|
|
Битола за време на Втората светска војна и повоениот период |
Во текот на Втората светска војна, периодот од 1941 до 1944 година е особено тежок за жителите на Битола. Тоа е период испонет со тешки напори, жртви и страдања на населението. Времето под окупација, испонето со прогони, конфискации, чести блокади, затвори и интернации, остана во мрачно сеќавање кај населението како во градот така и во битолските села. Секако во трајно, тажно и мачно сеќавање ќе остане 11 март 1943 година кога е извршен геноцид над 3762 битолски Евреи, од кои 1684 малолетници. Окупацијата и низата злосторства извршени во градот уште еднаш ја изневерија и обезвреднија човековата култура, свест и хуманост. Окупацијата и страдањата кај населението, ќе ги возобнови спомените и идеалите од Илинденското востание, двете Балкански и Првата свестка војна. Со неспоредливи напори и жртви, населението од битолско и Битола со своите одреди и бригади делумно ќе го реализираат историското тежнение за слободен град на Македонците. Во четиригодишниот период на континуирана жестока и немилосрдна борба со окупаторските сили, до ослободувањето на Битола на 4 ноември 1944 година, од градот и 80 села кои гравитираа кон него, животот го загубија 320 борци од кои 94 од Битола. Ликовите на паднатите борци Стив Наумов, Елпида Караманди, Таки Даскалот, Естреа Овадија – Мара ќе станат траен патоказ за тоа како се брани слободата и човековите хумани вредности. Во повоениот период, Битола за разлика од минатото, почнува да гради сосема нов живот со потполно нова содржина за историјата. Се испишуваа нови страници од историјата на градот, нови општествено-политички, стопански, културни и научни содржини. Во општествено политичката заедница во градот највисок форум е Општинското собрание со одреден број на совети и комисии во кои се обединува целокупниот стопански, културен, просветен и општествен живот. Во општинското собрание е застапена и потребната оперативна администрација за законско извршување на одлуките, а во градот делуваат како идејни носители на општествениот живот СКМ, ССРНМ, Сојузот на борците, Сојузот на синдикатите, на младината, Оптештвена активност на жените и други. Напоредо со старата архитектура во која е застапен стилот на ренесансата, барокот и неокласицизмот, се градат многу современи објекти инспирирани од современата архитектура во која доминираат еминентните архитекти Корбизје, Кензо Танге, Луциоа Каста и други. Во градот се вкрстуваат современи вертикали и хоризонтали со разнобојни ведри нијанси на фасадите. Се формираат нови современи реони со нови улици или продолжување на старите. Стопанство во градот добива модерни димензии. Се појавува металната и неметална индустрија, градежна и дрвна индустрија, текстилна и кожарска индустрија, прехрамбена и графичка индустрија, електростопанство и тутунска индустрија. Од доменот на индустријата нациналниот доход се формира близу 40%. Во целина нациналниот доход по глава на жител во поширокото подрачје се движел близу 300 долари, а за потесното подрачје во градот 430. До крајот на шеесетите години на минатиот век, градот броел 60.000 жители или во просек од 15 илјади домаќинства, кои живееле во 15 илјади станови, во повеќе од 3500 станбени згради претежно повеќекатници. Битола во овој период има развиена училишна мрежа со над 17 илјади ученици во 10 основни, 9 средни, виши и високи школи во се застапени училишта и паралелки о малцинствата. Во градот постојат и низа културни институции. Покрај три кино сали и Театар, во градот егзистираат Историски архив, Уметничка галерија, Музеј, Работнички универзитет, Градска библиотека, КУД „Стив Наумов“, Фолклорна група „Илинден“, повеќе професионални културни простории и локали од затворен тип и други. Исто така има Здруженија на ликовни уметници, Научно Друштво, Друштво на правниците, економистите и агрономите, Друштво на историчари и други. За потребите на школството и културата од буџетот на Општинското собрание преку одредени фондови и мерила се издвојувале околу 50 %. Во повоениот период на доменот на здраството градот регистрира извонредни резултати и развиток. Во овој период елиминирана е маларијата, морталитетот кај малите деца е сведен на минимум, а со подигањето на нов современ болнички објект со современа опрема, заштитата на здравјето на населението добива нови квалитети. Во него е застапен високостручен профил, од над 50 лекари. Покрај општественотото и приватното занаетчиство кое се прилагодува и како сервис на индустријата, постои и современо организирана и аранжирана исклучиво општествена трговија. Во градот во овој период постојат 11 трговски организации кои се занимаваат со продажба на стока на големо и мало, а некои од нив и со право на увоз на страна стока. Овие претпријатија имаат 178 продавници. Постојат уште 380 продавници на индустриски, стопански, задружни и други организации од градот и надвор од него. Во индустријата, трговијата, и занаетчиството запослени се над 19 илјади лица. Од овој период можеме да ја споменеме стопанската работна организација „Нова Трговија“ - Битола, кое беше добро позната по својата снабденост со стоки, но и со хуманоста во ублажувањето на последиците од земјотреси, поплави и сл. Потоа трговското претпријатие на големо за промет со прехрамбени стоки и куѓни потреби „Прехрана“ – Битола, која преку своите 56 колонијални продавници ги снабдуваше граѓаните со квалитетни прехрамбени производи месо. риба, емиш и зарзават. Тука и комуналното претпријатие „Водов и бањи“ , кое изведуваше водоисталатерски услуги, градба на водоводи и со своите две јавни купатила допринесуваше за одржување на хигиената во градот. Битола има историски предуслови и потенцијали за посројан развиток и растеж, но ако во него се применуваат синхронизирано, побрзо и поенергично идните научни, технички, технолошки и интеграциски процеси. (извор: Д. Грданов „Битола и Хераклеа низ вековите“, Битола, 1969, стр. 39-44) Македонска нација |