|
|
Македонско културно здружение „Јане Сандански“ во Брисел (1962-1964) |
Македонската патриотска организација (МПО) која ги подржувала големобугарските аспирации спрема Македонија била концентрирана главно во Северна Америка. Меѓутоа по Втората светска војна МПО се обидела своето влијание да го прошири и во Европа и тоа пред сѐ поради бранот на новодојдени македонски политички емигранти во 50-тите години од XX век во Западна Европа. Концентрацијата на Македонците во Брисел, Белгија било одлучувачко за МПО да се обиде да го прошири своето влијание во Западна Европа, преку формирањето на клубот „Тодор Александров“. Во тој период биле формирани две македонски политички организации, првата „Македонски национален фронт“ (1956) во Франција, а потоа и „Македонски национален комитет“ (1959-1961) во Шведска предводени од емигрантот Драган Богдановски. Крајната цел на двете организации била идентична: независна и обединета македонска држава на македонскиот народ, а со тоа организациите, а особено Драган Богдановски, добиле непомирливи непријатели во лицето на ванчомихајловистите и нивниот клуб „Тодор Александров“. Таа нивна нетрпеливост растела и во наредниот период, кога Богдановски се преселил токму во градот каде било седиштето на клубот „Тодор Александров“, Брисел. Имено во зимата 1962/63 година Богдановски помогнал да се формира и да профункционира клуб-друштво за Македонците од Брисел, кое официјално за тамошните власти требало да дејствува како културно друштво. Преку ова друштво Богдановски се обидел да им помогне на тамошните Македонци, кои го напуштиле друштвото „Тодор Александров“, но не биле организирани. За потребите на новиот клуб, Богдановски максимално се ангажирал. Изнајмил куќа, ја опремил со мебел и мала библиотека за што потрошил околу 100.000 белгиски франци. На основачкото собрание учествувале околу 40 Македонци, решено било клубот да се вика „Јане Сандански“ и да функционира како „македонско културно здружение“, а за претседател бил избран Ѓорѓи Манев. Друштвото било регистрирано во општината, а имало и статут, чиј автор бил Богдановски. Формирањето на друштвото нe останало незабележано, од ванчомихајловистите од „Тодор Александров“, кои неможејќи да се помират со фактот дека бил формиран ваков клуб направиле инцидент уште при одржувањето на основачкото собрание. Тогаш упаднале неколку лица кои вербално ги нападнале присутните па дури била испровоцирана и физичка пресметка. Било одлучено клубот да печати и свое гласило под името „Македонска мисла“, како списание за култура и општествени прашања. Првиот број излегол во јули 1964 година и бил уредуван од Редакциски колегиум во состав: Михаил Чекич, Јован Павлов и Крсте Стојановски, но најголем број од текстовите биле потпишани од Драган Богдановски. Во воведната статија од првиот број била објаснета намерата на списанието каде меѓудругото се вели: „Денес во емиграцијата има неколку македонски изданија, од кои некои се вистински македонски и национални кои се издаваат на македонски литературен јазик и ги заштитуваат македонските национални интереси, а други, псевдомакедонски како ‘Македонска трибуна’ и ‘Македонски глас’, што се издавани од група родоотстапници на бугарски јазик, сеејќи во нив замаглување и фалсификаторство за националниот карактер на Македонците, нивното историско минато и нивната борба за национална самостојност. За разлика од од последните псевдомакедонски трибуни и гласови, нашето списание ‘Македонска мисла’ ќе биде во редот на вистинските национални македонски изданија во емиграцијата, и со својата содржина и цел, тоа ќе се разликува од нив, по тоа што ќе биде културно-просветно списание.“ Списанието редовно излегувало и клубот одлично функционирал сé до крајот на 1964 година, односно, додека во Брисел престојувал Богдановски и сета грижа и одговорност за функционирањето на клубот била негова. Па така кон крајот на 1964 година излегол и последниот петти број на „Македонска мисла“. Кога Богдановски го напуштил Брисел, веднаш започнале несогласувањата меѓу членовите на Управата, кои биле толку големи и непремостиви што предизвикале растурање на клубот, па дури мебелот и библиотеката биле буквално разграбани од просториите. Подоцна Богдановски дошол до сознанија дека сето тоа било дело на луѓето од „Тодор Александров“, кои на своја страна го придобиле благајникот Крсте Боглев кој го направил раздорот. Дејствувањето на „Јане Сандански“ иако кратко било од големо значење за Македонците во Белгија, за збогатување на нивниот социјален и културен живот, како и за јакнење на националното чувство. Влијанието на „Тодор Александров“ сред македонската емиграција започнало да е намалува, а финален удар Драган Богдановски му нанесува на овој клуб во периодот кога го предводи „Движењето за ослободување и обединување на Македонија“, и тој клуб продолжил да функционира и во наредните децении но само номинално, со мало членство и намален авторитет и влијание. Д-р Марјан Иваноски |