|
|
Дали светите браќа Кирил и Методиј биле потомци на античките македонци? |
Во овој текст ќе спомнеме неколку размислувања во врска со етничкото потекло на светите браќа Кирил и Методиј. Во нашата официјална историографија (училишни учебници и сл.) се учи дека по доаѓањето на т.н. „Македонски Словени“ од нивната прататковина зад Карпатите, некои од нив се населиле во Солунско и, во средината на 9 век, светите солунски браќа Константин (Кирил) и Методиј, како на туѓ народ, им подариле азбука. Уште и се учеше дека нивниот татко Лав бил „Грк“, но дека нивната мајка Марија (најверојатно) била „Словенка“, па оттаму тие го знаеле словенскиот јазик. Навидум нема ништо чудно во сето ова и ваквата теорија се пренесуваше и препишуваше низ генерациите историчари и публицисти, без некои посериозни и посеопфатни обиди за преиспитување на истата. Но, доволно е оваа теорија да се проанализира во малку поширок контекст на настаните од тоа време за да се откријат неколку крупни нелогичности во неа. Да почнеме со таткото на Светите браќа по име Лав. За потеклото на светите браќа, во Житието за Методиј, се вели: „Од таткова и мајчина страна тој (Методиј) не беше од прост род, туку од многу добар и чесен - познат прво на Бога и на царот и на целата Солунска област - како што се гледаше од неговиот телесен образ. Поради тоа и реторите го сакаа од детството, уште и зборуваа со почит кон него, до кога пак царот, штом научи за неговата бистрина, му даде да управува словенско кнежетво - би рекол како да предвидуваше дека ќе го испрати за учител на Словените и прв архиепископ, та да свикне со сите словенски обичаи и постепено да ги засака“. Во Житието за Константин уште подецидно е определено потеклото на светите солунски браќа. Овде читаме: „...Во градот Солун имаше еден маж од благороден род и богат, по има Лав, којшто заземаше чин на друнгариј потстратег... Живеејќи со својата жена изродија седум деца. Седмото, најмалото дете беше Константин, наш учител и наставник.“ Од овие извадоци од „Панонските легенди“ сосема јасно се гледа дека Константин и Методиј потекнувале од старо угледно солунско христијанско семејство, чиј татко имал висок воен чин во Византија. Впрочем, Константин како дете се дружел исклучиво со децата на богатите солунчани, што исто така зборува за неговото градско солунско потекло. Денес, некои македонски историчари сметаат дека таткото на светите браќа по име Лав бил етнички „Грк“ (!?), а така тврдат и историчари и публицисти од други држави. Дека ваквото тврдење е бесмислено ќе докажеме во продолжение. Познато е дека во Солун (но и во Македонија) во тие времиња никогаш не дошло до масовно населување на етнички Грци. Познато е дека уште Филип Втори (во 4 век пред Христа) ги иселил сите грчки колонисти од македонското крајбрежје, иако подоцна дозволил враќање на помал број од нив, но не во Солун, затоа што овој град тогаш не постоел. Уште од своето основање, Солун бил населен со етнички антички Македонци (кои, впрочем, се и негови основачи) и не постои ниту еден документ за масовно иселување или помор на античките Македонци од Солун! Се разбира дека, некои од нив, подоцна, поради разни околности биле нарекувани во разните хроники како „Грци“, „Ромеи“ и сл., но факт е дека тие и тогаш (генетски и крвно) си биле потомци на етничките антички Македонци. За етничкиот состав на Солун во антиката и во Средниот век постојат децидни податоци. Ќе наведеме некои од нив. Во 4 век, анонимен ранохристијански автор објавил кратки коментари на Писмата што Свети Павле ги испраќал до првите христијани, кои се познати од Новиот Завет. Овие коментари се објавени во книгата „The Gospel History and its Transmission“ (објавена во 1996 год.).“ Во врска со етничкиот состав на Солун (осврнувајќи се на Писмото до солуњаните од 1 век по Христа, овој анонимен христијански автор запишал: „Солуњаните се Македонци. Тие го прифатија Словото на вистината зачувано во верата дури и покрај прогонувањата на нивните сограѓани“. Значи во 1 век по Христа во Солун се уште биле доминантни Македонците. За етничкиот состав на Солун пишувал и Теодорит Кирски (393 – средина на 5 век), кој во врска со овој град запишал дека е: „...