|
|
Македонските цареви од династијата Аргеади |
Според античките записи, со името Аргеади се означува првата царска династија во Македонија (Аргеас е епонимниот херој на Македон), која се поврзува со градот Арг во Орестида. Кон крајот на VIII век п.н.е., под водство на македонските владетели, започнува процес на обединување на долномакедонските и горномакедонските племиња во една држава. Владетелската династија Аргеади е парадигма за организирано владеење со векови, со една единствена цел, Македонија да стане моќна држава. Историскиот период на владеењето на македонските цареви од династијата Аргеади започнува во 707 г. п.н.е. и трае сеж до 310/309 г. п.н.е. Имињата на македонските цареви по хронолошки ред се: Пердика I, Аргај, Филип, Аероп I, Алкета, Аминта I, Александар I, Пердика II, Архелај I, Орест, Аероп II, Аминта II, Павсаниј, Аминта III, Александар II, Птолемај Алорски, Пердика III, Филип ИИ, Александар ИИИ, Филип III, Александар ИВ(310/309 г. п.н.е.). Моќта на македонската држава се должи на способни владетели, устремени кон економско, политичко и социјално јакнење на државата, неповредливост на државните граници, создавање на моќно воено устројство, обезбедување на поволна позиција меѓу државите на Балканот, со хегемонистички претензии кон Хелада. Македонија и Македонците стануваат доминантен чинител на Балканот за време на Филип ИИ Македонски, со идејата за освојување на Светот, реализирана од неговиот син Александар III Македонски. Историјата на најстарата македонска династија накусо е забележана во историографиите на Херодот и на Тукидид. Во овие записи има голем број легенди за основањето на македонската династија (легендата за трите браќа, Пердика, Аероп и Гаван) и голем број податоци за древните обичаи и митови на Македонците (митолошката претстава на Сонцето, реката). Првиот македонски басилевс Пердика I (ок. 707–659) заповедал да биде погребан во Ајга, првата македонска престолнина, така што не само неговите туку и коските на подоцнежните цареви да бидат таму полагани (според македонската легенда, на овој начин царската власт останувала во семејството). За следните владетели Аргај (ок. 659–645), Филип И (ок. 644–640) и Аероп И(ок. 639–574) има малку податоци, а се однесуваат на нивното војување со Илирите. Аероп војува и со Тракијците, ја јакне македонската воена организација и ја проширува државата. Поопширни историски записи има за македонскиот цар Аминта И и неговиот син Александар И. Во ова време започнува воениот поход на персиската војска на Балканот (513 г. п.н.е.) и нејзиното движење преку Македонија кон Хелада. Аминта И (540–498) во почеток владее со Пиерија, Ботиаја и Еордаја, но власта ја проширува во областа покрај делтата на Аксиј и западна Мигдонија – областа Анатемунт, сеж до северната граница на државата – планината Дисор. Аминта воспоставува добри политички и трговски врски со Пизистратите од Атина. По походот на Дареј против Скитија, Македонија е принудена да ја признае персиската власт. Следниот владетел е Александар И (498–454), во хеленистичко време наречен Филхелен (љубител на Хелените), постар син на Аминта I. Владее во Долна Македонија, од Олимп па сеж до реката Стримон (Струма), како и во дел од Горна Македонија (Линкестида, Орестида, Елимеја). Во првите години од владеењето на Александар И територијата на Македонија е под контрола на огромна војска на персискиот цар Ксеркс во која влегуваат војски од сите освоени етноси на Балканот; И македонската војска учествува во Грчко-персиската војна на страна на Персијците. Според Херодот, Александар испраќа гласници до хеленската војска, сместена во Темпе (480 г. п.н.