|
|
Градовете на Приморска Македонија меѓу двете светски војни – Кукуш |
Македонска нација По Балканските и Првата светска војна составот на населението на Егејска Македонија многу се измени. Прогонот на Македонците, кој веднаш го започна Атина предизвика масовно иселување на Македонците од т.н. Приморска Македонија. Типичен пример за насилните промени кои се случуваат во македонските приморски градови е градот Кукуш, расположен сред најбогатата рамнина во Македонија, на една ридеста месност, која на североисток се слева со Круша Планина (Карадак), а одалечен 35 км северно од Солун. Родниот град на македонските дејци Гоце Делчев, Димитар Влахов и други, пред војните е голем македонски град. Според Васил К’нчов (Македонија, етнографија и статистика) во 1900 година Кукуш има 7750 жители, од кои 7000 Македонци и 750 Турци, По Димитар Мишев во 1905 година Кукуш има над 10.000 Македонци. Од кои најголем дел се егзархисти (9712), а сосема мал дел унијати (592), патријаршисти (40) и протестанти (16). Во 1911 година 83,4 % од жителите на градот се Македонци, 15% се Турци, а 0,7% се Роми. Во текот на Првата балканска војна градот Кукуш е ослободен на 23 октомври 1912 година од четите бр.26 и бр.52 на Македонско-одринско ополчение предводени од Георги Толев (Гоце Меѓуречки) и Тодор Александров и од месните чети. За време на Втората балканска војна градот е превземен и изгорен до темел од грчката армија, а населението пребегнало во Бугарија. Корнегиевата комисија ќе констатира дека градот бил подложен на систематско уништување заради македонскиот карактер. При овој вандалски акт, изгорени се 1846 куќи, 612 дуќани и 6 воденици. Во областа се разорени и опожарени манастирот св. Георги и 40 македонски села. Денешниот град се наоѓа во близина до стариот град и е населен најмногу од жителите на околните села и од грчки доселеници од Бугарија и Источна Тракија. Во 1928 година во Кукуш имало 1679 бегалски семејства со 6.433 души. Во статијата „Градовете на Приморска Македонија“ објавена во 1936 година во „Македонски Преглед“ („Македонски Прегледъ“, година X, книга 3-4, София, 1936), авторот Димитар Атанасов во својот осврт за колонизацијата на овој град, смесетен во подножјето на не толку високиот рид Свети Ѓорѓија, заштитник на Кукуш, ќе го забележи следното
Град Кукуш е во подобра економска состојба денес не само поради тоа што е центар на голема и богата област, но и поради тоа што самиот тој поседува извонредно големо земјиште. Претходно тоа било користено за ниви и ливади и само делумно беше засадено со лозја. Денес населението на градот, кое еднаш стекнало градски навики, постепено се откажува од првите две типични рурални култури и преминува кон култури, карактеристични за градските земјишта, имено овоштарници, лозја и некои индустриски растенија. He само што сите стари лозја, уништени од филоксерата, се обновени, но и многу нови се засадени, особено на север од ридот Св. Ѓорѓи, дури до селата Шекерли(Шекерки) и Серсемли (познати уште како Захаратон и Ксеровриси). Се` во оваа насока ... се засадени и многу овоштарници, главно јаболкови дрвја кои, според месните луѓе давале обилен и многу ароматичен плод кој дури би можел да се извезува, ако се произведува поголемо количество од една иста сорта. Само местата непосредно на југ и на исток од градот се ниви засеани со жито и пченка, иако овощните градини и тука веќе почнале да се појавуваат. Само на запад од градот, на карпестиот, речиси без секаква почвена покривка на теренот, се задржаа и до денес неразорани површини кои служат за пасење на добиток кој не се одгледува во самиот град, туку во оградите надвор од градот. Поради тоа во последниот недостасува типична за (македонските н.з) села и мали градови мирис на органско ѓубриво и облаците од прав секое утро и секоја вечер при терањето и прибирањето на добитокот. И во овој поглед Кукуш се јавува како многу помодерен од доста други балкански градови. Извонредно остар е кснтрастот помеѓу овој модерен град и црквата Св. Ѓорѓи, изградена на истоимениот рид кој стрмно се издига непосредно на север од градот. Тоа е црква на некогашен манастир, наречен по името на покровителот на градот Св. Ѓорѓи. До балканските војни таа темелно била одржувана, со двор ограден со убав зид. Сред дворот се крева камбана со диаметар околу еден метар, излеана во Русија во 1892 година. Таа и денес виси на дрвените столбови, само што “јазикот“ е откачен и таа веќе не го разнесува својот звон по пространата Кукушка област. Срушен е и зидот, кој го оградува дворот, изронета е прилично од надвор и самата црква. Нејзините врати се цврсто заковани, во неа со години човек не стапнал, пред нејзиниот олтар долго време не ce слушнал молитвен глас. Женското одделение, оградено со решетки, цело е покриено со прав, црвите почнале да ги разјадуваат седиштата, опфаќајќи ги сите страни на долниот кат. Оние кои го почитуваа патронот на градот и неговиот светол храм се протерани далеку од својот роден крај. За новите доселеници тој не е симбол каков што бил пред тоа, па денес никој не се грижи за него. Св. Ѓорѓи не е денес ништо друго освен една жива старина, за која никој во новиот град не се интересира, која живее само во спомените на прогонетите кукушани. Само поради таа црква тие би можеле да го познаат родниот град. Инаку од него не остана денес ниту трага. Избришани се дури и старите гробишта.“ Инаку, иселувањето на Македонците доби широки размери по потпишаната конвенција на 27.XI 1919 година меѓу Грција и Бугарија за „доброволна" размена на население. Тогаш беа насила протерани и преселени во Бугарија повеќе десетици илјади Македонци од Грција. Нов бран иселувања се случи по грчко-турската војна (1919 - 1922). По склучување на Лозанскиот договор во 1923 година помеѓу Грција и Турција за размена на муслиманското и христијанското население во двете држави, во текот на 1924 година, околу 40 илјади муслимани од македонско потекло, беше преселено во Турција. Истовремено, во Егејска Македонија се населуваа бројни групи Грци од Мала Азија и Кавказ. Како последица на извршените преселувања по Првата светска војна, значително се измени етничкиот состав на населението во северна Грција на штета на Македонците, а во полза на Грците. Во 1920 година населението на Егејска Македонија броеше 1.090.349 и неговото мнозинство го сочинуваа главно Македонци и муслимани; во 1928 година, пак, тоа достигна 1.418.477 жители благодарејќи на неколкуте стотини илјади доселени Грци. |