голем и многунаселен град, кој му припаѓа на македонскиот народ“ (ГИБИ, 1960, стр. 79 – 80). Во 815 година се родил Свети Методиј како прво дете на Лав и Марија. Ако претпоставиме дека татко му Лав тогаш имал помеѓу 25 и 30 години, тогаш заклучуваме дека Лав би бил роден некаде околу 785 и 790 година. Марија веројатно била помлада. Ова значи дека Лав и Марија се родиле во Солун нешто повеќе од триста години по сведоштвото за доминантниот македонски етнички карактер на Солун дадено од Теодорит Кирски. Но, дури и над еден век по раѓањето на таткото Лав, мнозинството солунчани себеси и натаму се декларирале како Македонци! Доказ за ова е сведоштвото од солунскиот хроничар Јован Каменијат, дадено во 904 година, во кое тој вели: „Нам пријателу, татковина ни е Солун. Тоа е првиот и најголем град на Македонците! (Интересен е прекарот на овој хроничар – несомнено тоа е денешната македонска придавка „Камениот“). При знаењето на сето ова, се поставува едно логично прашање. Како е можно таткото на светите браќа Лав да бил „Грк“, а сите негови сограѓани да биле Македонци? До колку и понатаму се тврди дека таткото на светите браќа бил етнички „Грк“, се создава еден нелогичен, па дури и смешен редослед за етничкиот состав на Солун. Според ваквиот редослед, во времето на античка Македонија, во Солун живееле Македонци, а Македонци (според изнесените сведоштва) живееле и во 1 и во 4 век по Христа. Но, на самиот крај од 8 век (во времето кога се родил таткото Лав), во истиот овој град живееле –„Грци“ (!?). И конечно, по повеќе од еден век по раѓањето на Лав (10 век, т.е. 904 година), во Солун повторно почнале да живеат Македонците (според сведоштвото на Јован Каменијат). Ваквата бесмислица индиректно ја прифатија повеќемина наши историчари (па дури и политичари), кои, без да размислат барем малку, и натаму тврдат дека таткото на светите браќа бил етнички „Грк“ (!?). Сите тие треба да знаат дека во Солун никогаш во Средновековието не дошло до масовно населување на Грци и никогаш не дошло до масовно иселување на античките Македонци и нивните потомци. Според тоа, етнички Грци во Солун во 9 век - немало (освен можеби поедини исклучоци). Посебно затоа што, дури и во 10 век, Солун се уште бил третиран како најголем град на Македонците. Значи, таткото на Светите браќа (како жител на Солун) најверојатно бил крвен потомок на античките Македонци, без разлика на тоа кој јазик тогаш го зборувал и како бил нарекуван од другите. Дека ни самиот Константин Филозоф себеси не се сметал за никаков Грк, индиција е и неговата изјава што тој ја дал за време на својот престој помеѓу припадниците на фулскиот народ (види во: „Панонски легенди“ во превод од Радмила Угриновска Скаловска). Константин (свети Кирил) таму видел како луѓето принесуваат жртви на едно големо дрво (даб сраснат со цреша) и, за да ги оттргне од оваа заблуда и да ги натера да го примаат христијанството, застанал меѓу нив и им рекол: „Хелените појдоа на вечна мака, зашто и на небото и на земјата се клањаа како на Бог на толку големи и добри нешта. А вие, што се клањате на едно дрво, безвредно нешто, наменето за горење, како ќе го избегнете вечниот оган?“ Она што е интересно во оваа изјава на Константин (свети Кирил) е неговото обвинување упатено на Хелените. Познато е дека терминот Хелени своевремено се користел не само како религиозен, туку и како етнички термин. Доказ за ова е фактот што, во антиката, имало и други народи и поединци, кои ги славеле истите богови што ги славеле и Грците, па сепак никогаш не биле наречени Хелени. Значи, терминот Хелени се користел и како етнички термин за Грците. Оттаму, до колку Константин Филозофот би бил етнички „Грк“ (Хелен), сигурно дека е не е сосема логично да зборувал за Хелените во трето лице множина. Се разбира дека отпаѓа и претпоставката дека нивната мајка била „Словенка од зад Карпатите“. Во Житието на Методиј јасно наведовме дека пишува: „Од таткова и мајчина страна тој (Методиј) не беше од прост род, туку од многу добар и чесен - познат прво на Бога и на царот и на целата Солунска област - како што се гледаше од неговиот телесен образ“. Во тоа време во Солун немало „прекудунавски Словени“ (барем не во значителна бројка – напротив нив тогаш ги имало околу градот, но биле непријателски настроени кон солуњаните). Освен тоа, овие „Словени“ воопшто не биле христијанизирани во времето на нејзиното раѓање, а јасно е дека таа носи христијанско име. Значи, наместо неубедливите, па дури и смешни теории за етничкото потекло на светите браќа (главно препишувани од странските историографии) потребно е нашата историографија посмело да го третира ова прашање и истото да го претставува пред меѓународната јавност.
|