е.), премин од Долна Македонија кон Тесалија, за да ги предупреди Хелените на опасноста и големината на персиската војска; истовремено, Александар е испратен од Ксерксовиот војсководител Мардониј во Атина за да им порача на атињаните да влезат во сојуз со Персија; а пред битката кај Платаја, „Александар Македонецот“ тајно излегува од логорот на персиската војска за да им го пренесе на атињаните планот на Мардониј. Се чини дека сите овие епизоди од Грчко-персиската војна Херодот ги раскажува за да ги оправда наклоноста и пријателските односи на Атина кон македонскиот цар, кој е прогласен за проксен и евергет (доброчинител и пријател) на Атина, а по Грчко-персиската војна му е поставена златна статуа во Делфи. Најверојатно наклоноста се должи и на постојаните трговски врски помеѓу овие две држави, посебно на испораката на дрвен материјал од Македонија, неопходен за атинската флота. Од друга страна, повторно според Херодот, Александар сака да се натпреварува на Олимписките игри на Хелените, но Хелените не му допуштаат, зашто „натпреварот не е за барбари, туку за Хелени“; поради ова Александар е принуден да го докажува своето хеленско потекло, користејќи ја хомонимијата меѓу Арг во Орестида и Арг на Пелопонез. Освен овој книжевен податок, победата на Александар на Олимписките игри не е забележана во зачуваните списоци на олимписките победници. По Грчко-персиската војна, со приклучување на новите територии на Едонците на исток до реката Стримон, Александар И економски ја зајакнува државата со експлоатација на рудникот за сребро на планината Дисор, со што започнува монетоковењето на македонските владетели. По смртта на Александар I власта е поделена помеѓу неговите синови: Пердика ја добива врховната власт во Ајга, Филип во Амфакситида, за Алкета не е познато кој дел од Царството му е даден, а Аминта и Менелај остануваат анонимни како владетели. Пердика II (454/413–414/413) ја следи основната цел на претходните македонски владетели – создавање моќна македонска држава, а за таа цел користи сложени дипломатски игри, тактики и стратегии. Пердика II владее за време на Пелопонеската војна (Тукидид) и го користи непријателството на најголемите хеленски полиси Атина и Спарта; македонскиот цар го поттикнува антагонизмот помеѓу нив и дипломатски, според интересите на својата држава, се приклонува кон едниот или другиот полис. Во ова време односите помеѓу Македонија и Атина се судираат на северниот брег на Егејското Море, во басенот на реката Стримон, каде се формира атинската колонија Амфипол (437/436 г. п.н.е.). Овој град има неверојатно значајна стратегиска положба, зашто е сместен во област што е посебно значајна за трговијата со дрвен материјал, неопходен за корабоградбата, но и област која на Атина иж овозможува контрола над копнениот пат на житото од Крим. Македонија е двапати нападната од атинската војска кај Пидна и, благодарение на коринтската војска, која им се спротивставува на атињаните во битката за Потидаја (432 г. п.н.е.), запираат битките кај Пидна. Воениот судир се обновува кога Пердика склучува договор за воена помош со Спарта, а Атина, заедно со одрискиот владетел Ситалк, се подготвува да ја нападне Македонија. Многубројната војска на Ситалк, преку Струмичката Котлина и Добер (Валандово), навлегува во Амфакситида и ги пустоши Мигдонија, Крестонија и Анатемунт. По едномесечно војување, Ситалк не ја добива ветената помош од Атина и тракиската војска се повлекува. Пердика склучува мировен договор со Ситалк и ја мажи својата сестра Стратоника за идниот одриски наследник. Загрозени од атинските напади, Македонија и халкидичките градови бараат помош од Спарта. Како помош во Македонија пристигнува спартанската војска на чело со војсководителот Брасида, кој успешно војува и го зазема Амфипол. Според договорот, Брасида со голема војска му помага на Пердика (424/423 г. п.н.е.) да завојува против линкестискиот владетел Арабај, кој се противи на централната македонска власт; но спартанско-македонскиот сојуз е раскинат зашто спартанците остануваат сами да се борат со илирската војска, која војува на страна на Арабај. Овој воен поход на спартанците завршува по битката кај Амфипол, каде што загинуваат спартанскиот војсководител Брасида и атинскиот Клеон. Во 417/416 г. п.н.