. (Извор: д-р Х. A.- П. „Од минатото на македонскиот народ - Санстефанска Бугарска“, Скопје, 1969, стр. 104-106 ) Македонска нација
|