|
|
ГРЦИЈА: Странските служби знаеле за менувањето на македонските топоними |
Драган Китаноски, етнолог, кој направил истражување за демографскиот состав на населението во Грција во последниве 90 години, вели дека во 1912 година на територијата на Македонија заземена од грчките војски имало над 700 македонски населби
Карта на Северна Грција Фото Драган Китаноски) Околу 800 села и градови во северна Грција во периодот од 1918 до 1925 година биле преименувани од македонски во грчки имиња. Политиката на отфрлање сѐ што е македонско била највисок приоритет во Грција во тоа време и за таа цел била формирана специјална комисија, која требало да разработи специјален план за преименување на сите населени општини што не се од грчко потекло. Драган Китаноски, етнолог, кој направил истражување за демографскиот состав на населението во Грција во последниве 90 години, вели дека во 1912 година на територијата на Македонија заземена од грчките војски имало над 700 македонски населби, чисти и мешани. Неговиот интерес во истражувањето е насочен кон населбите што се македонски по своето етничко потекло, без оглед на нивната делумна асимилација во грчкото општество. Тој вели дека за менувањето на топонимите сведочат и многубројни документи на странските служби, за кои Грција не сака да се говори. - Британскиот Форин офис во 1942 година излезе со мапа на северна Грција која содржи 50% македонски населени места. Таа мапа се појави еднаш и денес е тешко достапна. Германските научни кругови за време на Втората светска војна имале детални извештаи за националниот состав на населението. По граѓанската војна во 1949 година и големите штети нанесени на населбите во Костурско и Леринско се доби слика за селата кои останаа и оние што се целосно уништени - вели Китаноски.
Со преименувањето Лерин станал Флорина, Солун - Тесалоники, Воден - Едеса, селото Овчарани по ново се вика Мелити. Грчки имиња добиле и родното село на Крсте Петков Мисирков, Постол, кое било преименувано во Пела, Баница во Веви, Сботко во Аридеа, Кутлеш во Вергина итн. Познавачите на случувањата од тој период нагласуваат дека едни од начините за прикривање на македонскиот карактер на населените места и на етничкиот состав на населението биле и неколкуте спроведени пописи, а чии податоци никогаш не биле објавени или биле штелувани во корист на грчката политика.
- Многу важен е пописот од 1913 година што грчката држава го спроведе со меѓународен мониторинг. Овие факти беа земени за да да се види кои места сѐ уште се живи, а кои исчезнаа. Потоа најбитен е пописот од 1920 година, кој никогаш не се објави поради графата за изјаснување по јазик. Во 1928 година со пописот се утврди бројот на население, при што беа затекнати 1.400.000 жители во Егејска Македонија и околу 667 населби со чисто или мешано население, од кои според наши процени, околу 450 населби се македонски - објаснува Китаноски. Според ова истражување, Грција и на последните два пописа продолжила со лажирање на податоците, овој пат во корист на втората и третата генерација на доселеничкото население, на местото на протераните Македонци од северниот дел на земјата. (Игор Чавески/Телеграф.мк) |