е. македонскиот цар е прогласен за атински непријател, зашто во битката за освојување на Амфипол не им испраќа воена помош на атињаните и се приклонува повторно кон Спарта. Атина испраќа војска на македонскиот брег кај Метона за да ја пустоши земјата. Но, и по овие настани, историчарот Тукидид запишува дека Пердика повторно војува заедно со атињаните кај Амфипол (414 г. п.н.е.). Во овој историски период, набиен со воени судири и силни политички влијанија на моќните полиси Атина и Спарта, Пердика успева да ја зајакне македонската држава и да се погрижи за културното издигање на Македонија преку постојаните културни контакти со хеленскиот свет. На дворот на македонскиот владетел се присутни многу учени Хелени (на пример, познатиот лекар Хиперит и дитирамбискиот поет Меланипид). Идејата за политички, воено и културно моќна Македонија ја следи и наредниот цар Архелај I (413–399), син на Пердика ИИ. Во ова време констелацијата на воените и политички настани во хеленскиот свет создава нов однос на Атина спрема Македонија; за време на Пелопонеската војна атинската воена и економска моќ е уништена, а Македонија добива големо значење со испораката на дрвена граѓа за потребите на флотата на атинската демократска странка. Поради заемниот интерес се воспоставуваат подобри трговски и пријателски односи помеѓу Архелај и Атина; така, Архелај ја добива почесната атинска титула проксен; сепак, според Трасимах, Архелај е „барбарин“ наспрема Хелените и затоа не може да стане член на Пелопонескиот сојуз. Новите политички односи му овозможуваат на македонскиот цар да ја зацврсти и да ја прошири државата со спроведување воени и монетарни реформи. Архелај воено и политички им ја наметнува својата власт на горномакедонските области во кои владееле Арабај (Линкестида) и Сира. Според Тукидид, Архелај гради голем број тврдини, рамни патишта, организира сеж што е потребно за војување: коњи, оружје и друга опрема, поуспешно од сите други цареви што владееле пред него. Најверојатно од геостратегиски и економски причини, Архелај ја пренесува престолнината од Ајга во Пела, која во време на Филип ИИ се издига до вистинска престолнина. Централната позиција на новиот политички и административен центар на Царството – Пела овозможува да се контролира целата територија на државата: на запад, до планината Пинд, на исток до реката Стримон, на север – патот по долината на Аксиј, а на југ – морето со пристаништето не езерото Лудија – Факос. Архелај економски ја зајакнува својата држава со спроведување „монетарни реформи“, т.е. промена на монетарниот систем во лидископерсиски; од негово време има голем број нови монети, кои се користеле долго време и на многу широка територија. Архелај И воспоставува македонски Олимписки игри (гимнастички, музички и драмски натпревари во чест на Диос и Музите) во светиот град Дион. Македонскиот цар станува „мецена“ на уметноста, а Пела – културен центар на Балканот, град-домаќин на видни мажи: историчарот Тукидид, трагичарот Агатон, епскиот поет Хојрил од Самос, китаристот Тимотеј од Милет, зографот Зевксиј, кој го исликал дворецот во Пела и ја основал македонската сликарска школа; трагичарот Еврипид последните години од животот ги поминува на македонскиот двор, каде што ги пишува драмата Архелај (посветена на владетелот) и трагедиите Бахии и Ифигенија во Авлида. Еврипид починал во Македонија (408 г. пр. н.е.), а погребан е во градот Аретуса; надгробниот епитаф го составува македонскиот поет Адај. Има податок дека Атина ги побарала посмртните останки на Еврипид, но Македонското народно собрание го одбива ова барање. Пред крајот на животот Архелај војува со линкестискиот владетел Арабај и со Сира за превласт во Македонија. Македонскиот владетел е убиен за време на лов. ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД Уредник: Проф. Д-р Тодор Чепреганов Автори: проф. д-р Анета Шукарова проф. д-р Митко Б. Панов проф. д-р Драги Ѓоргиев проф. д-р Крсте Битовски акад. Иван Катарџиев проф. д-р Ванче Стојчев проф. д-р Новица Велјановски проф. д-р Тодор Чепреганов |