|
|
Македонската принцеза и германска императорка |
Тихомир Каранфилов Со доаѓањето на Mакедонската династија на тронот на Источното римско царство (Византија), со кој владее од 867 до 1056 година, византиската империја го достигнала својот врв, како на политички, така и на културен план. Овој период се карактеризира со територијална експанзија и цветање на книжевноста и уметноста во Византиската империја. Градовите, населението и производството во Империјата било зголемено, а имало и значителен раст во образованието и културата. Во овој период сочуваните антички текстови биле трпеливо копирани, се појавувале прекрасни мозаици на ентериерите на многу нови цркви, едноставно уметноста цветала. Оттука овој период уште е познат како македонска ренесанса. Македонската династија го добива своето име по византискиот император Василие I (владее 867 - 886), кој бил роден во темата Македонија. Периодот на владеењето на Македонската династија, во кој меѓу другите се истакнуваат императорите Василиј I, Константин VII Порфирогенет (905 - 959), Никифор II Фока (963-969), Јован I Цимиски (969-976) и Василиј II (976 - 1025), уште е познат како Златен период на Византија. Во овој период на културен развој, византиската жена има посебно место во Источното римско царство. Таа игра клучна улога во византиското општество како владетел или ко-владетел на царството, потоа во уметност и архитектурата, како писатели, лекари за други жени, а згора на тоа и во судството. Една од нив е принцезата на македонската династија Теофанија Склераина (960 – 15.VI.991), внука на византискиот император Јован I Цимиски и Василиј I. На барање на императорот Отон I, договорот меѓу Светата Римска Империја и Источната Римска Империја, требал да се потврди со брак. Интересно е што првиот договор бил неуспешен, откако папата во писмото испратено во Цариград, владателот на Византија неумесно го именувал како „Грчки“. Со воздигнување на нов римски император, византискиот двор се сложува со договорот за брак, а Теофанија била ветена за германскиот крал Отон II (955-983), син на Отон I. Овој договор бил голем триумф за императорот на Светата Римска Империја, а Теофанија заминала за Рим со целиот свој сјај, како што доликува на принцеза од македонската династија. Венчавката меѓу Отон II и Теофанија била извршена на 14 април 972 година, од страна на папата Јован XIII во црквата Св. Петар во Рим. Тоа бил воедно и последниот сојуз меѓу двете големи империи. Доаѓањето на македонската принцеза Теофана на Рајна предизвикала доста возбуди. Облечена во свила и накитена, образованата Теофанија, која инсистирала секојдневно да се капе, предизвикала чудење. Озборувањето се зголемува откако таа инсистирала на дворот да се користат вилушки за јадење (имале два бода), наместо храната да се зема со раце. Иако има други извори кои говорат дека византиската принцеза Марија Аргирополина, која се омажила за синот на Венецијанскиот дужд во 1004 година, прва употребила прибор за јадење, најголем дел од историчарите сметаат дека токму македонската принцеза Теофанија ја има заслугата за воведување на вилушката во Западна Европа. Интересно е да се напомене дека во 973 година, Цар Самоил со брат му Арон биле на дворот на германскиот цар за да му го честитаат Велигден и да му побараат политичка поддршка. Се смета дека како подарок му однеле една свилена завеса, на која е претставен орелскиот лет на Александар Македонски, која денес се чува во музејот во Вирцбург. На завесата е претставен Александар кому два орли (христијански симбол) на главата му ставаат златна круна со три крста! По смртта на Отон I во 973 година, Теофанија стана ко-владател (imperatrix) на својот сопруг Отон II. Таа владее со тогашната германска Империја која ја сочинуваа западна и средна Германија, Холандија, Белгија, Луксембург, Австрија, Боемија (Чешка), Западна Франција, Швајцарија и половина од Италија. Откако нејзиниот сопруг починал ненадејно во 983 година, таа станала регент на малиот син Отон III и владее со империјата се` до нејзината смрт во 991 година. Теофанија е погребана во црквата Св. Пантелејмон во Келн, додека нејзиниот сопруг Отон II во црквата Св. Петар во Рим. Бракот на Теофанија со Отон II имал драматично влијание во Германија и на односите на Источното и Западното римско царство. Тука е и поддршката која ја добива Самоил и неговото подоцнежно крунисување од страна на Рим. Исто така, периодот на владеењето на Теофанија се смета за врв на византиското уметничко влијание во Западна Европа, односно за влијание на македонско-христијанска култура во Германската империја. Македонската принцеза и германска императорка Теофанија, во која тече македонска крв, била ктиторка на бројни цркви, манастири, катедрали и библиотеки. Една од нив е катедралата во германскиот град Хилдесхајм (Hildesheim), за која се смета дека е изградена во типичен македонски стил. Исто така, во црквата Св. Пантелејмон (Св. Пантелеон) во градот Келн, која под нејзино будно око е изградена од епископот Бруно, брат на нејзиниот сопруг, постојат слични орнаменти како и истоимената црква во Скопје. Таа е основач и на градот Есен чии заштитници се Кузман и Дамјан, македонски лекари и маченици за христијанската религија. По повеќе од еден милениум откако Западот научи како се користи приборот за јадење и стекна навики за капање, денес тој си поигрува со македонскиот народ, негирајќи го неговиот идентитет и култура. |